„Реално простување се случува кога се молиме за оној што нѐ повредил (или заради високото мислење за самите себе, што најчесто е така, мислиме дека нѐ повредил);
кога не го озборуваме, судиме и осудуваме тој што нѐ повредил; и кога на дело му помагаме, му чиниме добро и на секој начин гледаме како да се простиме и смириме со оној што нѐ повредил.
Но, како простувањето и барањето прошка да ни стане освестен подвиг, а не само подвиг кој го правиме со вера и послушност кон Евангелието?
Станува освестен подвиг кога ќе осознаеме дека критериум на нашата вина е Богочовекот Христос и Божјата правда, а не човекот и човечката правда.
Што значи тоа во пракса?
Кога некој ќе нè повреди, ние во тој момент не размислуваме за оправданоста или неоправданоста на неговата постапка туку нашето внимание е свртено кон тоа дали нашите мисли, зборови и дела во тој момент се согласни со Христовите или не!?
Дали во мојот ум и срце се случува истото тоа што и во Христовиот ум и срце при таков случај?
Дали постапувам исто како и Христос што постапува со оние што го повредуваат? …“
Митрополит Наум (извадок од беседа)