ЉУБОВТА КОН БОГА И БЛИЖНИТЕ

Суштинската, изворна заповед е – „љуби“. Мал збор, а изразува сеопфатно дело.

Лесно е да се каже „љуби“, но не е лесно да се постигне потребната мера на љубовта.

Не е сосема јасно ни тоа како ова може да се постигне; токму затоа Спасителот оваа заповед ја опкружува со други, појаснувајќи ја со правила:

љуби, како самиот себе си, и како сакате вам да ви прават луѓето, правете им така и вие (Лк. 6, 31).

Тука се укажува на мерата на љубовта, која, може да се каже , е безмерна.; зашто, постои ли мера на љубов кон самиот себе, и постои ли добро, кое некој не би си го пожелил од другите?

Меѓутоа, овој пропис сепак не е неостварлив. Суштината е во тоа, да се влезе во совршено сочувствување со другите, така да нивните чувства во потполност да се пренесат на себе, да се чувствува тоа што тие го чувствуваат.

Кога ова ќе биде случај, тогаш нема да има потреба да се укажува на тоашто во конкретен случај треба да се направи за другите: самото срце ќе покаже.

Ти само погрижи се да стекнеш сочувство, инаку веднаш ќе се појави егоизам, кој ќе те врати кон себе и ќе те заклучи во себе.

Тогаш ни со прст нема да сакаш да мрднеш за другиот, ниту ќе го погледнеш, дури и ако умира.

Кога Господ рекол: сакај го ближниот како самиот себе, сакал наместо нас во нас, односно, во нашето срце, да стои ближниот. Ако пак таму по старото би стоело нашето „јас“, тогаш не очекувај добра.

Искорнете ги најнапред тие зли стебла на страста, па на нивно место ќе израсне едно разгрането дрво кое дава цвет и плод на љубовта.

Духовното пламтење на срцето за Господа – тоа е љубов кон Него. Таа се пали кога Господ ќе го допре срцето. Бидејќи Тој е целиот Љубов, кога ќе го допре срцето, љубовта кон него пламнува истиот час.

А од љубовта – срцето пламти за Господа. Ете што треба да биде предмет за барање.

Извршувањето на Исусовата молитва представува само оружје за тоа или подобро кажано само напор кој покажува силна желба на душата да го пронајде Господ.

… Свети Јован Богослов ја почувствувал љубовта на Господа кон себе и самиот се греел со љубов кон Него. Како оган од оган, така и љубов од љубовта.

Грешницата, кога слушнала дека Спасителот е во Симеоновиот дом, отишла таму со миро во сад од алавастар и стоејќи позади, кај нозете на Господа, почнала да плаче, ги измила со солзи Неговите нозе, а потоа ги избришала со својата коса, ги целивала и ги помазала со мирото (Лк. 7, 36 – 39).

Таа ништо не говори, само работи и со своите дела покажува најнежна љубов кон Господоа. Затоа за неа и било речено: Нејзе ù се опростуваат многу гревови, оти ме возљуби многу (Лк. 7, 47).

О, кога и ние помалку би зборувале, а повеќе дејствувале и со своите дела ја сведочеле љубовта кон Господа!

Ќе речеш: Кога Тој Самиот би бил тука, се` би бил подготвен да направам за Него“. Но Тој и е тука, невидлив со Своето лице, но видлив во сите христијани, а најпрвин во сиромашните.

Невидливиот Господ помазувај Го со мирото – умносрдечната миолитва полна со љубов; а за видливиот – прави сè што можеш во корист на сиромашните, па така ќе правиш за Бога.

… Љубовта е појака од сè. Засакајте ја како ќерка… Тоа ќе ја зачне љубовта и во неа.

А кога тоа ќе се оствари, тогаш совети нема да се потребни: љубовт асама сè ќе уреди.

Љубовта и стравот – обете треба да бидат на сила…

Ангелите стојат пред Бога со страв и трепет… Апостолот и нам ни заповедал со страв и трепет да го совршуваме своето спасение…

Самите тешкотии на патиштата на љубовта не ја смалуваат, туку возвишуваат љубовта, како што ветерот не го гаси, туку уште повеќе го појачува и шири пламенот на огнот.

Навистина е блажено таквото срце!

Тоа уште овде чувствува радост, која изобилно се илева во срцата на избраните за живот вечен – тоа реално чувствува колку е благ Господ и го има она што е речено:

Царството Божјо е внатре во вас.

Зашто, каде е Самиот Бог, таму е со Него и сè Негово.

… Дури и да го положиме животот свој за Бога, и не само да го положиме, туку да бидеме изгорени, ни тогаш нема да имаме никаква корист, ако не го љубиме ближниот.

Љуби го ближниот – и тоа е сè! Колку краток катихизис! Колку едоставен закон!

Само два збора: љуби Го Бога, и љуби го ближниот; дури и помалку – еден збор:

љуби, бидејќи кој вистински Го љуби Бога, тој во Бога веќе го љуби и ближниот, а кој вистински го љуби ближниот, тој веќе го љуби Бога.

Пред сè друго, вежбајте се во љубовта – на дело и во чувствата – не исклучувајќи никого од оние со кои се во допир, ма колку и да бил непознат!

Извор МПЦ – од преданието на Светите отци