Изговарај ја секојдневно молитвата „Богородице Дево“ по сто и педесет пати на ден и со таа молитва ќе се спасиш.
Ова правило е устроено од Самата Пресвета Владичица Богородица наша, некаде уште во осмиот век и еден цел временски период го исполнувале речиси сите Христијани.
Ние, Православните верници одамна сме го заборавиле и занемариле, занемарувајќи го така и послушанието кон Богородица Патеводителката, Заштитничката и Радоста наша.
Свети Серафим Саровски не потсети на ова правило.
Луѓето доаѓале кај отец Серафим со најразлични и многу тешки проблеми и тој покрај краткото молитвено правило, секому му ја препорачувал „чудотворната“ молитва
„Богородице Дево“, секој ден со внимание да ја прочита одеднаш, сто и педест пати!
Секој којшто по советот на отец Серафим се држел до ова правило, му останал благодарен цел живот.
По смртта на Свети Серафим (1759 – 1833) во неговата келија (монашка соба) пронајдена е необична тетратка со описи на чуда кои се случувале како плод на оние верници кои го држеле послушанието на Богородица – Архимандрит Захариј (Старец Захариј, чудесник на љубовта – монахиња Елисавета).
Богородице Дево,
радувај се Благодатна Маријо, Господ е со Тебе,
благословена си Ти меѓу жените
и благословен е Плодот на Твојата утроба ,
зашто си Го родила Спасителот на нашите души!
ПОСЛУШАНИЕ КОН БОГОРОДИЦА
– Еден монах во Русија, откако чул за Богородичното правило, зел на себе подвиг и тајно во својата келија, секоја вечер, одеднаш ја читал со поклони триста пати “Богородице Дево“.
Со голема вера, надеж и љубов се молел на Пресвета Богородица со ангелскиот поздрав и види чудо – по извесно време Богомајката го обдарила својот молитвеник со дар на моќ да лекува многи болести и да ги открива мислите на човечкото срце. (Матеј 6, 6)
(препишано на Света Гора во 1991 година).
– Една монахиња во манастир се подвизуваше со пост и молитви, но нечестивиот многу ја мамел преобразувајќи се во светол Ангел и доаѓал да беседи со неа за разни работи.
Ѝ одговарал на секое прашање.
При исповед свештеникот ја праша како го поминува својот монашки живот?
Таа одговори: “Добро, со молитвите твои, честит оче.”
Откако чу свештеникот ваков горд одговор, се разочара и ѝ рече:
“Немој повеќе така да зборуваш, треба да си смирена сосема и ако сите доброти ги исполнуваш, треба да кажуваш дека си грешна и слично на тоа.
Но, монахињата одговори:
“Знај оче дека Ангел доаѓа од небесата и ме просветлува, затоа така реков”.
Свештеникот си спомна на Апостолското учење, кадешто говори: “И не е за чудење!
Па и самиот сатана се преправа во ангел на светлината;
(2 Кор. 11,14), па ѝ рече:
“Кога следниот пат ќе ти дојде тој ангел во посета, ти прекрсти се и веднаш почни да ја изговараш молитвата “Богородице Дево”, ако тој остане до крајот на молитвата, тоа е вистински Ангел, ако, пак, исчезне, тогаш знај дека тоа е нечестивиот искушител, сака да те измами и да те фрли во крајна беда.
Овој спасоносен совет го прими монахињата и кога повторно ѝ се јави тој ангел, таа се прекрсти и веднаш почна да ја изговара молитвата “Богородице Дево”.
Истиот момент ѝ се јави видно Пресвета Богородица, а лажниот ангел – нечестивиот веднаш исчезна како дим.
Монахињата сето тоа го гледала и од страв треперела, така што и се разболела. Долго после тоа се опоравувала.
Кога некому ќе му се јави некакво видение, јавно или на сон, веднаш треба „правилно“ да се прекрсти, а потоа да ја изговори молитвата „Богородице Дево“.
Секој теба да знае дека злите духови се претвораат (земаат облик) во ангел, секој Светител, па се претставуваат и во самиот Исус Христос.
Но, не можат да го носат „Крстот“ или да се преобразат во ликот на Пресвета Богородица, им пречи освештената икона на Богородица.
Во денешно време, разни луѓе ни доаѓаат на врата, нѐ пресретнуваат на улица итн.
Да не се расправаме со никого, туку себеси прво да се оградиме со крсниот знак, но правилно, а потоа да ја изговараме молитвата „Богородице Дево“ и ќе видите кому таквите му служат.
Зашто, ако на нивните господари им пречи оваа молитва, колку ли ќе им пречи на нивните слуги.