ЉУБОВ ВО СЛОБОДА И СЛОБОДА ВО ЉУБОВ

Или сме слободни, или постои некаква „судбина“.

Двете не одат заедно.

Ако некаква „судбина“ претходно ни одредила што сѐ ќе ни се случи во животот, тогаш не постои слобода.
Ни вистински живот.

Секако, судбина нема, а слобода има. Таа е личен печат на нашиот Праобраз во нас и затоа можеме да ја познаеме. И да бидеме живи.

Да, слобода – со неа сме како богови, без неа сме како програмирани машини.

Верување во некаква „судбина“, а не во слобода, наметнуваат тие што сакаат да управуваат со нашите животи, а „судбина“ прифаќаат само малодушните.

Ние, христијаните, сами и слободно управуваме со нашите животи, затоа си ја сакаме, си ја чуваме и се бориме за слободата.

Кога веќе имаме слобода сами да одлучуваме што ќе правиме во нашиот живот, тогаш и самите сме одговорни за истиот.

Но, слобода без љубов би била анархија, распад. Затоа е речено:

„Љуби и прави што сакаш“. Но, ако ти вистински љубиш, нема да правиш зло, во својата слобода.

Слободата е, пред сѐ, внатрешна состојба – слобода од страстите, која негде внатре во нашето срце се поистоветува со љубовта. Тоа е слобода што никој (и ништо) не може да ни ја одземе.

Нема љубов без слобода, ниту слобода без љубов.
Затоа љубовта е давање, а не барање. Оној што ба

ра нешто од другиот ја губи слободата. И љубовта.

Вистинската слобода и вистинската љубов немаат почеток и крај.

А даруваната вистинска слобода и даруваната вистинска љубов, кои се слободно и љубовно прифатени, можат да имаат почеток, но никогаш нема да имаат крај – стануваат беспочетен бескрај.

Затоа е речено: „Вие сте богови“ (Јован 10, 34).

Бог е исто што и Личност – слобода и љубов во Заедница.

И вистински Живот.

Љубовта и слободата се светлина за нас. И темнината нема да ги опфати…`

Претходна статијаМаченички етос е да ги љубиш непријателите!
Следна статијаКако се `случува` покајанието? (А. Блум – прв дел)