„Се случува понекогаш да се колебаме или да се откажуваме од Причеста со Телото и Крвта Христови заради борбата што се случува во нас после претрпената повреда од некого.

Може, но не мора да значи.

Зависи.

Ако имаме лоши мисли и чувства за оној кој со нешто нѐ повредил, а против кои не се бориме – напротив, ги прифаќаме, тогаш не може и да се причестуваме.

За враќање на зло со зло преку збор или дело, и да не говориме.

Ако против лошите мисли и чувства, за оној кој со нешто нѐ повредил, се бориме и не ги прифаќаме во нашето срце, тогаш, иако сѐ уште имаме борба, треба да се причестиме.

Уште подобро е ако на претрпеното зло собереме сили и вратиме со добро – преку збор или дело, уште пред да се причестиме.

Да не очекуваме секогаш некоја идеална, мирна состојба пред Причест, барем ние кои сме на почеток од православниот духовен живот.

И затоа да запамтиме: подобро е да се причестиме бивајќи во борба, смирено и во познание – борејќи се свесно против страстите и злото во нас, отколку да се причестуваме наводно мирни и во прелест дека сѐ е во ред, а несвесни за постоењето на страстите во нас – од кои сме заробени.

Поголема духовна полза имаме од оние кои повредувајќи нѐ ни ги откриваат нечистотиите на нашето срце, отколку од оние кои славејќи нѐ ни ги заслепуваат духовните очи – своите нечистотии јасно да ги видиме.“

 

Претходна статијаИма и многумина кротки, но не спрема нечистите страсти…! (Свети Максим Исповедник)
Следна статијаЗнаеш ли, дете мое, зошто болестите се намножија и поморите страшни?