Си се распнал заради мене, за да ми бидеш извор на спасение;
си бил прободен во ребрата, за да ми источиш капки на живот;
со клинци си бил прикован та, гледајќи ја длабочината на Твоите страдања,
да ја познаам висината на Твојата сила и да Ти пеам:
Животодавче Христе, слава на Твојот крст и на Твоето стрдање, Спасителу.
Принесена е најголемата жртва поради човечкиот грев. Извршено е најужасното недело! Невиноста и светоста се распнати на крст; благоста и добрината со копје се прободени; љубовта и милосрдието цинично се исмеани; праведноста и чистотата се приковани на срамен столб.
Еве го крстот на кој е распнат Богочовекот.
Човечката злоба и човечкото злосторничко владеење го извршија тоа најсрамно дело.
Пратејќи го сведоштвото на евангелската историја со ужас слушаме за насилствата извршени над Христа Спасителот и за адските маки на кои бил изложен.
Духот ни се згрозува и душата трепери, срцата се кинат од болка-додека ги слушаме евангелските известувања за Христовите страдања.
Но што би станало ако бевме и ние лични сведоци на сето тоа?
Дали би можеле да ја издржиме таа страшна и потресна глетка?
Оној што се облекува со Светлина како со риза, необлечен стоеше на судот и по образот прими удари од рацете што ги создаде: беззаконите луге на крст го приковаа Господа на славата: тогаш црковната завеса се раздра, сонцето се помрачи, не можејќи да го гледа понижувашето на Бога, пред Кого трепери сё што е создадено:
Нему да Му се поклониме.
Смирено да паднеме на колена пред крстот, на кој злобата го распна нашиот Спасител, и низ солзи да му вознесеме топла молитва:
„Господи Исусе Христе, какви ужаси поднесуваш поради нас!
Нашите души стојат пред Твојот голготски крст; но тие се измачени, јадосани и скршени.
Срцата ни се потиштени и треперат; тие се стегаат од болка, гледајќи Те Тебе на крстот, а Ти си љубов и светлина.
Господи, човечката грешна рака го изврши тоа грозно дело. И сега таа грозна глетка ги парализира сите наши чувства. Но таа глетка едновремено и нè охрабрува, оти веруваме де ка Ти ги прифати тие маки на крстот за да не препородиш и да не спасиш.
На Твоето маченичко лице гледаме како свети љубовта. Низ многу векови таа љубов зрачи со своја смирувачка светлина среде светскиот мрак.
Дозволи таа светлина да се пробие и во нашите души, да ги облагороди нашите срца и да го осветли нашиот живот.
Господи, се поклонуваме пред Твоето распетие, со наполно сознание за нашата немоќ и грешност. И со сета сила на нашата вера, од длабочината на нашата вознемирена душа Ти се молиме:
прости ни ги гревовите, излеј ја Твојата семоќна благост врз нас и во нашите срца утврди ги верата, љубовта, правдата и милосрдието.
Господи, зачувај не од зли мисли и зли дела, та со набожност и чистота да се поклонуваме пред Твоите страдања и да го славиме Твоето спасоносно име”.
Амин.
Пренесено од Бигорски манастир