НЕ КРАДИ – ОСМА ЗАПОВЕД (како да се преслушаме себе си, пред Исповедта)

Дали си присвојувал туѓ имот: со кражба, со насилство или со измама, со лажно напишани документи, со закинување на мерата, со наплаќање на поголема сума од пропишаната, со лажни пари, со продажба на неисправна стока.

Да не си сокривал најден предмет и си молчел за тоа?

Дали си скриел нешто украдено или самиот крадец?

Дали си се преправал дека си во тешка финансиска ситуација за да не мораш да го враќаш она што си го позајмил? Не си го одлагал ли намерно исплаќањето на долгот?

Дали на било кој начин не си му нанел штета на имотот на ближниот, на пример, со подметнување на пожар?

Дали си ги расипувал работите што си ги земал да се послужиш? Да не си губел туѓи работи?

Дали си ја избегнувал работата на работното место во приватна или државна фирма?

Дали си се преправал дека си болен за незаслужено да примаш плата?

Дали си се преправал дека си сиромашен, за да можеш да живееш на сметка на доброволни прилози, на сметка на добрите или лековерните луѓе?

Дали си се занимавал со зеленаштво? Дали си давал пари на заем со камата или со процент?

Да не си продавал стока по премногу висока цена и кога си знаел дека купувачите се во тешка положба, на пример, на сиромашните, за време на немаштина или некоја друга криза?

Да не си наплаќал скапо на ближниот некоја работа или услуга во случај на негова крајна нужда?

Да не си го задржувал исплаќањето на заработувачката на работниците?

Ако си бил на висока положба во државна или црковна служба, дали си примал мито или подароци? Да не си очекувал некој подарок за да извршил судска пресуда или за да завршиш некоја неодложна работа?

Да не си обавувал неисправно некоја работа за мито, прикажувајќи ја невистината како вистина или обратно?

Да не си под влијание на моќни и богати луѓе, си унапредувал недостојни на штета на достојните, или можеби самиот на тој начин си стекнувал одликувања, привилегии или висока функција? Тоа на некој начин е грабање на туѓите права.

Да не си грешел со светогрдие или со присвојување на црковен имот?

Да не си бил рамнодушен кон несреќните, немилосрден кон сиромашните, особено кон вдовиците и сирачињата со недавање на милостиња или со неукажување на помош на оние на кои им е потребна?

Да не си грешен во шкртоста, која му штети на твоето здравје и на здравјето на твоите домашни?

Или можеби си го трошел својот имот на претерана раскош, пијанство, коцкање и воопшто, на неуреден живот? Расипништвото е слично на кражбата.
…………….

Продажба на намирници по претерано висока цена за време на немаштина или сеопшта несреќа.

Претерано подигање на цените на стоките и услугите.

Злоупотреба на државните пари или работи.

Навика да се земаат пари на заем пари и бавно отплаќање или потполно неотплаќање на долгот.

Банкротство по сопствена вина или привидно.

Насилно задржување на туѓиот капитал или туѓиот имот што се нашле во твоите раце.

Користољубиви намери кон ближниот кој е во незавидна ситуација.

(Од „Покајание – Патот во Царството Божјо“ – Старецот Филотеј Зервакос)

Превод: Мина Даниловска

 

Претходна статијаМонасите се како светилниците!
Следна статијаШто да исповедаме ? ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕТО НА РОДИТЕЛИТЕ И ЗА ЛАЖНОТО СВЕДОЧЕЊЕ