12.Можеби некој ќе рече дека помислите не се важна работа. Тие се многу важни, а еве ви и докази од Светото писмо. Јов принесувал жртви за своите деца, велејќи:

„Можеби синовите мои згрешиле и Го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови“ (Јов 1,5).

Ако помислите беа неважни и ако за нив не сме одговорни, зошто за мислите на своите деца Јов жртви принесувал? За лоши мисли биле осудени и оние што биле со Кореа; казнети биле затоа што имале лоши мисли. И нашиот Господ Исус Христос прељубната мисла ја нарекол прељубодејство, желбата за жена – ја нарекол блудство, гневот – убиство, а омразата – човекоубиство.

За нашата одговорност и за помислите ни сведочи и блажениот Павле, кога вели дека Господ на Својот суд „ќе ги изнесе на видело тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата“ (1. Кор. 4,5). Затоа, не говорете дека помислите ништо не значат, кога желбата за гревот се смета како гревовно дело.

13. Но не треба да ги разгледуваме само мислите, туку и нашите гревовни расположби. И земјоделецот од она што го сее в земја сѐ не никнува, така и умот наш сее во волјата, но не се прифаќа сѐ и не се одобрува сѐ. Од она што никнало од земјата земјоделецот бара плод; и Бог бара сметка за сѐ што е одобрено и што нашата волја слободно го примила.

14. Луѓето што постапуваат телесно апостолот ги нарекол душевни, а оние што постапуваат противприродно ги нарекол телесни. Духовни се оние што и самата природа ја преобразуваат во дух. Бог ги знае и природата и силите на секого од нас. Он го сее Своето слово во нив и бара дела според нивната мерка; Он проникнува натприродно во душата и духот, во природата и во слободната волја, без да извршува насилство врз нашата слободна волја.

Ако човекот се задоволува со она што е природно, Бог не бара одговор, зошто Он ѝ ја одредил мерката на природата и ѝ поставил закон. Но, ако слободната волја бива победувана од природата, тогаш бара одговорност за ненаситноста и за нарушување на Божјиот закон.

15.Го мразам гревот, но живеам во страстите; се откажувам од беззаконијата; но без да сакам му се покорувам на задоволството. Јас му ја потчинив мојата природа на гревот и тој, откако ја поткупил мојата слободна волја, прави насилство над мене.

Како река ме заплискуваат страстите, затоа што умот мој го соединив со телото и не можам да ги разделам. Брзам да ја изменам мојата слободна волја, но претходната моја состојба ми се противставува во ова. Се обидувам да ја ослободам мојата душа, но ми попречува мноштвото на моите долгови.

Ѓаволот е лош заемодавач; никогаш не напомнува долгот да му биде вратен. Тој дава штедро, а не напомнува за враќање на долгот. Сака само да нѐ зароби, а долгот не го бара; ни позајмува затоа што сака да богатееме во страстите, па затоа она што ни го дал, не дава да му го вратиме.

Јас сакам долгот да му го вратам, а тој кон стариот долг и нов ми додава. А кога го принудувам да го земе, тој и нешто друго ми дава, за да се види дека му давам од она што ми позајмил. Со нови долгови ме натоварува, зашто дотогашните страсти ги уништува со други, кои дотогаш не биле.

Се чини дека стариот долг е платен, а ме вовлекува во нови страсни обврски, воведува во мене нови пожелби. Ме тера да молчам за моите страсти и да не се исповедувам, убедувајќи ме да се стремам кон нови страсти, кои како да не се вредни.

Свикнувам со страстите што дотогаш сум ги немал и, расејуван од нив, доаѓам во состојба: претходните страсти да ги заборавам. Склучувам договор со оние што дошле однадвор и одново станувам должник. Се приврзувам кон нив како кон пријатели и оние шо ми дале заем – пак стануваат мои господари.

Јас сакам да се ослободам, а тие одново роб за продажба ме прават. Брзам врските да ги разврзам, а со нив се врзувам. Се трудам да се избавам од војувањето под знамињата на страстите; но поради нивното засилување и нивните дарови, станувам управител на нивниот дом.

16.Ох, нека се оддалечи од мене ова робување на змијата! Нека се оддалечи од мене власта на страстите! Да го нема во мене овој застарен грев. Он ми дал и заложби, за умот мој да го купи; телото го измамувал, за да му ја дадам душата нему да му служи.

Ја грабна младоста, за разумот да не знае што станува; несовршеното расудување кон себе го приврзал и преку него, како со верига железна, го држи неоддалечениот ум; а, ако тој сака да избега, не го пушта; го држи врзан.

Гревот умот го заградува и ја затвора вратата на знаењето. Страста непрестајно стражари кај раумот, за да не повика кон Бога – да не почне да се крева против телото, на кое му е предаден. Се колне дека ни малку не е лошо да се занимаваме со телото и дека за таква мала работа нема да одговараме.

Наведува пример на мноштво испреплетени помисли и нѐ уверува дека е неможно да ги подложиме на испитување, тврдејќи дека тие и не се важни; нѐ уверува дека сето тоа ќе биде предадено на заборавање. Ете, како непријателот нѐ задржува и врзува, нѐ врзува со измами и со лаги.

17.Блажениот Павле за оној што греши рекол дека е тело (Рим. 7,14). Гревот се приводи на дело преку наведување на него, но меѓу природата и гревот посредува навиката.

И страстите се нешто што е дадено од гревот и што е примено од природата. Ова станува преку потчинувањето на душата, помрачувањето и ропството. Зашто гревот, наоѓајќи се во телото, владе над умот и ја совладува душата, совладувајќи ја преку телото.

Гревот го употребува телото како управител. Преку телото ја оптоварува и самата душа и станува како нејзин домоуправител, зашто задава да се изврши извесна работа и бара извештај за тоа како е извршена таа работа. Ако е потребно да употреби и тепање, тој го прави тоа преку телото.

Зашто телото го претворил во своја верига, ја држи со неа душата врзана и ја води душата како овца на колење; со оваа верига ја врзал како птица, која високо лета и како на некој силен исполин – ѝ ги отсекол и рацете и нозете.

Затоа не можам да избегам од него и не можам да си помогнам. Јас сум жив, но како мртов сум; со очите мои гледам но слеп сум; од човек станав пес; разумен, а како неразумно животно се однесувам.

18.Но јас сакам, ако ми помогне Господ, да се ослободам од оваа жална состојба. Ако Он се однесе спрема мене според големината на Својата милост, да ме избави од гревот, да ја излие врз мене Својата благодат, – само тогаш ќе можам да се спасам.

Јас сум уверен дека Бог може да го направи ова и затоа не се очајувам дека можам да се спасам. Знам дека Неговата голема милост ќе ги победи мноштвото мои гревови. Ова го велам затоа што сум се користел со ваквата Божја благодат.

Имам потреба да бидам излекуван од гревовите, кои сум ги направил по крштевањето; на Оној Кој воскреснал од мртвите не Му е неможно и од нив да ме излекува. Јас сум слеп, но Он и слепороден излекувал.

Отфрлен сум како лепрозен, но ако сакам, Он може и мене да ме очисти. Преполн сум со гревови, но од нив нема да биде спречена Божјата добрина. Он Закхеја го помилувал како достоен; и мене како недостоен ќе ме помилува.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

Подготви: Светланка Трајчева