КОГА ЌЕ БИДЕШ ВО ТАА ЗАЕДНИЦА, ЌЕ ВИДИШ…
(Разговор меѓу протестант и православни , воден на фејсбук – автентично пренесен)
Протестант:
…зависи во кој контекст се пишува, јас секогаш Марија ја пишувам со големи букви, зашто се однесува за Марија која е во Библијата и која е реална.
Марија која Го роди Христос и која беше една прекрасна и Богобојажлива и чесна девојка и мајка.
А кога се глорифицира нејзиното име со молитви и величање упатени кон ’марија’, што во суштина не е вистинската Марија, тоа е веќе поим и замисла на религијата која го застапува учењето, што за мене има сосема друго значење.
…ако кажеме пречиста и пренепорочна, веднаш ѝ се дава значење како да е ослободена од Адамовиот грев, што не оди во прилог на Библијата, туку е во согласност на преданијата кои не се идентични со она што е дадено во единственото откровение и непогрешливиот Вечен Логос – Учење, Збор.
Православен:
…те гледам добронамерен и во душа добар човек, па во име на тоа ќе одделам од времето што сите денес сè помалку и помалку го имаме и ќе ти кажам како ние веруваме, само еднаш:
ако кажеме Пречиста и Пренепорочна, не значи дека Ѝ се дава значење дека е нешто, само по себе, посебно од целиот човечки род и дека не е наследник на последиците од Адамовиот пад,
туку тие епитети се последица на Нејзиниот подвиг да достигне совршена заедница со Бог, до толку та да Го роди и Богочовекот Исус Христос – Синот Божји, и мислам дека до тука се согласуваме.
Затоа што, ако немаме реална заедница со Бог преку Неговите несоздадени Енергии
тогаш целата наша вера е напразна и не нѐ спасува – сѐ што е соединето со Бог е спасено.
Секој друг вид на верско собирање, кое нема реална заедница со Бог е само религија – Он е таму негде, недостапен, а ние веруваме во Него, ама немаме реална жива заедница со Него.
Така примив од мојот отец духовен, така верувам и така живеам.
Ти посакувам сѐ најубаво и убав празник да имаш!
…
Инаку, негирањето на Богородица и на Христовите сведоци – светите луѓе, кои без реална благодатна заедница со Него ништо не би биле, е негирање на Библиската вистина за Неговото реално воплотување од Светиот Дух и Марија Дева и негирање на последиците од тоа воплотување. За ова треба да се размисли…
Протестант:
Значи, сите библиски личности почнувајќи од Марија… ги почитуваме и постојано ги цитираме, се угледуваме и им ги толкуваме нивните зборови кои се искажани од Светиот Дух, бидејќи Бог благоволи да проговори во соработка и преку оние кои ги повика и ги освети за одредена служба.
Меѓутоа, разликата е во тоа што не сакаме ним да им се посветиме како на божество, молејќи им се и спомнувајќи ги во молитвите како да се наши посредници.
Тоа Библијата не го дозволува, ниту пак има нешто што асоцира на тоа. Сите мои, наши молитви, како верници, ги упатуваме преку нашиот и Вашиот посредник Исус Христос, зашто е запишано дека Тој е единствен посредник како Првосвештеник Кој лично се застапи за нас и нашите.
Православен:
Велиш: „разликата е во тоа што не сакаме ним да им се посветиме како на божество“.
А ние велиме:
Тука, брате, немаме ама баш никаква разлика – тоа си требал да го знаеш, а тоа што им се молиме и нив, тоа е последица на тоа што сме во иста Заедница, која Апостолот Павле ја нарекува
Тело Христово во Библијата, и бараме помош од нив – што е многу нормално, но тие не се наши суштествени посредници, бидејќи Бог во Христос ни дарувал лично да Му се обраќаме и молиме – без никакви посредници. Кога ќе бидеш во таа заедница ќе видиш…
Протестант:
…секое барање помош од нив кога не се помеѓу нас би било изедначување со улогата на Исус Христос и Светиот Дух.
Исус Христос вели,
„каде се двајца-тројца собрани во Мое Име таму сум и Јас посред нив“.
Тоа укажува дека Неговата посредничка Улога е Единствена и незаменлива, зашто другите, Марија, Павле, Петар, Јован итн., не се во состојба и немаат божествена моќ да Го заменат Христос и да станат наши посредници.
Тоа уште за нивниот телесен живот го потврдија дека не смее човек ним да им се обраќа како на повисок ранг од другите.
Таков пример е Јован во однос на ангелите и Корнилиј во однос кон Петар – Дела на апостолите 10 глава.
Православен:
Но, тие не се наши суштествени посредници бидејќи Бог во Христос ни дарувал лично да Му се обраќаме и молиме – без никакви посредници.
Кога ќе бидеш во таа заедница ќе видиш…
Помошници, реков, не – посредници, што е нормално во секоја нормална заедница.
Протестант:
Тоа што велиш „не се наши суштествени посредници“ не одговара на реалната слика на она што се практикува.
Зборовите треба да бидат пропоратени со делата. Значи, во никој случај во ниту една молитва не би требало да се помолиме на некоја библиска личност, освен на Исус Кој е Бог и пред светот и по светот.
А зборовите наши помошници и посредници се истозначни ако ним им се молите, зашто тој или таа е помошник, кој посредува како помошник, што во суштина тоа не постои, не е можно, апсурдно е некој да биде помошник или посредник како помошник за твојата лична или било каква потреба. Тоа е дадено право и Улога само на Посредникот Исус Христос.
Православен:
Види, сега, размисли малку. Убаво разбирам на што си чувствителен и затоа читај ме внимателно.
Ти нагласив дека нема тука никакви суштествени посредници со што сакав да ти дадам до знаење дека, според нас, никој не стои помеѓу нас и Бог, и затоа додадов дека нема посредници.
Но помошници има.
Зошто би бил во заедница со некого?
Самиот збор заедница и самиот факт на заедница, претпоставува помош, претпоставува однос, инаку нема заедница.
Еве и ангелите, како дел од нашата Заедница ни помагаат.
Колку, пак, повеќе Онаа Која Го роди Богочовекот Исус Христос, или колку, пак, светите луѓе кои пострадаа за Него можат да ни помогнат, за да се спасиме и поверуваме таквите како јас и ти?
Мило ми беше што поразговаравме, но треба да привршиме – како што и денот привршува.
Пиши уште нешто, колку да имаме тема за размислување и јас и ти, па мислам дека за сега е доста.
Лека ноќ. И ангелот чувар нека ти помогне.
Протестант:
Еве, …Д. вели, „бараме да Го помолат Бога за нас“.
Токму тоа е мојата чувствителност што ја изразувам во овој миг. Ако можете Вие да ме разберете дека доколку му се помолиш на еден таказови (наречен светец), тогаш тој е поставен пред Исус, а тој или таа светец или светица, нема божествена моќ да ја послуша молитвата.
Добра ноќ.
Православен:
…А. зборува за религија – каде што Бог е горе негде а ние овде долу без никаква заедница со Него, а вие таму зборувате за Заедница каде што вие заедничарите со Бог преку неговите несоздадени Енергии и меѓу себе.
Ок, за почеток и тоа е добро за
А. Ангелот чувар нека го пази.
Протестант:
Двапати беше нагласено да ме чува Ангелот чувар, но подобро би било Бог да ме чува како што Мојсеј велеше „
не ангел да ме води со овој народ, туку Ти Господе води ме“.
Значи, не се повикувајте постојано на ангели чувари или на луѓе како водачи вон овој свет, туку на Бог Такото, Синот и Светиот Дух, Кој е (наши) наш сигурен Водач и Пазител..
+++
Мина, убава дискусија беше ова.