Дека Пресвета Дева Марија навистина е мајка на Господа Исуса Христа потврдуваат и апостолите и сите православни христијани на сите векови и сите народи. Ова го докажуваат и сведоштвата на светите отци и црковните учители, го докажуваат песните и молитвите, кои секогаш се читаат и пеат во црквите и неодречно го докажуваат и делата на вселенските собори.
Блажениот Теодорит вели:
Старите и новите проповедници на православната вера според апостолското предание учеа, да се нарекува и да се почитува мајката Господова Богородица (ерес. IV 12). A Јован, патријархот Антиохиски вака пишува:
“Овој назив и писмено и усно го употребуваа светите отци и тој назив никој од црковните учители не го отфрлаше, туку многумина и уште најзначајни се служеа co него.”
Свети Игнат Богоносец, свети маченик Јустин Философ, свети Иринеј епископ Лионски, свети Дионисие Александриски – отците на вториот и третиот век. Свети Атанасие Велики, свети Григорие Богослов, свети Јован Златоуст, свети Василие Велики, свети Ефрем Сирин – отците на четвртиот век.
Сите овие богопросветени проповедници се за најголемото достоинство на Богородица! Свети Василие Велики, Григорие Богослов, Јован Златоуст, Атанасие Велики, а и многу други посебно го спомнуваат зборот – Богородица.
А кога се појави Несториевата ерес во петтиот век, александрискиот патријарх Кирил многу силно ја бранеше православната наука за Богородица. Еретикот Несториј мислел дека мајката по тело, Пресветата Дева не го родила Господа Исуса Христа, Синот божји и затоа не треба ниту да се нарекува Богородица.
Свети Кирил одговарајќи на оваа лажна наука, секаде во своите списи ја признава Пресвета дева за вистинска Богородица. Мислејќи на овоплотувањето на Синот Божји, овој свет отец вели:
Браќа, ние признаваме дека од света дева и Богородица Марија се роди еден ист и совршен Бог и совршен човек co разумна душа; затоа и ja признаваме Светата Дева и ja нарекуваме Богородица: Бог Син, беше во неа не по изглед, туку целосно, вистинито.
А на еретикот му вели: Господ го зеде на себе нашето сопствено тело и стана човек од жена, a не престана да биде Бог и роден од оца; туку и тогаш кога го прими човештвото остана Оној Кој беше; на тоа учи секаде словото на вистинската вера; ние се уверуваме дека така мислеле светите отци, па и Пресвета Дева ја нарекле Богородица.
Една анатема, што свети Кирил му ja испратил на Несториј пред Ефескиот собор вели:
Кој не го признава Емануел за вистински Бог, и Светата Дева, која телесно го роди Божјиот Син за Богородица, да биде анатема – проклет.
Вселенските собори се потполно согласни co светото предание што го искажуваат светите отци во своите списи. Тие востановиле секогаш да се вика и почитува Пресвета Дева Марија co Богородица. Третиот вселенски Ефески собор ја осуди Несториевата ерес и нареди да се почитува Богородица.
Во делата на овој собор наоѓаме многу сведоштва на старите отци, кои се претставници и чувари на вистинската наука за Господа Исуса Христа и за Неговата Пречиста Богомајка.
И овие сведоштва секогаш се слушани co почитување од сите претставници и членови на светиот собор, кои ја отфрлиле ереста, го проколнале еретикот, a ja потпишале православната наука. Тие им заповедаа на сите верни да веруваат во Господа Исуса Христа во едно и исто лице, а и Пречистата и Секогашдева Мајка Негова да ја почитуваат како вистинска Богородица.
А кога на Четвртиот вселенски Халкидонски собор на првата седница се прочита писмото на свети Кирил, кој му пишуваше на Несториј, сите свети отци извикаа:
“И ние сите, веруваме, како што верува Кирил – така верувавме, а така и сега веруваме; нека е проклет секој кој не верува така”.
Петтиот вселенски собор, пак, ова го нареди:
ако некој пакосно, а не навистина ја нарекува Светата славна Приснодева Марија – Богородица, или ја смета како да родила прост, обичен човек, a не дека од неа се родил Синот Божји, затоа што, според нивно мислење, раѓањето би морале да го признаат и на Бог Син што беше co роден човек, и би клеветил на светиот Халкидонски собор, како тој Пресветата Дева да ја нарекол Богородица во нечесна смисла, што го измисли Теодор, или кој ја нарекува човекородица и Христородица, како Христос да не е Бог, a не ja признава во вистинска смисла како Богородица, зашто Бог Син роден пред сите векови од Оца, се вочовечи и се роди од Неа во одреден ден, така што и светиот Халкидонски собор постапи побожно и ja призна за Богородица: тој нека е проклет!
Шестиот вселенски собор во првото правило, меѓу другото вели:
“Изложената наука од двеста богоносни отци (III собор), како тврда држава на благочестие согласно ja признаваме и потврдуваме, проповедајќи Го едниот Христос Син Божји, Кој се овоплоти, и Онаа, која бессемено Го роди, а тоа е Пречистата Приснодева која ја признаваме за вистинска Богородица”.
Светите отци на Седмиот вселенски Никејски втор собор ги ислушале, ги одобриле и co својата согласност ги потврдиле сите оние места во писмата на светиот цариградски патријарх Тарасие и ерусалимскиот патријарх Теодор, во кои се признава Пресветата Дева за Богородица. Теодор вели:
Ја почитувам и се поклонувам на иконата на Пречистата Мајка на Господа Исуса Христа, Света Богородица и Владичица наша.
По сето тоа, светиот отец на осмиот век Јован Дамаскин можеше сосема јасно да каже во науката на православната вера:
“Ние ја признаваме Света Дева Богородица во вистинска смисла; зашто како што е вистински Бог, Кој од неа се роди, така е вистинска и Богородица која го роди вистинскиот и овоплотен Бог”.
И навистина, оној што не ја признава Света Дева за Богородица, тој не е христијанин.
Ако некој се смета себеси за христијанин, а не и го признава на Пресветата Дева достоинството и називот Богородица, тој залудно се кити co името, вели свети Теодот епископ Анкирски.
И според изразот на свети Григорие Богослов;
кој не ја признава Марија за Богородица тој е отфрлен од Бога.
Пренесено од книгата “Животопис на Пресвета Богородица”
Подготви М. Д.