Интересно сознание..
ВРЕМЕТО СЕ ЗАБРЗУВА?

Времето лета побрзо, многу побрзо отколку порано.

Сте го забележале ли тоа?

Немаме време да прочитаме книга, да размислиме за нешто свое, не ни останува време дури ни за тоа да бидеме малку со децата и со својата сопатничка на крстосниците на овој живот.

Дека времето навистина се забрзало кажуваат научниците, но и атонските подвижници на нашите денови.

Лете, како што тоа обично бидува, одевме на село, кај баба.

Живеевме во куќичка направена од глина и дрво, речиси сосема лишени од сè она што се нарекува цивилизација.

Вечерите ги поминувавме покрај светлината на керозинска ламба, слушајќи бајки. Колку богат тогаш ни изгледаше светот полн со тајни и убавина!

Како да сум живеел во некое друго време, како да сум бил дел од друга историја, отворена за вечноста.

Сега време има сè помалку. Времето лета побрзо, многу побрзо отколку порано.

Го имате ли тоа забележано? Немаме време да прочитаме книга, да размислиме за нешто свое, не ни останува време дури ни за тоа да бидеме малку со децата и со својата сопатничка на крстосниците на овој живот.

Научниците дури почнале да го мерат забрзувањето на времето.

Иако не е лесно да се измери она што служи како мера на сè што постои. Зашто, нема таква состојба или движење во кои времето не би постоело како чувство на минливост кое тишти.

И дошле до заклучок, не се знае со кои пресметки, дека денес 24 часа поминуваат исто така брзо како што порано поминувале сè на сè 16.

Односно, веќе имаме изгубено третина од времето на својот живот или половина од она време во текот на кое се наоѓаме во активна состојба.

Но, не укажуваат на тоа само научниците.

Отците, кои се подвизуваат во пустините на Света Гора, отшелниците на нашите денови, го кажуваат истото: денес времето тече многу побрзо отколку порано, а многу е тешко тие да се обвинат за психолошка субјективност предизвикана од социјалните околности…

Се има зголемено брзината на сите процеси, но времето сепак не се има скратено – се случува спротивното од она што би требало да се очекува!

Така, наспроти сета научна логика, се испостави дека идеолозите на теоријата на напредокот се големи лажговци.

Зарем не ни сугерираа во минатиот век дека научниот и технолошкиот напредок ќе доведе до тоа машините да го заменат човечкиот труд и дека заради тоа ќе има повеќе време?

Да, машината за перење алишта денес ја олеснува работата на жената, која сега сепак многу повеќе страда заради стрес поради недостаток на време, отколку кога ги перела алиштата во река…

Некогаш луѓето се движеле забавено, полека го работеле сето она што требало да го сторат во текот на денот, во текот на сите денови на својот живот.

Денот го започнувале со утринска молитва и го завршувале со вечерна; на трпеза го кажувале

„Оче наш“ и кон ништо не пристапувале,

а прво да не се осенат со знакот на светиот крст.

Односно, човекот во секое време и на секое место наоѓал слободен момент да упати збор на Бога и за возврат во душата бил сигурен дека не е сам.

Иако неговиот живот бил тежок, со подеми и падови (таков воопшто и треба да биде животот на секого, за да може во него на нешто да се научи), му има давано чувство на полнота. Тоа било постоење кое се чувствува во сета полнота.

А сега сè се работи во трк, така што речиси цело време чувствуваме дека сме лишени од радоста на моментот, несовршени во она што го работиме и чувствуваме.

И кога човек ја обавува својата молитва (оној којшто за тоа чувствува порив), неговиот ум не е таму. Тој јури напред, се устремува во грижите на денешниот ден или секојдневието во целина.

А кога ќе се нафати за нештто, дури не му паѓа на памет дека треба да се прекрсти, затоа што веќе размислува за нешто друго – и на крајот на краиштата, тоа не се вклопува во околината. Како Бог да треба да оди по светот, да се угледа на него, а не обратно…

И така човекот останува сам. Не само заради тоа што со него веќе не е Бог, – тој ниту останатите луѓе, пријатели, браќа, сопругот или сопругата, не ги доживува блиско.

Тоа е затоа што во тркот секој има свој ритам, – со други зборови, во трката цело време гледа напред, во она што ќе биде подоцна, во надеж дека ќе дојде време да се смири.

Меѓутоа, животот брзо поминува и настапува болест, доаѓа и смртта, побрзо отколку што човек очекува, доаѓа пред оваа толку посакувана пауза, не дозволувајќи му да се смири и да се врати кон себеси, својата куќа.

Но, оваа осаменост може да се сфати и на следниот начин: брзаницата, налудничавиот ритам и неизбежната бучава на светот во кој живееме, не ни дозволуваат да ги чуеме бојазливите чекори на другиот на патеките на нашата душа.

Трчањето некако нè потиснува вон границите на сопствената душа. Зашто, на душата ѝ е потребно, исто како на детето и љубовта, човек да ѝ посвети време. Таа има свој ритам – ритам на длабоко и спокојно општење со Бог и со другите души.

Ова жените подобро го сфаќаат, затоа што подлабоко чувствуваат.

И бидејќи ритамот на смената на деновите и годините на општеството во кое живееме за долго време нè отуѓува од животот на сопствената душа, доаѓаме до тоа да се навикнуваме на оваа состојба и сè повеќе се чувствуваме како воопшто да нè нема.

Заради тоа кај нас и можат да се накалемат еволуционистичките теории. Со други зборови, забораваме од каде сме тргнале, го забораваме мајчиниот јазик на простодушната љубов, јазикот на оној пејзаж на душата, во кој би можело да се сместат толку убавини и тајни.

И често умираме меѓу туѓинци, сосема непознати, како што тоа се случува со огромното мноштво христијани, изгубени меѓу луѓето лишени од права вера, слично на еврејскиот народ, којшто за парче месо робувал кај Египќаните.

Така допуштил Бог – можеби човекот, гледајќи го материјалното као симбол, ќе сфати што се случува на ниво на духот.

Архитектите на вообичаениот пејсаж на современото општество, биотехнолозите на човештвото потчинето на машината, умислиле дека човекот може, како некое дело, да биде обработен до таа мера, што да дојде до состојба на робот, програмиран компјутер, кој оперативно ќе одговара на командите на системот.

И се нафатиле на овој проект, и речиси ја имаат доведено западната индивидуа до зададените барања. Сепак, немаат успеано до потполност да ја променат човековата природа.

Отуѓени од сопствената душа во светот на машините и информациите, луѓето страдаат, не сфаќајќи заради што. Повеќето од нив воопшто и не знаат дека имаат душа.

Како тогаш ќе можат да ја препознаат и да го сфатат нејзиното страдање?

Тие се налик на болен кого нешто го боли, кој чувствува голема слабост, вртоглавица и потполна разбиеност, но не може да му каже на лекарот од кај потекнува неговата болест.

Страдањето што го чувствуваат повеќето луѓе и коешто многумина ги присилува да се фрлаат во вирот на сите можни гревови, тесно е поврзано со ова болно протекување на времето, за кое веќе немаме трпение.

Немаме затоа што времето веќе не го мери животот со Бога – изворот на времето и животот. Тоа е мачно време, кое ни го дава мерилото на отуѓеноста, изнемоштеноста заради празното трчање.

И колку повеќе трчаме, толку поосамено се чувствуваме.

Тука почнува маѓепсаниот круг.

Зашто, колку поосамено се чувствуваме, толку потешко ни е да го поднесуваме мачниот тек на времето, кој веќе не ја наоѓа својата смисла и радост.

Така што почнуваме да јуриме во сè поголема брзаница; се криеме во работата како во песок, во разноразни обврски и грижи, а во малубројните моменти на одмор, кога остануваме насамо со самите себеси, ни станува уште потешко, и сè почнуваме од почеток.

Токму заради тоа бил смислен телевизорот – за да ја ублажи оваа неминлива самотија, којашто ја чувствуваат луѓето на денешницата, презревајќи го Бога до Негово потполно заборавање и незнаење.

Телевизорот, весниците, интернетот, сензацијата, еротиката и насилството, силните чувства, емоциите кои се прелеваат преку секоја мера – сето тоа е дадено за да нè натера да заборавиме на тоа дека нашиот живот станал прекраток и мачен.

Живееме така како да не го живееме сопствениот живот.

Ве молам, застанете за момент во оваа трка на празнината.
Треба да го пронајдеме своето изгубено време, повторно да го вратиме.

Како? Одејќи што почесто на света Литургија.

Времето на животот на нашата душа се напојува, како и сè што е создадено во овој свет, со благодатта Божја, во дадениот случај – со времето на Царството.

Обидете се тоа да го сторите и ќе видите како ќе се промени вашиот живот.

Ве молам, купувајте го своето време, стрпливо стоејќи на исповед. Зашто, гревот е главниот виновник за забрзување на времето на нашиот живот.

Бог не ни дава повеќе време, за уште повеќе да не ги продлабочиме гревовите во кои пребиваме.
Купувајте време, колку што е можно почесто заастанувајќи во текот на денот, за да изговориме:
Господи, помилуј!

Купувајте време исфрлајќи го телевизорот, не плашејќи се од тоа „што ќе речат комшиите, пријателите и роднините“!

Телевизорот е најголемиот хронофаг (голтач на времето) во целата историја на светот. Во просек, тој на човекот му јаде по 3,7 саати време дневно.

Кај старците и децата – повеќе, кај пубертетлиите помалку. Ви се чини дека е невозможно да го исфрлите?

Но, зарем не е полесно да се откажете од телевизорот, отколку да страдате заради загуба на толку драгоценото време на нашиот живот, миговите кои заминуваат и не се враќаат, времето во коешто сè уште си здрав, додека си жив?

Дали некогаш сте виделе среќен човек кој гледа телевизор?

Или имаме заборавено и воопшто не сакаме да знаеме што значи среќа? Тогаш ја заслужуваме својата судбина…

Треба повторно да го пронајдеме времето, како некогаш да станеме чувствителни за несреќата и болката на пријателот, роднината, комшиите и луѓето на улица – а најмногу чувствителни за гласот на сопственото срце,
толку тажно, толку сирото, како да сме умреле во туѓ крај,
погребани во грижите и проклетите задоволства на живуркањето, лишено од Бога.

Ве молам, немојте овие зборови да поминат покрај вашите уши – зашто не знаеме уште колку Бог ќе нè трпи.

Георгије Фечору

Извор: Православие Ру

Преведе – Мина Даниловска