Свети Ефрем Сирин
4. За добродетелите и за страстите
1.Треба да знаеме дека човекот е двоенː дека се состои од душа и од тело и дека има и двојни чувства. Има пет чувства душевни и пет чувства телесни.
Мудреците душевните чувства ги нарекуваат сили на душата. Тие сеː умот, разумот (расудувањето), мислењето (смислата), вообразбата и чувствувањето.
Телесните чувства или сетива сеː видот, мирисот, слухот, вкусот и допирот. Оттаму произлегуваат двојните добродетели и двојни пороци. И за секој е многу потребно јасно да знае кои се душевните и телесните добродетели, а кои се душевните и телесните страсти.
Душевни добродетели
2. За душевните добродетели се вели дека ги има четири. Тие сеː храброста, благоразумноста, целомудрието и справедливоста.
Од нив се раѓаат следниве душевни добродетелиː верата, надежта, љубовта, молитвата, смирението, кротоста, великодушноста, трпението, добротата, негневливоста, богопознанието, нераздразнувањето, поростотата, кротоста, нелицемерноста, правдољубивоста, слободата, одвратностаː од осудувањето, од славољубието, од самоволството, од гордоста, од зависта, од подмолноста и од среброљубието, како и сочувството, милосрдноста, дарежливоста, почитта, побожноста, стремежот кон идните бесмртни блага, желбата за Божјото царство и посиновувањето од Бога.
Телесни добродетели
3. Телесните добродетели, за кои може да се каже, дека тие, преку знаењето за Бога – стануваат орудија на добродетелите и, ако им се туѓи на лицемерноста и угодувањето на луѓето, го водат човекот кон напредување во смирението и бесстрасноста. Тие сеː воздржувањето, постот, гладувањето, жедта, бдеењето, сеноќното стоење, коленичењето, воздржувањето од капење, задоволувањето само со горната облека (хитонот), јадење сува храна, воздржување од храна, пиење само вода, спиење на гола земја, сиромаштија, немаштија, немање желба за богатење, истоштеноста, незагриженоост за облека, несамољубивост, осамување, безмолвие, неизлегување од ќелијата, задоволство со малку, молчеливост, рачна работа, секое самоизмачување и секој телесен подвиг.
Сето ова, кога е телото здраво и кога нѐ измамува со телесните страсти, многу е потребно и корисно, а кога е телото болно и немоќно, или кога, со Божја помош, успеало да ги победи страстите во себе, тогаш сето ова не е толку потребно, зашто сето тоа го извршуваат светото смирение и благодарноста.
Душевни страсти
4. Душевните страсти сеː заборавањето, мрзливоста и незнаењето. Овие три страсти го помрачуваат духовното око, односно умот, кој паѓа под господството на другите страсти, какви што сеː нечесноста, кривоверството (ересите), хулењето, раздразнителноста, гневот, лутината, избувливоста, омразата, паметењето на злото, клеветата, осудувањето, неразумната жалост, стравот, неслогата, зависта, славољубието, гордоста, лицемерноста, лагата, неверувањето, неблагоразумноста, неразбирливоста, недалекувидноста, ненаситноста, љубовта кон богатеење, мрзливоста, пребирањето, пристрасноста, приврзаноста кон земното, унинието, малодушноста, неблагодарноста, мрморењето, самопофалбата, самоувереноста, распалувањето, надуеноста, барањето првенства, човекоугодувањето, подмолноста, бесрамноста, нечувствителноста, ласкањето, потајноста, подбивањето, нерешителноста, согласување со гревот поради страст, непрестајно помислување на гревовите, талкање на помислите, самољубието – мајката на се што е лошо, среброљубието – коренот на сите пороци и страсти и лукавството.
Телесни страсти
5. Телесните страсти сеː чревоугодието, прејадувањето, раскошот, пијанството, тајното јадење, разни видови сластољубие, блудот, прељубата, распуштеноста, нечистотијата, крвосмесништвото, блуден грев со дете, скотолоштво, лоши пожелби и сите неприродни и срамни страсти, кражба, светотатство, разбојништво, убиство од завист или од неразумно раздразнение, секое телесно успокојување, задоволувањето на телесните желби, особено кога телото е здраво, кражбите, баењето, гледањето, претскажувањето, украсувањето, лекомисленоста, изнежнетоста, страста кон раскош, мачкањето на лицето,распуштеноста, играњето комар, приврзаноста кон светските задоволства, угодувањето на телото, запуштеноста на умот, што го прави земен и сличен на неразумните животни, не давајќи му (на умот) да погледнува кон Бога и да се грижи за добродетелите.
А коренот на сите зла и, како што рекол некој, првата причина на сѐ сеː сластољубието, славољубието и среброљубието, од кои се раѓа сѐ што е лошо.
Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II
Подготви Светленка Трајчевска