ВО СЛАВА НА ЖЕНАТА ХРИСТИЈАНКА- СЕКОЈ ДЕН!
Кои беа жените Мироносици?
Тие беа оние жени кои постојано Го следеа Христа во проповедта, беа со Него во најтешките моменти кога Он беше распнат на крстот, а тие беа и првите сведетели за Неговото воскресение (Марко 16).
Со еден збор тие беа најверните Христови следбеници. Следејќи го овој пример, како и други, ќе видиме дека во Христијанската религија жените имаат важна улога во животот на Црквата. Така било порано, а така е и денес.
Денес неможеме да замислиме животот на Црквата без женските лица. Тие се душата на црковното живеење во секој нејзин поглед. Затоа ќе речеме дека христијанството не е религија која ги понижува или омаловажува лицата од женскиот пол, туку им дава голема чест и достоинство!
Но покрај почестите Црквата им дава и задолжение и обврска на жените, особено на мајките христијански.
Така, прва и основна задача на мајката е да се грижи за верското воспитание на децата како и чување и негување на верските традиции и обичаи во семејството.
Ова го велиме затоа што семејството, како основна заедница во црковниот живот, има многу важна улога и во општественотото живеење. Затоа неслучајно Црквата отсекогаш се труди да изгради здраво и стабилно семејство кое ќе се раководи според христијанските норми.
Во основа животот во семејството зависи од односите помеѓу мажот и жената, а кое, пак, целосно се рефлектира и во воспитувањето на децата. Одговорноста е еднаква и за двајцата сопружници и за мажот и за жената.
Сепак, за разлика од другите, христијанската Црква, кога е во прашање религиозното воспитание, вели дека таа должност повеќе и припаѓа на жената т.е. на мајката.
Христијанството вели дека добрата жена и домаќинка треба да биде најпрво добра верничка и добра сопруга и домаќинка и да се залага за доброто на своето семејство.
Треба да е МУДРА и да знае секого да поучи.
Но најосновно е таа да е религиозна и со страв Божји да ги воспитува своите деца.
Стравот Божји не подразбира дека децата треба да се плашат од Бога и да се одвраќаат од Него, туку да се клонат од лошите работи и неубави навики што се спротивни на христијанскиот живот.
Оти христијанското воспитание има за цел да изградува, пред сé, високо морални личности. Се разбира, вистинска моралност нема без религиозна ознова. Затоа ќе речеме во колкава мера ќе биде присутна верата во религиозниот живот во семејството зависи само од жената.
Затоа и народната поговорка вели:
“Куќата не стои на темелот туку на жената“.
Оттаму излегува дека жената е воспитувач на луѓето и стожер на семејниот живот. Само мајка која верува во Бога ги приведува своите ближни во евангелската светлина и го осветлува домот.
Оти верата во Бога ги упатува луѓето на она што е добро и возвишено, ги учи на заедничка љубов и меѓусебно помагање, на милосрдие и братољубие, со еден збор на сé што е угодно на Бога и луѓето.
Во таа насока треба да се движи улогата на жената, мајката, христијанка и денес. Најнапред треба да се грижи околу нивното верско воспитание, да ги учи на одвраќање не само од јавни, туку и од тајни лоши дела, да знаат дека со тоа го навредуваат Бога и дека за сé даваме одговор пред Него по смртта.
Да ги одвраќаме децата од сé она што “не го сака дедо Боже“. За да има детето појасна претстава за Бога треба да го доведуваме што почесто в црква на веронаука, да се упатува на верските работи, да се научи да се крсти, да се причестува и сл.
Голема грешка прават некои родители кога велат дека тие не би сакале да му НАТУРААТ никакви идеи на детето па ни верски или религиозни.
Кога детето ќе порасне, велат, нека избира што ќе сака!
Ова е многу лошо затоа што детето ако не се научи од млади години после е многу тешко. Ајде да го оставиме детето до својата 16-та година и да не го учиме да зборува, па кога тоа ќе порасне нека си избира јазик кој ќе му се допадне! Можеме ли да си дозволиме таква “слобода“?
Што ќе стане од детето тогаш? Така е и со неговото религиозно воспитание. Од друга страна, како можеме да бидеме сигурни дека кога тоа ќе порасне ќе го избере вистинскиот пат!?
Нема ли тоа да вели, како мнозина денес, немам време за в црква? Народот вели:
Дрвото се витка додека е младо, а така е и со децата.
Преземено (извадок): МПЦ ОА