Велиш дека постиш? Убеди ме во тоа со делата!
А кои дела се тоа?
Ако здогледаш сиромав, подај му милостина.
Ако се најдеш со својот непријател, смири се со него.
Ако здогледаш на улица убаво лице, одврати го својот поглед од него.
Значи, не само да постиш со стомакот, туку и со очите, слухот, и со рацете и нозете, и со сите членови на своето тело.
Рацете нека постат воздржувајќи се од секаква алчност и кражба.
Нозете нека постат така што нема да одат по патеките на гревот.
Очите нека постат така што нема страсно да се загледуваат во убавите лица, ниту, пак, со завист ќе гледаат на добрата кај другите луѓе.
Велиш дека не јадеш месо. Но, чувај се со похотливите очи за да не го голташ она што го гледаш околу себе. Пости и со слухот, не слушајќи оговарања и сплетки.
Со своите усни и јазик пости, воздржувај се од грди зборови и шеги. Каква ни е ползата ако не јадеме месо и риба, а ги гриземе и јадеме своите ближни.
Свети Јован Златоуст
Уздата за страстите е постот, а умртвувањето на страстите е молитвата со милостина. Чувај се од она што е спротивно на добродетелта. Зашто, ако постиш, но и безумно се смееш, лесно ќе се сплеткаш.
Од многу храна умот станува груб, а доброто воздржание го очистува умот. Оној што му угодува на стомакот се труди и се грижи за тоа како да го наполни својот стомак со јадења, а кога ќе се најаде – се мачи да ги свари. Воздржанието, пак, е пропратено со здравје и бодрост.
Молитвата и постот се прекрасни. Нив ги укрепува милостината, бидејќи е речено: Милост сакам, а не жртва (Ос. 6, 6).
Свети Ефрем Сирин
Сметај го постот за оружје, молитвата за ограда, а солзите – купел. Страшливиот војник трепери од звукот на трубата што наговестува борба, а стомакоугодникот од навестувањето на почетокот на постот. Лебот на постот е добар зашто во него го нема квасецот на сластољубието.
Свети Нил Синајски
Не треба да веруваме дека нам, за постигнување на совршенството на срцето и чистотата на телото, ни е доволен само постот што се состои од воздржување од видливте јадења.
Не, нему треба да му го придодадеме и постот на душата. Зашто и таа и има свои штетни јадења…
Секоја похот и блуд на непостојаното срце е паша на душата на своевидното пасиште што ја храни со штетни јадења, и која ја прави непричесна на Небесниот леб и тврдата храна.
Воздржувајќи се` од сето тоа во нашето свето постење, сразмерно на своите сили, ќе го направиме корисно и доброплодно и држењето на телесниот пост.
Зашто подвигот на телото што е соединет со скрушеност на духот претставува најпријатна жртва на Бог: тој во чистите и убаво украсените скривалишта на срцето ќе изгради живеалиште достојно за Неговата светост.
Меѓутоа, ако ние, постејќи телесно, сме уловени во мрежата на најпогубните душевни страсти, истоштувањето на телото нема да ни донесе никаква полза.
Свети Јован Касијан
МПЦ ОА (Од преданието на светоте отци)