СРЕБРОЉУБИЕ
Како што пишува Преп. Јован Лествичник, среброљубието е губење надеж во Бога.
Апостол Павле среброљубието го нарекува тајно идолопоклонство (Кол. 3, 5). Среброљубието, исто така, се дели на неколку видови:
скржавост, кога на човекот му е подеднакво тешко да се оддели од она што му припаѓа, како некој да му ја сече сопствената рака;
потоа, алчноста – тоа е скржавост соединета со желба за стекнување; љубов кон поседување предмети, богатство и слично на тоа.
Луѓето често штедат пари, велејќи дека тоа го прават за подоцна да имаат можност да им помагаат на други. Не е тоа така.
Најчесто, кога човек ќе заштеди пари станува бездушен и бесчувствителен, дури и кон своите пријатели и роднини.
Во Патерик се зборува за Преподобниот Евлогиј каменорезецот, кој се одликувал со немање желба за стекнување и необична добродушност.
Но, кога ненадејно се обогатил, станал суров кон сиромашните и горд во однесувањето со своите пријатели. И дури откако повторно осиромашил, тој се вратил кон својот поранешен добродетелен живот и Бог му простил.
Исто така, постои приказна за еден градинар, којшто целиот живот давал сè што би заработил на сиромашните и оние што имале потреба.
Но, му паднало на памет – „ќе си оставам нешто и себеси за црни денови“ и заштедил триесет златни парички.
И настанал црн ден – почнала да го боли и да му скапува ногата. Се обраќал на разни лекари. На своето лекување потрошил речиси сè што заштедил.
На крајот, лекарите рекле дека не се во состојба да му помогнат, дека треба да се исече ногата.
И пред да биде опериран, тој во солзи Му се молел на Бога и велел: „Господе! Прости ми што сум згрешил пред Тебе. Господе! Откриј ми заради што ми е пратена оваа казна?“
И Господ му открил низ видение: затоа што имал доверба во парите, а не во Него!
Но, заради поранешните свои добри дела, градинарот добил исцеление и следниот ден, кога лекарите дошле кај него и донеле ножеви и други инструменти за операција (било страшно и да се погледнат), па му ја разголиле ногата и виделе дека сите рани и чирови поминале и се вџашиле заради ова чудо, кое се случило на нивни очи.
Преведе М. Даниловска