За совршенството

Кога некој го осудува и понижува својот ближен во своето срце, го навредува секогаш кога за тоа наоѓа можност, го поучува со гнев и лутина, го клевети пред секого; тоа го прави туѓ на милоста, што ја добивале светиите украсени со добродетелен живот.

Тоа ги уништува трудовите што ги презема човекот – неговите добри плодови.

Оној што говори: ” Јас ги оплакувам своите гревови”, а не прави ништо од тоа, што го вели, тој е безумен, а оној што говори:

” Јас плачам за моите гревови”, а продолжува да ги прави, тој се мами себе си.

Оној што го бара молчењето (безмолвието), а не се грижи истовремено да ги отфрли своите страсти, тој е слеп во делото на изградбата на своите добродетели.

Оној што ги оставил своите гревови во невнимание, а се грижи да ги поправи другите, тој ѝ е туѓ на срдечната молитва и на разумната прозба од Бога.

Еве, што е вистинска храброст, кога човек се бори со изминатите гревови, кога се моли за тоа одново да не падне во нив, ни во своето срце, ни на дело, ни со чувство.

Блажен е оној што ќе успее да ја победи желбата за грешење, што ќе се бори против неа искрено и без лукавство.

Впрочем, тоа е дело на оние што имаат вистински плач и што не го осудуваат својот ближен.

Зашто, ако си загрижен за своите гревови, тоа нема да ти дозволи да се грижиш за гревовите на ближниот.

Оној што враќа зло за зло – тој е далеку од плачот.

Приврзувањето за нешто светско од славољубие, и тоа е далеку од плачот, далеку е дури и од самата помисла за него.

Да тажиш за тоа што не го прифатиле твоето мислење за нешто, далеку е од плачот.

Да ја извршуваш својата волја – тоа е далеку од него.

Да кажеш за некого дека е добар или лош, а во исто време знаеш дека си полош од него, срамно е, и тоа не ти дозволува да ги видиш своите гревови.

Ако некој те навреди, а ти се натажиш, и тука нема место за плач.

Ако имаш некакви светски работи и претрпиш некаква штета, па почнеш да тажиш, покажуваш дека немаш страв Божји.

Ако кажат нешто за тебе лошо, за што дури и самиот не знаеш, а ти се натажиш, и овде нема страв Божји.

Ако некој те прославува, а ти го прифатиш тоа, и тогаш покажуваш дека нема страв Божји во тебе.

Ако трчаш по славите од овој свет и сакаш да бидеш со нив, и тогаш немаш страв Божји во тебе.

Ако некој разговарајќи со тебе, посака да спори за нешто, а ти настојуваш да ги прифати твоите зборови, а ти се натажиш поради тоа, и тогаш нема страв Божји во тебе.

Ако ги презрат твоите зборови, а ти се натажиш поради тоа, покажуваш дека страв Божји нема во тебе.

Сето ова го открива стариот човек и покажува дека е тој уште жив, дека ја пројавува својата власт, покажува дека нема внатрешна власт што се бори против него, покажува и докажува дека таму нема страв Божји и вистински плач.

Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том 1.

Подготви: Светланка Трајкова

Претходна статијаПремудроста на Христијанинот се состои во едноставноста на срцето!
Следна статијаКаква е тежината да се изговори еден збор : „згрешив“! (Св. Јован Златоуст)