Преподобен авва Исаиј
Слово дваесет и осмо
За гранките на злото
1. Потребно е кажеме нешто за гранките на злото, за да знае човекот оти има страст и дека тоа го одделува од Бога, па затоа да Му се моли на Бога и да бара помош од Него, да бара сила од Него, за да може да се бори со неа сѐ додека не се ослободи потполно од неа. Страстите се рани во душата; тие ја одвојуваат душата од Бога.
2. Блажен е оној човек што успеал да се ослободи од нив, зашто таквиот ќе биде разумна овца – пријатна на Божјиот жртвеник и ќе го чуе гласот на Господа, што ветува радостː
„Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставамː влези во радоста на својот господар!“ (Матеј 25, 21). А оние, кои сакаат да ги извршуваат своите телесни желби и не сакаат да се излекуваат со светото лекарство на покајанието и да се очистат, тие во часот на Судот – ќе се покажат необлечени, без облеката на добродетелите, и ќе бидат фрлени во крајната темнина, каде што живее ѓаволот, облечен во облеката на страстите, како што сеː блудот, похотта, среброљубието, озборувањето, гневот, зависта, славољубието, гордоста.
А тоа се гранките на злото.
Има и многу слични на нив, какви што сеː невоздржливоста, украсувањето на телото, бесрамните погледи, барањето безгранична слобода и леснотија, несовесноста, невниманието спрема Божјиот суд, зависта спрема ближниот, лагата против братот, угодувањето на луѓето, лажното знаење, желбата да поучуваме, љубовта спрема светот и неговиот начин на живеење, малодушноста, нетрпеливоста, омразата спрема ближниот, непознавањето на себе си и самозадоволството, љубовта кон човечката слава место љубов кон славата на Бога, истакнувањето на своите дела, за да ги прославуваат луѓето, љубовта кон ретки и вкусни јадења, извршувањето на телесните страсти во срцето, желбата да се споредуваме со другите со цел да се издигнуваме над нив, фалењето на своето знаење, желбата за спорење, настојување да биде како што сакаме ние, сметањето дека сме разумни и мудри, мислењето дека нашиот брат е неразумен и неговото потценување и унижување.
3. Сето ова станува во кутрата душа сѐ додека не ја одделат од Бога. Тоа е тешкиот товар, што Адам го натоварил врз себе, кога вкусил од забранетиот плод. Токму за ова се говори во следниве зборовиː
„Но Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Он беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога“ (Иса. 53, 4). Токму нив ги умртвил нашиот Господ Исус Христос кога бил распнат на крстот.
Тоа се тие стари мевови, во кои не влеваат ново вино. Тоа се платната, со кои било обвиено телото не четвородневниот Лазар.
Тоа се демоните, кои ги испратил Христос во свињите. Тоа е стариот човек, кој ни заповедал Апостолот да го соблечеме. Тоа е она што го рекол тој, велејќиː
„Телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо“ (1. Кор. 15,50). Тоа се плевелите, што никнале на земјата Адамова – кога тој бил истеран од рајот.
4. Христовиот товар е лесенː безгневната чистота, благоста, кротоста, духовната радост, воздржливоста од страстите, љубовта спрема сите, светото расудување, непоколебливата вера, истрпувањето на страдањата, самоограничувањето, гледањето на себе како на нешто што му е туѓо на овој свет, желбата да излеземе од овој свет и да Го сретнеме Христа.
Ете, тоа е лесниот товар, кој ни заповедал Христос да го носиме. Ете, го патот, на кој светиите претрпеле многу маки – сѐ додека не дошле до неговиот крај. Еве, ова не може никој да го направи сѐ додека не го соблече стариот човек од себе си, додека не се ослободи од него и не ја придобие љубовта и додека љубовта не го направи нечувствителен спрема светот – спрема сѐ што е од светот.
Но оваа љубов не може да се настани во нас сѐ додека љубиме нешто од овој свет, како што е напишаноː
„Не можете да пиете од Господовата чаша и од бесовската чаша“ (1. Кор. 10, 21). И светиот пророк Исаија говориː „Се уплашија грешниците на Сион; морници ги обзедоа нечеснитеː
‘Кој може од нас да живее при оган што голта? Кој од нас може да живее при вечен пламен?’
Оној, што оди во правда, ги воздржува рацете свои од подароци, ги затина ушите за да не слуша за крвнина, и ги затвора очите да не го гледа злото, тој ќе живее на висинитеː засолниште му се непристапните карпи; ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши“ (Иса. 33, 14-16).
5. Гледаш ли каква чест им дава Бог на оние, кои се подвизувале кратко време, на оние што ја соблекле од себе си тежината на светот – преку претрпувањето на своите страдања?
Гледаш ли како Божјата помош дејствувала кај оние што се откажале од својата волја и како ги победува човечките страсти – затоа што тие ја извршувале Божјата волја?
А оние што не се откажуваат од своите желби, кои сакаат да ги исполнуваат, иако „почнуваат духовно“, но не можејќи да се додржат против своите непријатели, затоа што сакаат да ги извршуваат своите желби, тие завршуваат со своето тело (Гал. 3,3), така што целиот нивни труд останува попуст и бесплоден.
За тоа ги прекорува и пророк Јеремија, велејќиː „Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв!“ (Јер. 48, 10).
6. Гледаш ли дека оние, кои, иако посакале да Му служат на Бога, а Му служат на непријателот, тие не ја добиваат Божјата помош; нив Бог ги остава на нивната лична волја и им ги предава во рацете на оние што ги мразат?
И место честа, која ја бараат од луѓето, биваат посрамувани, затоа што не им се противставувале на своите непријатели – додека Бог не би им дошол на помош и би ги смирил нивните непријатели.
Па така, без труд, без пот и без страдања, човек, според зборовите на Светото писмо не бива услишуван од Бога.
7. Затоа, усрдно и постојано да ѝ се молиме на Божјата добрина, да плачеме и да страдаме, покорувајќи му се на секој човек заради Господа; да се смируваме и пред нашите браќа, сметајќи дека тие знаат подобро од нас.
Никому да не враќаме зло за зло; за никого да не помислуваме зло во нашето срце. Да не говориме за потребите на овој свет и никогаш за нешто да не велиме дека тоа е наше, туку секој ден да испитуваме до каде стигнал нашиот ум и да го пазиме, за да не мисли за она што е нечисто.
Да го лишуваме телото свое од наситување, така што тоа да не бара од нас да ги задоволуваме нашите страсти; телото да се смирува пред душата, а душата да му се покорува на умот и душата да стане невеста, чиста од секаква нечистотија и да се обраќа кон својот Младоженец, велејќиː
„Дојдов во градината своја, сестричке невесто, ја обрав смирната моја и мирисите мои, ги јадев медените питки со мојот мед, го пиев виното со моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситете се, мили мои!“ (Песна над песните 5,1).
8. Да се подвизуваме, брате, за да добиеме пред него таква слобода, та да можеме и ние да ги чуеме зборовите што ги рекол нашиот Господː „Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде светот“ (Јован 17, 24).
Светата, единосушна и животворна Троица да направи милост спрема нас, да добиеме спокој заедно со сите светии во денот на Страшниот суд. Нему нека Му е слава и власт во сите векови и во целата вечност.
Амин.
Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том I.
Подготви Светланка Трајчева