„Им одговори Исус и рече:

’Синовите од овој век се женат и мажат; но оние, што ќе се удостојат да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, и да умрат веќе не можат, оти се еднакви со ангелите и, бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји‘.“

Овој евангелски отсечок неодоливо ме потсети и ме привлече да искоментирам нешто за монашкиот живот.

Откажувањето од овој свет требаше да биде такво што стапнувањето во манастирот требаше да биде почеток на отворањето на срцето за умно-срдечната молитва, требаше да биде влез во Царството Небесно и своевиден залог на бесмртност.

Но, не е баш така. Мислам дека целиот проблем е што туѓинувањето, т.е. откажувањето од овој свет не е екстремно – уште во самиот почеток, уште во самата намера, а Бог ја знае и нашата намера.

Очигледно многу сме поврзани со овој свет – на секој начин, и уште поважно, малкумина од нас свесно го ставаат умот во процес на исцеление преку послушание до добивање на дарот на аскетската умно-срдечна молитва.

Голем дел од проблемот е и незнаењето, т.е. немањето правилно духовно раководство, но главниот проблем е секогаш во нас – не сфаќаме дека повикот што го прифаќаме е повик за „последното место“.

Последното место значи минимум права и максимум обврски или како што вели Богочовекот Исус Христос:

„Кој ја намрази душата своја на овој свет, ќе ја запази за живот вечен“; а ние, и да не дојдеме во манастирот со некаков свој план, некако со текот на времето, не гледајќи резултати од духовниот живот, почнуваме да си организираме свој сопствен живот според свои сопствени желби, замисли и планови – во рамките на формалното послушание.

Опишаното поведение не е смрт за овој свет, односно не е екстремно откажување од овој свет, и целосрдечно прифаќање на Царството Небесно; опишаното поведение не носи воскресение и восиновување.”
http://www.mpc.org.mk/pouka.asp…