О, семилостива Госпоѓо, Дево Владичице Богородице,
услиши нѐ нас кои Ти се молиме,
и покажи ја милоста Твоја на луѓето Твои:
моли Го Синот Твој да нѐ избави од секое зло,
и да ја сочува нашата обител, и секоја обител,
градот и ѕидините на верните,
и луѓето кои благочестиво прибегнуваат и го призиваат светото име Твое,
од секоја напаст, помор, глад, земјотрес, потоп, оган, меч,
налет на иноплеменици, и меѓусебни војни,
од секоја болест и секоја неволја,
– за да од никаква рана, ни закана и ни помор,
ни секаков праведен гнев Божји не бидат поразени слугите Твои:
туку сочувај нѐ по милоста Своја, Госпоѓо, нас кои Ти се молиме,
и полезно благорастворение на воздухот кон време на плоден принос дарувај нѝ:
олесни, прости и помилуј нѐ,
Премилостива Владичице, Богородице Севоспеана,
нас кои сме во секоја беда и мака.
Спомни Си за слугите Твои,
и не презирај ги солзите и воздишките наши,
и обнови нѐ по добрината на Твојата милост,
за да со благодарност се утешуваме, наоѓајќи Те за помошничка.
Смилувај се, Госпоѓо Пречиста, на немоќта на луѓето Твои, Надеж наша:
расеаните собери ги, заблудените – на прав пат води ги,
отпаднатите од верата отечка – пак врати ги,
староста поткрепи ја, младоста научи ја, младенците воспитај ги,
и прослави ги оние кои Те слават,
и Црквата на Синот Твој сочувај ја и сохрани ја во долгоденствие.
О, милостива и премилостива Царице на небесата и земјата, Богородице Приснодево,
со застапништвото Твое помилувај го чесното воинство,
и сите православни христијани, запазувајќи ги под покровот на милоста Твоја:
заштити ги со Твојата чесна риза и моли Го, Христа нашиот Бог,
Кој бессемено од Тебе се воплоти,
да нѐ препојаса одозгора со силата против нашите видливи и невидливи непријатели,
против иноплемениците и едноплемениците,
кои војуваат против нас и против нашата Православна вера.
Спаси и помилувај ги, Госпоѓо,
причесниците на светиот синод на нашата Православна Црква,
свештениците и ѓаконите, и сиот православен народ,
погледни кон нас со погледот на милостивото Твое застапништво,
подигни нѐ од гревовниот понор,
и просвети нѝ ги очите срдечни, за да го видиме спасението:
моли Го Синот Твој милостив да биде кон нас, тука и на страшниот Суд:
слугите Твои кои се претставија во благочестие од овој живот,
во вечниот живот со ангелите и архангелите, и со сите светии причисли ги, за да застанат оддесно на Синот Твој и Бог:
и по молитвата Твоја сотвори да живеат со Христа,
и да се насладуваат со ангелската радост во небесните селенија.
Зашто Ти Си, Госпоѓо, слава на небесните и надеж на земните.
Ти Си надеж наша, и застапница на сите кои при Тебе притекнуваат,
и кои ја просат светата помош Твоја,
Ти Си наша топла молителка кон Синот Твој и Бог наш:
Твојата мајчинска молитва има голема моќ во молењето на Владиката:
со Твоето предстателство пред престолот на благодатта да се осмелиме
да пристапиме кон пресветите и живототворни Негови Тајни, иако сме недостојни.
Затоа гледајќи го на иконата сечесниот образ Твој и раката Твоја, која Го држи Седржителот,
се радуваме ние грешните, и со умиление припаѓајќи,
со љубов ја целиваме, очекувајќи, Госпоѓо,
со светите Твои богопријатни молитви да го достигнеме бесконечниот небесен живот и непостидно да застанеме на Судниот Ден
оддесно на Синот Твој и нашиот Бог,
славејќи Го Него заедно со безначалниот Отец,
и пресветиот, благиот, живототворниот и единосушниот Дух,
во вечни векови.
Амин!