ПОГЛЕД КОН СРЦЕТО

Си спомнувам…

љубев, за љубена да бидам,

себе се давав, за да ми се даде,

утешував во своја полза,

дарував во своја слава.

 

Спомнувам…

кога болка и неправда

да ме одминат барав,

храната светска за идол ја примав,

та порокот за вистина го гледав,

кога мерзоста лукава ја следев,

кога гордоста за добродетел ја имав.

 

О, чудо преслатко, зашто за Него се` е лесно!

И боите на виножитото да ги пребои

и ползавецот на крилја да го воздигне

и бурите на лукавото море да ги запре

и плодот и лебот стократно да ги умножи

и коровот да го расцути

и мртвите души да ги оживее

и во мракот на умот светилка да запали,

страстите да ги преобрази,

срцето гревораносано да го исцели

и молитва умносрдечна да всели,

душата да ја пресоздаде,

блудницата да ја преобрати

и во новиот свет да ја пресели.

 

Нему фала…

За тајната на преумувањето да ја сфатиме,

домот на Небесата да го вкусиме

и сите на Тавор да се преобразиме

со новиот Леб на животот,

со новиот ум и новото срце,

душата нова и очите нови,

новиот слух, јазикот нов и ново се`…

 

Нови мевови подај ни,

Ти во нив, вино ново да налееш –

Духот Свет!

Мина Даниловска

Претходна статијаСме се покајале? Ако почнеме да правиме дела спротивни на гревот.
Следна статија`Посета на рајот`! (Прекрасен текст за утеха на душата)