ПОИМ ЗА РАЈОТ
Според зборовите на Илија Мињати рајот е благословената татковина на нашите прародители.
„Тоа е, – вели тој, – пристаниште на мојата надеж, најсаканиот предмет на мојата љубов, крајна награда за мојата вера!“.
Кого да го запрашаме да ни раскаже што е тоа рај?
Да ги прашаме двајцата богомудри Апостоли, Јован и Павле.
Јован вели:
„Ме одведе духом во една голема и висока гора и ми го покажа големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога“ (Откр. 21, 10).
Но овој град беше само слика на рајот Божји.
Ако ние некогаш се удостоиме да го видиме рајот Божји, би се увериле во неговата неопишана убавина, а умот наш, не би можела да го сфати.
Апостолот Павле бил искачен до третото Небо, во самиот Рај Божји.
Тој таму видел, што очи човечки никогаш не виделе, и слушнал, што уши никогаш немаат слушнато, срце што никогаш не посакало, а се` тоа Господ го приготвил на оние што Го љубат (1 Кор. 2,9).
Таму тој ги слушнал зборовите кои човек не може да ги изговори („Кор. 12,4).
Ете двајца луѓе кои го виделе рајот.
Еден од нив Јован, навистина е орел на богословието; а вториор Павле е сосуд избран. Но, и двајцата зборуваат за него нејасно и завиткано.
Не е ниту чудно, бидејќи ниту еден човек не би можел да ни објасни што е рајот.
Затоа еден праведник вели:
„О рају Божји, ние можеме да те стекнеме, но со нашиот ум не можеме да те сфатиме!“
Христос Спасителот рајот го нарекува живот бесмртен и вечен и радост бескрајна.
„И ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе„ (Јн, 16, 22).
Замисли да си цар; да владееш со целиот свет; да немаш ниту еден непријател, да не знаеш за тага и болест; да си богат и убав и славен. Зарем тоа по наше мислење, не би била најголемата среќа на земјата?
Па и таа среќа во исто време е несреќа! Оти колку и да живееш, сепак, еден ден мораш да умреш. Помислата на смртта раѓа страв, што човекот го прави несреќен. Па кога и не би умрел и кога стравот од смрта не би те вознемирувал, зарем е можно да се задоволи секоја желба на срцето човеково?
Ти си среќен но би сакал да бидеш уште посреќен. И кога би бил бесмртен, не би се задоволил со среќата која ја уживаш оти би сакал уште повеќе и поради тоа би бил несреќен.
А замисли да имаш среќа каква што срцето не е во состојба да посака; како бесмртен, да не се плашиш од смртта, која сега ти ја загорчува среќата; да си секогаш богат и здрав; да не се плашиш од сиромаштија и болести, ниту од зависта од луѓето; каков блажен живот би бил тоа!
А таков е и рајскиот живот, полн со радост без крај, радост која никогаш и со ништо не може да се помати, туку вечно останува иста, потполна, совршена, неискажана.
Морската вода е горчлива и солена. Замислете од висиите небесни да падне само една капка блага вода во морето и да ја заблажи сета морска вода. Можеш ли да замислиш колку ли таа капка мора да биде слатка.
Ете така е горчлив и пеколот.
Но ако во него капне само една капка од рајската сласт, таа би ја заблажила сета горчина, би го угаснала адскиот пламен, би ги исушила солзите на грешниците и пеколот тогаш би се претворил во рај.
Сфаќал ли сега каква е рајската радост?
Ќе се радува вашето срце и радоста ваша никој нема да ја одземе!
Да, во блажената вечност ќе се радуваш со Божја радост, ќе царуваш во Царството Божјо, ќе бидеш прославен со слава божествена. Тогаш „ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме како што е“ (1 Јов.3,2).
Искачувајќи се, свети Илија ја фрлил својата горна облека, која била од овча кожа. Во туѓа кожа во рајот не пуштаат, ниту со туѓо добро, од други одземено.
Таму нема да страдаме, вели Свети Григориј Ниски, ниту од влага, ниту од студенило, ниту од топлина, ниту од други воздушни промени.
Блажениот Августин вели:
Таму нема смрт, нема плачење, нема малаксаност, нема слабости, нема глад, нема жетва ниту жештина, нема гниење, нема досада или тага, нема промена ниту на телото ниту на душата, нема противречности, ниту разлики во мислењата, нема ноќ, нема сон, нема смрт, нема јадење и пиење, нема човечки слабости, ниту болести, нема таги, нема лекови ниту судови ниту пазари, нема пари – причина на злото.
Таму, спрема зборовите на Свети Ефрем Сирин се` е тивко и без метеж, се` е светло и богоугодно. Нема ниту напор, ниту солзи, ни грижи , ни таги, ни пост, ни жалост – туку во повисок степен на радост, мир и веселба, вечна светлина, незаодно сонце; таму е градот на Царот; таму е гласот на оние кои вечно празнуваат, таму се ризниците на мудростите и знаењето.
Од познати виденија на светите отци, кои го виделе рајот, особено живо и подробно изложено е видението на свети Андреј , јуродив Христа ради, кој на натприроден начин поминал во рајот две недели:
„Јас се најдов во рајот, величествен и прекрасен и целиот восхитен се запрашав, што е ова? Знам дека живеам во Цариград, но како се најдов овде, не можам да сфатам. Бев во недоумица: дали сум во тело или надвор од него. Бог тоа го знае.
Се видов себе си облечен во најсветли алишта, така светли како да се исткаени од молња; на мојата глава беше венец, исплетен од големи цветови; преку слабините бев опашан со царско појас. Радувајќи се на оваа красота восхитувајќи се со умот и срцето на неискажаната убавина на Божјиот рај…
Гледав многу градини со високи дрвја, чии врвови се нишаа. Едни дрвја цветаа непрестајно, други беа украсени со златовидни лисја, трети имаа на себе различни плодови со неопишана красота и пријатност.
Овие дрвја не можат да се споредат со ниедно дрво од земјата: нив не ги има посадено човечка рака, туку Божјата. Во тие градини имаше неизброено мноштво птици.
Нивното умилно пеење ми се чинеше дека стигнува дури до небесните висини. Тие прекрасни градини беа наредени во редови, како војници . Насред нив течеше река и ги напојуваше.
На брегот имаше лозје со широко разгранети лози, украсени со златни листови и златновидни гроздови. Од четирите страни дувкаа тивки и миризливи ветрови и од нивното дувкање се нишаа градините, произведувајќи прекрасен шум со своите листови.
Потоа јас бев зафатен од ужас, почувствував дека се наоѓам над небесниот свод. Младич на кого лицето му беше слично на сонце, идеше кон мене. Јас го следев и одеднаш му забележав голем прекрасен крст, сличен на виножито. Околу него стоеја пеачи со пламен изглед и пееја умилна песна, прославувајќи Го Господа, распнатиот на крст…..,
Поминувајќи го крстот, јас погледнав долу и под себе видов бездна, ми се стори дека одам по воздух, почнав да се плашам и да викам по мојот водич. Обраќајки ми се рече:
Не бој се, треба уште да се искачуваме. Велејќи го тоа ми ја пружи раката. Тогаш се најдовме над второто небо. Јас таму видов прекрасни мажи и нивните одмаралишта, и радоста и веселбата нивна со човечки јазик не можат да се искажат.
Потоа ние влеговме во чуден пламен, кој нас не не изгоре, туку само не просветуваше.
Мојот раководител ми се обрати:
Треба уште да се искачуваме и ми ја испружи раката.
Во тој миг ние се најдовме над третото небо, каде слушнав мноштво небески сили кои пееја прославувајќи Го Бога. Дојдовме до една завеса, која блескаше како секавица, пред која стоеја страшни и големи момчиња, слични на огнениот пламен. Нивните лица светеа повеќе од сонце. Околу нив имаше огромно мноштво на небеска војска која стоеше со страв……..
……………
Христос Господ ќе го преобрази нашето понижено тело и ќе го направи слично на своето тело на славата, со силата која ја има, за да ја покори секоја твар (Филип. 3,21).
Воскреснатото Тело Христово било славно, па ке биде славно и телото на оној кој верува во Него. Со својот облик тоа ќе биде истото тело со кое сме живееле на земјата, но тоа ќе се преобрази, како што се пробразило Телото Исусово.
Тоа ќе се измени и прослави.
Се сее за распаѓање, воскреснува за нераспаѓање;
се сее во немоќ – воскреснува во сила;
се сее тело душевно – воскреснува тело духовно (! Кор. 15, 42-44).
Телото наше сега е грубо, темно, тешко, а тогаш ќе биде тенко, лесно и светло. Духот на благодатта, кој овде го оживува телото и духот на праведниците, таму, ќе ја исполнат неговата душа и тело со светлина, мир, радост и блаженство.
По мерата на моралното усовршување и благодатното просветлување на земјата, ќе бидат обновени и прославени телата наши во идниот живот.
Пророкот Даниел пророкувал :
„И многумина од оние што спијат во земниот прав ќе се разбудат – едни за живот вечен, а други за укор и срам “ (Даниел 12,2).
Тука состојбата на смртноста на телото е претставена слично на сон. Телото во двете состојби го одржува ЖИВОТОТ: во состојбата на сон се повраќа силата, а во состојбата на смртта се обновува телото.
Како што од сонот телото станува со обновена сила за живот, така и телото по смртната состојба, после воскресението, станува за живот вечен како ново, подобро, духовно тело.
Затоа праведникот Јов вели:
„Но јас знам, Искупителот мој е жив и Он во последниот ден ке ја крене мојата гнилежна кожа. И јас во телото мое ќе го видам Бога“ (Јов.19,25-26).
ЗАДГРОБНИ ТАЈНИ (Игумен Антониј)
Подготвил: Мина Даниловска