Ава Исак Сирин вели:

„Милостиво срце е срце што гори за целото создание – за луѓето, птиците, животните, демоните и за секое создадено суштество, и со самото видување или присетување на нив, од очите на милостивиот човек се леат реки солзи.

Од силната и пламена милост што му го опфатило целото срце, и од неговата голема сострадалност, срцето му се смирува и тој не може да поднесе да чуе или да види какво било ранување, или најмала жал кај созданието.

Поради ова, со солзи постојано принесува молитва дури и за бесловесните ѕверови, за непријателите на вистината и за оние што го повредуваат, како и за влекачите, за и тие да бидат згрижени и помилувани; неговото срце е преисполнето со таква милост каква што го исполнува срцето на Бог“ .

Всушност, сострадалноста што светиите ја чувствуваат за Божјите созданија не е пасивно сочувство како кај будистите, туку е активно земање учество во болката на нивните ближни.

Ава Агатон, на пример, сакал да најде лепрозен човек за да може да му го даде своето здраво тело, а тој да го земе болното тело на лепрозниот.

На крај, болката секогаш ќе остане тајна, тесно поврзана со човековата безгранична слобода.

Сега оваа тајна е само делумно откриена и „во наше име“ од други. Кога очите конечно ќе ни се отворат, ќе видиме многу појасно…“

 

„Луѓето што се во болка честопати изговараат едно мачно прашање: 

„Зошто, Господи, зошто?

Мислам дека не постои човечки одговор на ова прашање. Има само еден одговор:

Бог зеде учество во нашата болка на Крстот Христов.
Ние веруваме во распнат Бог, што значи Бог Кој беше понижен, навредуван и мачен.

На џамијата на Омар, во Ерусалим, го има следниов натпис:

„Никој да не изрече хула дека Бог има син“.

Не многу далеку оттаму се издига ридот на Голгота, каде што Божјиот Син страдаше за сите нас.

Не се срамиме да кажеме дека веруваме во Бог Кој стана Човек, Кој беше распнат и повторно воскресна, во Бог Кој, од безмерна љубов, зеде учество во нашата болест и ја зеде на Себе нашата смртна и страдална плот за да нѐ направи бесмртни.

Би било невозможно да се верува, да се сочувствува и да се прифати еден недостапен, затворен и саможив Бог.

Еднаш, една студентка ми рече:

„Му се восхитувам на Сократ што прифатил смрт со философска безропотност, но Го љубам Христос зашто умрел со човечка смрт“.

Да не го заборавиме Христовиот крик:

„Боже мој, Боже мој, зошто Ме остави?“

Божјите луѓе земаат учество во чувствителноста што Бог ја има кон болката што ја чувствува секое Негово создание, и самите тие страдаат кога нешто лошо или тажно ќе им се случи на Божјите созданија.

 

Претходна статијаПочеток на индиктот, односно на Новата година!
Следна статијаБРАКОТ Е ВРСКА НА ЕДНАКВИТЕ!