Стресот во духовниот живот Јеромонах Атанасиј Арсоски

СТРЕСОТ ВО ДУХОВНИОТ ЖИВОТ

Еден од главните белези на денешната епоха е стресот. Различни се причините поради кои луѓето доживуваат стрес, кој може да биде или моментален или континуиран.

Секојдневните обврски вршат голем притисок, при што и времето станува кратко и недоволно. Човекот, навистина, треба да биде активен, да работи, твори итн.

Но кога ќе почне да се задушува во сопствените активности, тогаш целото негово битие се бунтува. Работните, семејните и останатите секојдневни активности и обврски некако стануваат поробувачи и сурови мачители на човекот.

Наместо средства стануваат цел, и тогаш се изреметува целокупниот поредок на секојдневното живеење.

Кога би имал можност да се погледне себеси однадвор, би се видел како некое суштество помеѓу машина и животно, кое живее и работи инстиктивно, задоволувајќи се во исполнувањето на обичните телесни и материјални обврски и уживања.

Кога мотивот за извршување на некоја работа е само материјалната полза (за плата и сл.), тогаш посветеноста не може да биде на потребното ниво, иако можеби изгледа дека се вложуваат сите сили и напори.

Но длабоко во себе, колку и да се залажува, секој чувствува дека тоа не е природната причина за реализирање на даровите што Господ му ги дал.

Затоа, таквиот пристап неминовно ќе доведе до стрес, па и други видови психички пореметувања. Секој треба да си ги препознае своите дарови и да се труди максимално да ги реализира. На тој начин постојано расте и се надградува неговата личност.

Чувствувајќи го неподносливиот замор од таквиот животен ритам некои луѓе бараат олеснувања на разни страни, а особено се насочуваат кон духовноста.

Не ретко тоа е главната причина многумина да ѝ пристапат на Црквата.

И тоа е во ред како почетен чекор, бидејќи и Самиот Христос порачува:

„Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мат. 11, 28).

Со стекнувањето слобода во Христа, добиваме мир и спокој. Но тоа претставува последица од возљубувањето на Христос и слободното и љубовно предавање на сиот свој живот на Христа Бога.

Активностите што го окупираат христијанинот во секојдневниот живот не секогаш се од типот на секојдневните потреби за материјален опстанок.

Причина за влегување во Црквата може да биде барањето спокој, и тогаш тие луѓе можеби за првпат во својот живот се среќаваат со духовност.

Во искуството на Црквата среќаваат разни техники на применување духовност (пост, восредоточеност, читање молитви, внимавање на постапките и мислите, тихување итн.), коишто извадени од нивниот вистински контекст немаат никакво значење.

Меѓутоа, нивното применување им изгледа како добар метод за ослободување од стресот и напнатоста. Разновидните таканаречени „духовни техники“ ги употребуваат заради стекнување мир и спокој.

Во таквото сфаќање и прифаќање на духовниот живот преовладува егоизмот и себељубието, бидејќи целото внимание е насочено кон сопствената душевна благосостојба.

Но целта на животот во Црквата не е сопственото самозадоволување, туку искрената желба за стекнување на Божјата љубов.

Причина за нашето христијанско живеење треба да биде љубовта кон Бога и кон луѓето. Од таквото настроение произлегуваат сите пројави на духовниот живот, коишто во тој случај веќе не се методи и техники на духовност, туку манифестации на нашата несебична љубов.

„Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое“ (Јн. 14, 23 – 24).

Овие Христови зборови го покажуваат нормалниот редослед на духовниот живот. Од љубовта кон Бога произлегуваат сите т.н. духовни активности.

Не постојат ни правила, ни техники, туку само едно е потребно:

Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа и со сиот свој разум; возљуби го својот ближен како себеси“ (Мат. 22, 37 – 38).

Причината за водењето на христијански духовен живот не треба да биде барањето мир и спокој за себеси, среќа, напредок во работата и сл. Доколку на Бога Му пристапуваме со такво настроение на срцето, ние покажуваме дека не ни е важен Он и љубовната заедница со Него, туку само ни треба нешто да ни даде или дава постојано.

Всушност, во таквото себељубиво „духовно“ живеење не се ни остава простор за Бога. Тоа претставува побожност без Бога, според прекрасното забележување на отец Александар Шмеман.

Живеејќи на тој начин, човекот е под постојан притисок и стрес, зашто целата концентрација му е насочена кон тоа да не згреши нешто, да не прекрши некоја заповед, некое правило итн.

Тука нема место за позитивно расположение.

Така срцето ги затвара вратите и во него не влегува Бог.

Оставен сам, на своите сили, човекот уште некое време ќе се труди да исполнува правила сè додека не увиди дека со „духовниот“ начин на живот тој паднал во мрежите на уште поголем притисок и стрес од оној што го предизвикува обичниот секојдневен живот.

И сето тоа поради погрешното сфаќање за Бога. Црквата не е религиозна институција која нуди рецепти за мир, спокој, благосостојба, туку е заедница на луѓе, чијашто глава е Христос.

Црквата е Тело Христово, Богочовечки организам и во неа се остварува целта поради која се создадени човекот и светот. Живеејќи во Црквата, учествуваме во Христовото воскресение и ја надминуваме смртта, којашто е најглавниот и најголем непријател на човештвото.

Во Воскресението учествуваме ако ја стекнуваме Божјата љубов, а љубејќи Го Бога ние Го љубиме и сè она што Он љуби. Тоа треба да ни биде единствениот мотив и поттик за учество во Светите Тајни на Црквата, а особено во Светата Литургија.

Не се причестуваме за да добиеме нешто, туку затоа што љубовта нè тера да се соединиме со Возљубениот Христос.

Не се молиме затоа што така ни налага некое молитвено правило, туку оној кој љуби сака што почесто да општи со љубениот.

Не постиме затоа што така налагаат црковните одредби, туку затоа што преку постот се вежбаме во воздржание и себеодрекување заради љубовта кон Бога и ближниот.

Не се воздржуваме од нечисти и острастени помисли за да си имаме душевен мир, туку за да го очистиме срцето кое треба да стане Божјо живеалиште.

И да не ги набројувам сите аспекти на духовниот живот, бидејќи принципот е ист.

Така ја исполнуваме целта заради која постоиме. И тогаш нашето психофизичко битие живее во хармонија, па стресот и неурозите сами по себе исчезнуваат, како што тоа го забележува светиот апостол Павле:

„А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост. Против такви нема закон“ (Гал. 5, 22-23).

Значи, мирот и спокојот се резултат на љубовната заедница со Бога и со сите луѓе. Тие се дарови на Светиот Дух, и ние со никаква „духовна“ техника не можеме да ги стекнеме.

А сè додека на прво место се ставаме себеси и себељубиво посакуваме спас во вид на некој неодреден душевен мир, нема да можеме да се извлечеме од канџите на стресот.

Да не создаваме идол од духовниот живот, туку да го отвараме срцето за Христос и за ближниот.

Живеејќи така, не ни се потребни ни правила, ни закони и одредби за однесување и размислување, бидејќи единствениот закон според кој се владееме е несебичната љубов.

Претходна статијаСекогаш сме ние виновни и никој друг!
Следна статијаПричестувај се, зашто не знаеш кога Господ ќе те повика. Биди спремен!