Бог го бара нашето срце и нашиот чист живот.
(ПОУЧНО СЛОВО ЗА СУЕВЕРИЈАТА)
„…Бог нема потреба од зејтин, лепење пари по иконите и нема потреба од ништо од нас материјално.
Да одиме кај бајачи и гледачи кои ќе ни кажат да носиме зејтин, или да отвориме Црква за здравје, тоа се глупости.
Што ќе му дадеш ти на Бог, што Бог тебе однапред не ти го дал?
Па и зејтинот што го имаш, Бог ти го дал.
Куќата во која живееш, кровот над главата, Бог ти ги дал. Телото кое го носиш, Бог ти го дал. Здравјето кое го имаш, Бог ти го дал.
Па и болеста кога ќе дојде прими ја како да доаѓа од крепката Десница Божја и кажи:
“Господи јас сум грешен човек, фала Ти што не ме снајде полошо.
Прости ми и дај ми трпение и сила со благодарност да ја носам мојата болест“.
Ако веке доаѓаме во Црква, ние треба нашите души и нашите срца да ги залепиме за Бог, не некакви пари да лепиме по иконите.
Каква врска имаат парите со Бог?
Сета наша надеж, наши стремежи,па и нашите стравови и очекувања, неизвесности, на Бог да ги предадеме, како што велиме и на Светата литургија:
„самите себе и сиот наш живот на Христа Бога да Му го предадеме” , се да му предадеме и препуштиме Нему.
Не ни требаат ни бајачи, ни гледачи , ни курбани.
Ние во Црквата имаме можност да градиме личносен однос со Бог и на Бог да му кажеме од што имаме потреба.
Или, од бесловесно животно парче месо ќе однесам дома и мислам дека сум однесол благослов некаков, или „ќе одам преспијам во манастир за здравје“ , или „ ќе појдам ќе јадам гравче за здравје“.
Никој не вели дека ќе пости за здравје или ќе поработи во некоја црква, туку се со спиење и со јадење што е поврзано.
Мора подвиг за да добиеме благослов, “дај крв , прими дух“ велат светите отци, “Умри за да живееш”.
Мора да се потрудиме, мора да претрпиме, да се држиме за светото Евангелие , за Светото предание на Црквата, оти држејки се за нив ќе имаме живот и ќе имаме благослов и се што е добро во нашиот живот.
Ве молам, подготвувајте се да се причестувате, да сте подготвени со исповед и со благослов од духовен отец за да се причестите и сите да пристапите кон Светите Тело и Крв Христови.
Бог да Ве благослови сите!
Викарен Епископ Јаков Стобиски