Монашки потсетник – Послушание
Единствената причина заради којашто живееме токму во манастир се потребните услови кои ова место ни ги овозможува за полесно да го внесеме паднатиот ум, преку распнување на разумот, во делотворен процес на исцеление.
Послушанието и молитвата се распнување на разумот, на логиката од овој свет – некогаш волно, некогаш неволно, а најчесто аскетски; соодветно на оние кои сè уште ги ослободуваат своето срце и својот ум од страстите.
Подвигот од надворешен, лека-полека, преминува во свесен и слободен, внатрешен.
Послушанието е верба и доверба во Бог, не во човек.
Духовниот отец може да биде или инструмент, или личен патеводител, или верен сведок на Божјата волја. Што и да е, неопходен е.
Туѓинување
Туѓинувањето е неопходен подвиг на апсолутно
одрекување од светот, којшто трае сè до добивањето на
дарот на умносрдечната молитва. Апсолутно е апсолутно.
Гробот на мртовецот може кој сака да го посети, но
мртовецот не излегува од гробот, освен ако не го чуе
гласот на Господарот свој. Времето е кратко.
Можност за покајание секогаш има, но многу потешко можеме да се ослободиме од големата идеја за самите себе после примањето на големиот ангелски образ (или на свештеничкиот чин) отколку пред доаѓањето во манастир.
Кој сфати – сфати. Кој исполни – исполни. Кој промаши –
навистина промаши.
Молитвен подвиг
Оној што е во послушание, секогаш е и во молитва. И обратно.
И спротивно. Молитвата на просветлениот е чудотворна.
Совршениот, пак, нема молитва.
Давање
Севкупниот христијански живот е давање. Подвигот во секоја добродетел е давање.
Молитвата е давање.
Причестувањето со Светите Тајни е давање.
Односот кон секој човек е давање. Ако другиот ни возврати со давање, да Му благодариме на Христос заради нашата остварена заедница во Него, во Црквата; а ако не ни возврати, да Му благодариме на Христос заради нашата сличност со Него. Нашиот однос кон Бог е давање.
Само на тој начин ќе познаеме колку Он, веќе, целосно
ни се дал, во домостројот на спасението.
Извадок од книгата „Не знаете од каkов Дух сте“
Митрополит Наум