Прашање:
Отец, суштински дилеми има ова писмо. Замолувам за одговор.
Отец, се соочувам со кулминација на реакциите од своите ближни ( семејни и други), после моето да кажам, така преумување (метаноја) и ревносно загазување по патот на Православието и Вистината една.
Секако, тоа не е ништо ново под небото, горе-долу многумина низ истото прошле (мнозина монаси исто така), демоните не мируваат и чинат секакви напори да ја одвратат секоја една единка од патот на спасението свое и туѓото.
Воедно, тоа и во Светиот Спис е наведено, дека најмногу од ближните не ќе бидеме сфаќани, налик она реченото дека ниеден пророк во своето родно тло не бил препознаен и прифатен.
Она што сакам да прашам е како полесно да се справам (справиме) со оваа ситуација? Ми треба утеха (за жал духовник сеуште немам) која истрајба моја ќе значи.
Моите и онака тивки и скромни зборови не наидуваат на прифаќање од моите поблиски, често подлежам на сарказам, а дофрлањата дека треба да „успеам“ во овој свет (успех=материјалност) се катадневни.
Не негувам осуда кон моите, нит омраза, но има денови кога тешка грутка ми запоседнува в душа и започнува тешката битка во мене.
Од друга страна, приморан сум и леб да ваѓам играјќи под диктатот на мамона (на мисла сум дек сите световни работни позиции , освен земјоделието, се подобие за кнезот на овој свет, негово величање и поттикнување), а со мислите кон Бога сум, и таа битка ми е крајно тешка оти не можеме истовремено и на мамона да служиме и на Бога.
Се` наоколу, секоја професија како да му му слугува на материјализмов, на неолибералниов капитализам, маркетинг, пропаганда, заработка на пари со алчна димензија во себе, со газење на другиот пред себе, со „снаоѓање“.
Банки, казина, кафеани, дури и образование, дипломатии, насекаде лагата, световното е императив. Секаде интересот, материјалното, профитот се најбитни. Нека ми се прости, ама и политичраи кои атер популизам в црква се сликаат, а в пракса отаде црковното, дејанија служат.
Кое е вашето мнение и во однос ова?
Имам и ред други прашања, но дотука нека е за да не ширам многу.
Со горенаведениве нешта сигурно мнозина (особено помлади како мене) катаден се соочуваат, па несомнено добро би им дошла и на нив една утеха и потпора за истрајба.
Благодарам.
К. А.
ОДГОВОР од отец Горан Стојчевски
За да биде сфатливо, разбирливо и свесно, треба да имате духовен отец со кого ќе можете да разговарате на овие теми. Но, најдобро е да имаме позитивен пристап на работите т.е. дека го бараме доброто во Бога, а тоа подразбира да го бараме Бога во луѓето, без разлика на нивната состојба во која се наоѓаат.
Денеска, за жал, повеќе се зборува за антихристот отколку за Христа и тука се мешаат работите, дека сѐ е зло, а напротив сѐ може да биде добро, или од сѐ да го извлечеме доброто.
Секоја работа која се работи чесно и одговорно може да ни послужи за наше добро и на ближните. Чесно може да се работи и во банка, и во казино, и во кафеана, дипломатија, тоа не значи дека го поддржуваме и гревот.
Секогаш да не гледаме надворешно, дури и на црковните собитија, туку со внатрешен живот во Црквата.
Што се однесува до првото прашање, луѓето секогаш се разочаруваме кога живееме во илузии и очекувања. Родителите имаат очекувања, ние имаме очекувања, и ако се случи нешто што е спротивно што е многу веројатно, оти условите за подвигот не се во наша власт, се разочаруваме оти Бог не сме го поставиле на прво место.
Доколку сето ова во светот те обременува многу, тогаш прибегни кин тихувалиштето во манастирот, таму се живее во духовен град наспроти она што го нарекуваш световно.
Но, прво прибегни кон духовен отец.
Ти посакувам секое добро во Бога, Бог нека ти го просветли патот!