Љуби Го Исуса и кажувај ја непрестајно молитвата и таа ќе ти го просветлува Неговиот пат. Внимавај да не осудуваш, бидејќи заради тоа допушта Бог и да отстапи благодатта од тебе така што те остава да паднеш и да се смириш согледувајќи ги своите гревови.
Тоа што го пишуваш е во ред. Она што најпрво го чувствуваш е благодат Божја којашто кога наидува го прави човека продуховен. И сè му изгледа убаво и добро. Тогаш сите ги љуби, има умиление, солзи и топлина во душата.
Но, кога ќе се повлече благодатта, телесното надвладува и духот паѓа. Ти сепак, дури и тогаш не губи ја твојата ревност, туку постојано кажувај ја молитвата, со сила, со напор, со многу болка.
Господи Исусе Христе, помилуј ме!
И повторно и многупати исто и постојано.
И како ќе Го гледаш мислено Христа, да кажуваш
– Ти благодарам Господи мој за добрата што ми ги даде и за злото што го трпам. Слава Tебе, Боже мој, слава Тебе. И кога ќе истрпиш, пак ќе дојде благодатта, пак радоста.
Но, пак ќе дојде и искушението, и тагата, и стресот и напнатоста. Но, повторно борба и победа, и благодарност. И така ќе биде сè додека лека-полека не се очистиш од страстите и не станеш духовен така што созревајќи да стигнеш до бестрастие.
Но, бори се. Не барај добрите нешта да дојдат сами по себе.“
(Старец Јосиф Спилеот)