ЗА УМНАТА МОЛИТВА
…Постои уште еден начин на молитва, кога човекот се моли внатре во себе, на што нѐ учеа и го практикуваа нашите Отци.
Односно, за умот да може да се воздржи од лутањата, треба да биде симнат во срцето, истовремено изговарајќи ја молитвата:
„Господи Исусе Христе, помилуј ме“….
Силната желба да се добие оваа молитва го привлекува дејството на благодатта, која ѝ помага на молитвата, постепено умот сѐ полесно ја задржува, добива благодатана утеха, реално ја чувствува Божјата помош, и така станува силен и продолжува.
Вкусувајќи ја Божјата утеха, благодарејќи на својата упорност, умот веќе самиот ја задржува молитвата, имајќи внатрешно расположение за неа.
Шепотот веќе не е потребен, а умот се моли со помалку труд отколку порано, затоа што благодарение на благодатта тој се спасил од измамите.
Ако и понатаму живее во молитвата, тогаш Бог го просветлува, тој ги контролира мислите и ги отфрла бесмислените претстави, кои беа неодолив дел од стариот човек.
Тогаш благодата му го открива Божјото Царство, кое се наоѓа „внатре во нас“ (Лука 17, 21), како што рекол Господ.
Таквата молитва, ако ја практикуваме, се нарекува умна.
Ако човекот упорно, непрекинато и без жалење продолжи да ја практикува молитвата, тогаш Божјата благодат постојано ќе живее во умот и срцето на таквиот подвижник.
Тогаш веќе нема да бидат потребни никакви напори и молитвата ќе тече непрекинато, самата од себе, дури и при спиењето, а подвижникот никогаш нема да престане да се моли со неискажливи воздишки, молејќи Го Бога, не само за себе, туку и за сите неволји и намачените, и воопшто, за сите луѓе.
Таа без напор ќе стане соучесник на сеопштата болка, ќе „плаче со оние што плачат и ќе се радува со оние што се радуваат“ (Рим. 12, 15).
Молитвата може да се изговара на секое место, во секое време и во сите околности, како во присуство на други, така и насамо.
Таа не им е забранета на мирјаните, како што некои тврдат, иако повеќе ја практикуваат монасите.
Секој, каде и да е, може во мислите да го изговара Христовото име. Љубени, ве молам, обидете се сами, и набрзо ќе ги почувствувате плодовите од таа активност.
Името на нашиот Господ не е само збор, Неговото име е сила, енергија, воскресение и живот.
Оној што решил, благодарение на благодатта, да живее со оваа активност, нека не паѓа во малодушност, нека не се сомнева и неговата награда ќе биде голема, и тоа не само на небото, туку и овде на земјата ќе почувствува полза.
Незамисливо е да нѐ презре Господ, Кој „умрел поради нас, уште додека сме биле грешници“ (Рим. 5, 8), кога упорно Го молиме, и да не ни го подари она што ни го ветил.
Молитвата, како наша неопходна обврска, нека биде постојано со нас, немоќните, и тогаш, според Писмото, ќе добиеме „неспоредливо повеќе“
(Ефес. 3, 20).“
Старец Јосиф Ватопедски