44. Смирението ја привлекува закрилата одозгора и не’ запазува од сите паѓања. Свети Антониј говори:

“Еднаш ги видов сите ѓаволски мрежи, раширени по целата земја и co воздивнување реков: кој може да избега од нив? И тогаш слушнав глас, кој ми велеше: Смиреноста”.

45. Затоа потоа советувал:

“Ако нашите подвизи се добри, ние сме должни да бидеме потполно смирени пред Бога; та Он, Кој ја знае нашата немоќ, да не’ закрилува co Својата десница и да не’ брани од ѓаволските итрини. Зашто, ако почнеме да се гордееме, Он ќе не’ лиши од Својата закрила и ние ќе загинеме”.

46. А другпат тој рекол: “Како што гордоста и вознесувањето на умот го турнале ѓаволот од небесните височини во бездната, така смирението и кротоста го издигнуваат човекот од земјата на небото”.

47. Па затоа, подвигот на молчењето за да не доведе до гордост, свети Антониј советувал на овој подвиг да му се дава самоунижувачко значење.

Тој вели:

“Ако некој си го наложи подвигот на молчењето, тој не треба да мисли дека прави некоја добродетел, туку треба да мисли дека молчи затоа што не е достоен да говори”.

48. Исто така, свети Антониј говорел и за тоа, дека Самиот Господ така не’ води: што го скрива од нас нашето добро, за да ги запази во нас нашите смирени чувства за себе си.

Тој вели:

“Ако воденичарот не му ги врзува очите на животното што го врти чаркот, тогаш неговата работа нема да биде успешна. Тоа животно тогаш би имало вртоглавица и не би можело да си ја врши работата.

Исто така, по Божја промисла, и ние сме под некое покривало, за да не ги гледаме нашите добри дела и да не почнеме да мислиме високо за себе, па да ги загубиме плодовите на сите свои трудови.

А тоа се случува кога сме напаѓани од лоши помисли, па не сме во состојба спокојно и правилно да размислуваме за себеси. Тогаш не можеме да мислиме добро за себеси и да не се осудуваме. Нашето мало добро не се забележува од тие нечисти мисли”.

49. Колку е високото мислење за себе си опасно, тоа се покажува co паѓање на младиот подвижник по извршеното од него чудо. Покрај местото, каде живеел овој млад подвижник, оделе некои старци кон свети Антониј и биле сосема уморни.

Тој повикал диви магариња и им заповедал да ги однесат кај свети Антониј. Кога му раскажале старците на светецот за ова, тој рекол:

“Ми се чини дека тој монах е како брод, пренаполнет co тежок товар, и не се знае дали ќе доплови до пристаништето – и навистина, откако почнал да мисли високо за себеси, по некое време паднал.

Ова го предвидел свети Антониј и им рекол на своите ученици:

“Во овој час падна оној млад монах. Појдете и видете”.

Тие отишле и го виделе како седи на својата рогожа и го оплакува направениот грев.

50. Ho, колку е високото мислење за себеси погубно, толку е самопонижувањето спасоносно.

За ова е потврда и примерот co чевларот, за кој имал свети Антониј видение и слушнал глас:

“Антониј, ти уште не си го достигнал тој и тој чевлар во Александрија.”

Тогаш тој отишол во Александрија, го нашол тој чевлар и го молел да му каже што е тоа што е особено во неговиот живот.

А тој му рекол:

“Ја не знам некогаш да сум направил некое добро дело. Затоа, штом изутрина станам од постела, пред да седнам да работам, јас ги изговарам овие зборови:

“Сите луѓе од овој град, од најмали до најстари, ќе влезат во царството небесно за своите добри дела; само јас ќе бидам осуден на вечни маки поради моите грешни дела.

Ова го повторувам најискрено и навечер, пред да легнам в постела”.

Откако го ислушал, свети Антониј разбрал дека уште не дошол до таква вера.

51. И токму ова му послужило како повод често да ја повторува следнава поука:

“Потребно е сами себеси да се прекоруваме и да се обвинуваме, и тоа да го правиме искрено, зашто оној, кој самиот себе си се прекорува, него Бог го оправдува и прославува”.

Пренесено од книгата “Добротољубие” Том I (Свети Антониј Велики)

Подготви: Мина Даниловска

Претходна статијаСЕКОЈ КОЈШТО ГРЕШИ, НЕ ГО ГЛЕДА БОГА, ТОЈ Е СЛЕП…!(Старец Јосиф Исихаст)
Следна статијаШТО Е ТЕЛЕСНО, А ШТО ДУХОВНО МИЛОСРДИЕ !