ОД ЖИВОТОТ HA СВЕТИ ЕФРЕМ

ВЕЛИКИОТ Ефрем постојано размислувал за божествените работи. Тој речиси непрестајно co умот го согледувал денот на судот, поради што постојано плачел. И тој, како псалмопеачот, се оддалечувал бегајќи и избегнувајќи секаква животна бучава, збрка и немир, и живеел во пустината.

Тој одел од место на место за доброто на душата и за нејзина корист, како што го водел Божјиот Дух. Еднаш, по божествена заповед, ја напуштил својата татковина како свети Авраам (I Мојс. 12,1-5) и отишол во Едеса (во Месопотамија), поклонувајќи се на светите места и на светите мошти.

Покрај тоа сакал да сретне и по некој учен човек за да вкуси од плодот на знаењето. Затоа го молел Бога, говорејќи:

„Исусе Христе, Владико и Господе на се’, удостој ме, влегувајќи во градот Едеса, да сретнам некој човек кој ќе може да разговара co мене за она што е добро и корисно за душата.”

Така молејќи се, тој стигнал до градот и влегол низ градската порта. И бил замислен, внимателен и загрижен, бидејќи очекувал дека ќе го сретне тој човек (за кого молел), дека ќе го праша и дека ќе има духовна корист од тој разговор.

Додека чекорел така замислен, го сретнала една жена, т.е. блудница. А тоа се случило по Божја промисла зашто често, на таинствен и неиспитлив начин, Он го устројува она што е спасително за нас.

Среќавајќи блудница, наспроти своето очекување, свештениот Ефрем, изненаден и збунет во душата, застанал и ја гледал упорно co чудење. Зашто, не се случило она за што се молел, туку сосема спротивното. Гледајќи дека ја гледа и таа го гледала co продорен поглед.

Бидејќи долго време се гледале, великиот светител посакал да ја посрами и да ја доведе во ред, како што им прилега на жените.

И и’ рекол: „Жено, зарем не ти е срам што упорно ме гледаш во очи?”

А таа му одговорила:

„Мене ми прилега да те гледам затоа што сум создадена од твоето ребро.

Меѓутоа, ти не треба да гледаш во мене, туку во земјата, од која си создаден.”

Слушајќи го она што воопшто не очекувал, Ефрем и’ заблагодарил, затоа што тој разговор му бил од голема корист.

Топло му благодарел и на Бога, Кој честопати може да предизвика поголема корист од онаму од каде што никој не очекува, отколку од онаму од каде што се очекува!

Пренесено од книгата “Доброслов” Прв том (Триесет и осми наслов)

Претходна статијаБи сакала да се причестам но не знам кога и што треба да првам пред тоа? (На ваши прашања одговара отец Горан Стојчевски)
Следна статијаОД СТАРЕЧНИКОТ – Сведоштво за ползата од претрпените навреди (Доброслов)