Браќа мои, молете Ѝ се на Божјата Мајка, кога ќе се подигне бурата на омразата и злобата во вашиот дом.
Таа, Себлага и Семоќна, лесно и многу добро може да ги смири човековите срца.
Мирот и љубовта доаѓаат од единствениот Бог, како од свој Извор, а Владетелката е во Бога, единствено со Бога, и како Христова Мајка на Мирот, ревнува и се моли за мир во целиот свет, односно за сите христијани.
Таа има моќ со својата рака да ги избрка од нас поднебесните духови на злобата, оние недремливи и упорни сејачи на злобата и непријателствата меѓу луѓето, и на сите, кои со вера и љубов притекнуваат под Нејзиниот моќен покров, бодро им дарува брз мир и љубов.
Ревнувајте и сами да ја зачувате верата и љубовта во своите срца; ако самите не се трудите околу тоа, нема да се удостоите со застапништвото на Божјата Мајка, за вас пред Бога; притоа бидете секогаш најупорни и благочестиви почитувачи на Мајката на Севишниот Господ, бидејќи „Достојно е навистина да Те блажиме Богородице, секогаш блажена и пренепорочна“, повеќе од сѐ останато, Застапничке на човековиот род.
Трудете се во себе да го воспитувате духот на смирението, бидејќи и самата Таа е смирена, како никој од смртните, и со љубов гледа само кон смирените.
„Ја погледна смиреноста на Својата слугинка“, ѝ рече таа на Елисавета за Господ, Нашиот Спасител.
Свети Јован Кронштатски