МНОЗИНА СЕ ИСПОВЕДААТ, НО МАЛКУМИНА ОД НИВ СЕ КААТ (2)
– Монах Мојсеј Светогорец
…За исповедта постојат општи упатства, но духовното раководство кое секоја душа го бара е потполно индивидуална работа. Секоја личност е без преседан, со посебна психосинтеза, со поинаков карактер, со различен потенцијал и можности, ограничување, тенденции, толеранција, знаење, потреба.
Со благодатта Божја и со Божјо просветлување исповедникот мора да ги распознае сите овие карактеристики за да би може да ѝ помогне на личноста да се исповеда на најдобриот можен начин.
Од време на време ќе биде потребна и благост, додека во некои прилики исповедникот ќе мора да биде и строг.
Иста работа не може да се примени на секоја личност. Исповедникот не треба да биде строг за луѓето да зборуваат дека тој е таков. Исто така, не треба секогаш да биде и претерано попустлив за да биде биран за духовен отец од многумина.
Она што од него се бара е страв Божји, разборитост, чесност, понизност, расудување, разбирање и молитва.
Епитимијата не е секогаш потребна. Таа не е наменета за казна. Епитимијата е едукативна по природа. Епитимијата не е дадена да ја намали нанесената навреда кон Бога, ниту пак, да излеземе помалку грешни пред лицето на Божјата правда. Тоа е потполно еретичко учење.
Епитимијата обично се применува при лажно покајание, со намера да се разбуди свеста за големината на некој грев. Според Православното учење, гревот не е толку престап на законот, колку што е недостаток на љубовта кон Бога.
„Имај љубов, па прави што сакаш“ – имал обичај да каже блажениот Августин.
Законот се спроведува со цел на завршеток на покајанието, поради што отец Атанасиј од Метеори знае да каже:
„Како што исповедникот нема право јавно да каже нечиј грев, така и личноста над која се спроведува одреден канон не смее да говори за тоа.
Исповедникот е посредник помеѓу оној кој се исповеда и Бога. Во текот на исповедта, тој не се однесува кон оној што се исповеда како психолог или научник. Тој се однесува како свештеник, како искусен лекар, како грижлив отец.
Кога ги слуша гревовите, тој во исто време го моли Бога правилно да го посоветува оној кој се исповеда и да му го даде најдобриот лек. Исто така, го моли Бог да го просветли и да го процени степенот и квалитетот на исповедта.“
Исповедникот не треба да исповеда со претерана љубопитност, сомнеж, завист, со доза на надмоќ, не смее да биде рамнодушен, непромислен, невнимателен и уморен да слуша.
Понизноста, љубовта и вниманието на исповедникот значително ќе му помогнат на оној кој се исповеда.
Исповедникот не треба да бара премногу, ниту пак да поставува непотребно индиректи прашања.
Особено треба да го прекине секое детално исповедување на гревовите (особено оние телесните), па дури и откривањето на имињата на соучесниците, како би се заштитил самиот себеси.
Исто така, личноста која се исповедува не треба да се плаши, да се колеба или да се чувствува непријатно да ги исповеда своите гревови; треба да чувствува почит, да има доверба и да го уважува исповедникот.
Оваа клима на заемно почитување и доверба мора да биде инспирирана и развивана од страна на духовникот.
Нашата Света Црква е Тело Христово. Таа е голема болница за заздравување на нежните од гревови изнаранети души, место за лекување на раните кои ни ги нанеле отровните демонски замки и страсти.
Нашата Црква не е филијала за општествени дејноси, ниту пак се натпреварува со установите за социјална работа. Секако, таа не ја оспорува добрнамерноста и значењето на овие институции како и фактот дека таа не ги нуди овие услуги обилно, зачудувачки, чудесно.
Црквата е дарител на живот, на избавување и спасение на верните преку нивното учество во Светите Тајни.
„Епитрахилот на свештеникот е инструмент“ како што знаеше старецот Пајсиј да каже „кој го зајакнува човекот; тоа е хирушки скалпел кој ги отсекува страстите. Наменет е за служба на луѓето, нуди лекување и спасение.“
Бог го користи свештеникот за да му прости на човекот. Тоа е очигледно наведено во отпусниот благослов, односно разрешителната молитва:
„Бог нека ти ги прости сите твои согрешенија, а јас недостојниот свештеник, со дадената ми од Него власт, ти простувам и те ослободувам од сите твои гревови – во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух. Амин.“
Гревот кој не е исповедан и понатаму ќе го оптеретува човекот, дури и во идниот век.
Гревовите кои се веќе еднаш исповедани, не треба повторно да се исповедаат. Тоа би значело дека човекот не верува во благодатта на оваа Света тајна.
Господ ги знае сите гревови, но поради простувањето, скрушеноста и вистинската духовна терапија, востановил дека треба гласно да се искажат на исповедта.
Според Св. Никодим Светогорец:
„Исповедта е вербално дејство каде што се откриваат лошите дела, зборови и помисли, без срам пред духовниот отец.“
Овој Богоизбран светител објаснува кратко и јасно, дека признавањето на гревовите треба да биде своеволно и без напор духовникот што повеќе да „извлекува“ од човекот кој се исповеда.
Исповедта не е празен збор, туку чиста свест за тоа колку сме го повредиле и растажиле Бога со своите гревови. Не треба на исповедта да покажуваме претерана сентименталност, а уште помалку лицемерие и малодушни солзи.
Вистинското покајание подразбира внатрешен колапс, омраза кон гревот, љубов кон добродетелите и благодарност кон Бога – Дародавецот на секое добро.
Вистинската исповед подразбира одговорност, без обиди за оправдување, извртување, измама, без претставување на себеси како жртвено јагне, со искрено чувство на сопствен срам и самопонижување кои со себе ги носи таканаречената „радосна тага“ или „радосна ожалостеност“.
Дирекната исповед подразбира признавање на гревовите со потполна искреност, директно и прецизно, срчано и смело.
Честопати се случува во текот на исповедта лицето да избегнува да ги признае своите грешки. Својот пад и слабостите се обидува да ги оправда преку многуговорливост, со предолги описи како да сака да го оттргне вниманието од неговото дело на одговорност, ја искривува вистината, дури и ги обвинува другите – сето тоа заради зачувување (дури и во моментот на исповедта) на своето супер его.
Исповедта „без срам“ е приказ на нашето вистинско лице.
Добро е да имаме срам, но пред да го извршиме гревот, а не после тоа.
Велат дека срамот што го чувствуваме во текот на исповедта ќе нè ослободи од срамот на Страшниот суд, бидејќи за сите оние гревови кои свештеникот ќе ни ги разреши нема да бидеме повторно судени.
Директното признавање на гревовите подразбира да бидеме јасни, конкретни, искрени, со одлука веќе никогаш да не ги повторуваме гревовите кои сме ги исповедале.
Според тоа, исповедта мора да биде една континуирана практика за да не ги засилуваме страстите во нас, туку на таков начин брзо да ги искоренуваме.
Старите гревови нема во потполност да се отстранат од нашата меморија, туку сеќавањето на нив ќе биде повод за редовно самопрекорување, самоследење, самонабљудување, самосвест за нашата гревовност и чувство на срам.
Божјата милост нема да отстапи, а демонските замки ќе биде многу полесно да се избегнат; сеќавањето на смртта нема да изгледа толку страшно…
(Од новиот број на Троичник)