ДВА – ТРИ ЗБОРА ЗА МИЛОСТА БОЖЈА (21.07.2018 07:47)

Денес, како и секој ден, како и секој христијанин што е свесен за своите гревови, и јас размислував за милоста Божја.

Се восхитував на несразмерноста на Божјата милост во однос на нашите гревови.

Ем грешиме, ем милоста Божја токму тогаш нѐ наградува.

Си велам во себе – што ли ќе беше ако бевме некои праведници? Како потоа да не благодариме?

Ја гледам милоста Божја и во големи работи и во „ситници“.

Денес видов човек кој така се лизна, што ако паднеше, ќе поминеше со многу тешки повреди; но некако остана на нозе; и уште се чудам – што се случи и како тоа беше можно?

Бог ги чува своите неверни верни. Ги чува и неверните, и тоа многу повеќе од нас – неверните верни.

Ние уште не сфаќаме дека по воплотувањето, Синот Божји стана Син Човечки – Богочовек Исус Христос, а со тоа и наш слуга – несразмерно повеќе од Господ.

Христос се однесува како наш најобичен слуга – Го повикуваме и доаѓа, Го бркаме од себе и Тој си оди. Без оглед колкупати тоа ќе го повториме. И никогаш не се наметнува.

Што тука не е јасно?

Зарем не е добро да имаш Господ за слуга?

Но, некои луѓе (а и сите ние понекогаш) одбираат да му служат на ѓаволот. Зошто ваков смешен избор?

И не, Бог нема да нè казни, и никогаш не нѐ казнува – каков и избор да направиме. Секогаш самите се казнуваме.

Штом нашите дела не се согласни со Неговата волја, ние свесно Го бркаме Бог од себе и остануваме без Неговата благодат.

Без Неговата благодат нашата трулежност доаѓа до израз и тогаш се појавуваат телесните болести, како прв показател дека нешто не е во ред.

Сите наши гревови, гревовите на целото човештво се како капка вода во океанот на Божјата љубов. Но, тоа не е оправдание за нашите смешни избори.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

 

Претходна статијаКоја е разликата помеѓу расудување и осудување? (На ваши писма одговара отец Горан Стојчевски)
Следна статијаСамиот Господ ќе нè научи на молитва! (Поука од Старец Порфириј)