Како да го смирам немирот што ме гризе?

Верник сум. Живеев во молитва, пост, причест со благослов на отецот веќе со години.

Мајка сум на едно девојче и во неколкугодишен брак со човек кој не го познавав кратко   пред бракот. Верував дека ќе биде тоа убава приказна, мала домашна црквичка како што се вели.

Набрзо започнаа да паѓаат маските и зад благото лице на сопругот се појави некое ново, круто, безмилосно, егоистично лице, гневен, одмаздољубив човек и сите соништа ми се срушија.

Не помина ден , а тој да не ме клеветеше, напаѓаше, обвинуваше дека сум била најголемото зло на светот. Еден единствен добар збор не ми кажа во неколкугодишниот брак. А се трудев да му угодам и него и на фамилијата негова што не ме прифати, по цена сосема да заборавам на својот карактер, на своите потреби.

Постојано беше отсутен од домот, не сакаше ниту да ме погледне во лице, ниту еден топол збор да ми упати, ниту еднаш да ме охрабри и пофали. Не споделувавме ниту една реченица муабет за било што, освен дофрлања, тешки навреди и обвинувања. Дури беше и физички агресивен.

И секогаш јас бев виновна за неговото однесување. Живеев веќе како да сум на осуденичка клупа и трпев и голтав…Но, почнав да размилсувам и за развод најпосле.

Си велев, малата расте, ќе страда набрзо кога ќе свати колку многу татко и` ја мрази мајка и`. Но, токму во тој период , неочекувано и непланирано ја добив веста дека сум пак бремена. Наместо да се радувам што моето девојче ќе има братче или сестриче, паднав во шок и постојано плачев прашувајќи се:

Како и со кого ќе расте и оваа нова душичка, во овој ли пеколен амбиент? Зошто ова ми се случува?

Борбата во мене, во мојата совест, стравот од Бога, дилемите за и против ме убиваа секојдневно речиси цел месец.

Неговиот одговор беше:

Прави што сакаш и така имаш пилешки мозок…

Таа внатрешна борба во мене никому да не се случи. Речиси кога бев одлучна дека ова бебе не треба да се роди, се случи олеснителна околност на мојата совест.

Гинекологот ми укажа дека имам циста на јајникот и дека може, ама и не мора, да се случат проблеми по моето и здравјето на плодот во текот на бременоста.

Тој момент како да ми се потсмири совеста и се убедував дека ете, јас не изигрувам Господ , туку дека постојат и објективни причини за прекин на бременоста.

Докторот остави сама да одлучам, напоменувајќи дека со контроли редовни може и се добро да заврши, но да решам сама. А јас продолжив да се измачувам со прашањето:

Детеубиец ли ке бидеш? Дали е причина за одлуката болеста или твојата одлука за прекин на бракот?

Сепак одлучив. Отидов и абортирав.

Но отогаш имам друг вид борба. Грижа на совест, несоница, себeобвинување, тага што сум направила на Бог.

Поретко одам на литургии, како да бегам да се соочам со Бога.

Зашто знам, сепак, дека мојата помисла за абортус беше пресудна, а не толку самата болест којашто можеше и да не биде фатална ни по мене ни по бебето. Знам дека Бог гледа по срце и не може да го излажеме.

Од други причини и врската со првиот свештеник кај кого се исповедав ми е прекината подолго време.

Прашањато ми е до свештеникот:

Како да се смирам? Колкав ми е гревот во овие околности?

Дали смеам да одам на литургии?

Колку време Црквата дава забрана за причест на жени кои абортирале?

ОДГОВОР НА ОТЕЦ ГОРАН СТОЈЧЕВСКИ:

Забраната за причест е две години, што не значи дека треба да отсуствувате од литургиите и да го запоставувате молитвеното правило, читањето на Светото Писмо и Житијата на светителите и најважно никако не смее да престане духовната врска со свештеникот каде што сте се исповедале.

Пред било која одлука најдобро е да консултираме со отецот, оти ние не донесуваме вистински одлуки на своја рака, оти само Бог го знае исходот кога треба да се прифати живот.

Детето е благослов Божји кој не треба да се отфрла, и кој благослов ако се прифати со благодарам, ги потполнува сите недостатоци и ако покажеме трпение сѐ ќе исправи во наша полза.

Гревот е голем, но не и неопростив доколку се исповедаме и се каеме за истиот и не го повторуваме, но ќе сведочиме на други дека абортусот е голем грев.

Исповедајте се, не ја напуштајте молитвата и Литургијата, и чекајте кога отецот ќе ви разреши да можете да се причестите.

За несоницата најдобар лек е молитвата, особено Исусовата, ѓаволот ќе ви пречи со несоница, но не го сфаќајте така туку спокојно прифатете го тоа како време за молитва.

Посетете и доктор да ви даде некои суплименти на природна база, но никако лекови кои создаваат зависност. Но, најважно е вашето покајание, и никако очај.

Не се ориентирајте дословно на тие две години забрана, туку како што споменав, чекајте благослов од отецот да се причестите барем на Велигден, и понатаму како ќе благослови.

Поздрав и секое добро во Бога.

Претходна статијаНЕ СКРШНУВАЈ НИ ДЕСНО, НИ ЛЕВО…(Свети Игнатиј Брјанчанинов)
Следна статијаДА ГИ ОСТАВИМЕ МРТВИТЕ ДА ГИ ЗАКОПУВААТ СВОИТЕ МРТОВЦИ – Александар Шмеман