Отец Георгиј В. Флоровски
ЕВХАРИСТИЈА И СОБОРНОСТ
Создавајќи ја Црквата Своја низ таинственото најавување на Своите спасоносни страданија, Господ на Тајната Вечера ја востановува најсветата тајна на Новиот Завет и им открива на учениците дека тоа е тајна на единство и љубов.
Господ во таа ноќ ги учи апостолите и ги поучува во љубовта говорејќи за неа како за сила на соединување. Он за Себе говори како за Нов и Втор Адам. Како Нов Адам, Господ е Пат за луѓето кои преку Него и низ Него доаѓаат кај Отецот.
Таинствениот дом на Отецот во кој има многу станови е – Самиот Господ, во Чие Тело, Црквата, оние кои во Него веруваат со благодатната сила на љубовта се соединуваат во таинствена сотелесност со Него и меѓу себе, а се соединуваат низ Светата Тајна на Телото и Крвта – по Неговите сопствени зборови:
„Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јн. 6, 56). Апостолското учење за Црквата како Тело Христово превасходно го пренесува литургискиот опит и ја изразува литургиската стварност. „Оти лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб“ (1 Кор. 10, 17).
Златоуст толкува: „Ние сме – самото тоа тело. Оти, што е тоа – леб? Телото Христово… Што постануваат причесниците? Тело Христово… и тоа не многу тела, туку едно тело…“
Во Света Евхаристија верниците стануваат Тело Христово. Заради тоа Евхаристијата и е Света Тајна на Црквата, „тајна на соборноста“, „тајна на зедништвото“.
Евхаристиското заедништво не е само духовно и морално единство, ниту е единство на доживувањата, волјата и чувствата. Тоа е реално и онтолошко единство, остварување на единствениот органски живот во Христа.
Самиот поим на Телото укажува на органската постојаност на животот. На оние кои веруваат, по силата и по мерата на нивното соединување со Христа, им се открива единствен Богочовечки живот – во заедница со Светата Тајна, во единството на живототворниот Дух.
Древните отци на Црквата без никакви стеги говорејќи за „природното“ и „физичкото“ заедничарење, реалистички ја објаснуваат евангелската слика за Лозата. За причесниците на евхаристиската трпеза св. Кирил Ерусалимски вели дека се „сотелесни и еднокрвни со Христа“.
„Во Своето едино Тело“, говореше св. Кирил Александриски, „со посредство на таинствениот благослов Христос ги прави верните вистински сотелесни на Себе и меѓу себе“, за и ние самите да стапуваме и да се слеваме во единство со Бога и меѓусебно, иако секој поединечно со душа и тело се издвојува како посебна личност…“
„Заради тоа Тој се соедини Себеси со нас и во нас го раствори Своето Тело“, вели св. Јован Златоуст, „за да и ние сочиниме нешто единствено, како што е телото соединето со главата. Тоа и е знак на најсилна љубов…
Јас посакав да бидам постар брат. Заради вас примив тело и крв; и тоа тело и крв, низ коишто станав еднокрвен со вас, Јас пак ви го давам. Во Евхаристијата исчезнува човечката непробивност и исклучивост. Верниците „стануваат“ органи во Христа и преку тоа – органи еден на друг. Се создава ново, католично, човештво род христијански. „Сите се – еден Христос, како што едното тело е составено од многу органи“, вели преподобен Симеон.
Евхаристијата е католична тајна, тајна на мирот и љубовта, и заради тоа тајна на единството. Mysterium pacis et unitatus nostrae, според зборовите на блаженит Августин.
Таа е вечера на љубовта. Како што Тајната Вечера навистина била Вечера на љубовта, оти Господ на неа им го откри и им го покажа на учениците „ненадминатиот пат“ на совршената љубов – по угледот на Неговата љубов:
„Да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив“ (Јн. 13, 34) па дури и нешто повеќе од тоа – по углед на Троичната љубов: „како што Отецот има љубов кон Мене, и Јас имам љубов кон вас; останете во Мојата љубов“. (Јн. 15, 9)
Заповедта на љубовта Господ ја вознесува до тајната на Троичното единство – оти таа тајна и е љубов, „и тоа име му е помило на Бога од секое друго име“ забележува св. Григориј Богослов.
Завршувајќи ја Својата проштална беседа во Првосвештеничката молитва, Спасителот се моли за соединение и единство на оние кои веруваат во Него:
„Да бидат сите едно, како Ти, Оче, што си во Мене, да бидат и тие во Нас едно… Јас во нив и Ти во Мене, да бидат восовршени во едно“ (Јн. 17;21, 23). За нас разделените и издвоените, тоа обединување по примерот на Троица, Едносуштна и Неразделна, можно е единствено во Христа, во неговата љубов, во единството на Неговото Тело, во заедницата на Неговата Чаша.
Во единството на католичната Црква таинствено се отсликува Троичното единосуштие; по примерот на Троичното единосуштие и кружниот тек на Божествениот живот, кај мноштвото верни се покажува една душа и едно срце ( сп. Дела ап. 4, 32).
Тоа свое единство и соборност Црквата го спознала и го остварила првенствено низ Евхаристиското тајнодејтво.
Би можело да се рече дека Црквата е слика на Света Троица во тварта – и затоа откривањето на троичноста е поврзано со основањето на Црквата. И Евхаристиското заедништво е таа полнота и самиот врв на Црковното единство.
Извор: ДОМОСТРОЈ, РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО ’97 бр. 15
Подготви: Светланка Трајчева