Изреки од свети Антониј Велики и искажувања за него
2.Општи одговори на прашањето: што да се прави?
Оној што го оставил светот навлегува во сосем нова животна област, која, иако не му е сосем непозната, сепак си ги поставува прашањатаː
„Што да се прави? Како треба да се живее?“
На свети Антониј често му ги поставувале овие прашања.
Еве ги неговите одговори.
3. Со вакви прашања му се обратил и авва Памво, а свети Антониј му одговорилː
„Не надевај се на својата праведност; кај се вистински за некогашните гревови; зауздај ги јазикот, срцето и стомакот“.
4. Еве што уште му рекол на авва Пимен, одговарајќи на едно од овие прашањаː
„Најславното дело што може човек да го направи еː да ги исповеда своите гревови пред Бога и пред своите старци, да се самоосудува, да биде готов да го пречека секое искушение – сè до своето последно издивнување“.
5. Некој друг го прашал свети Антониј што треба да прави, за да Му угоди на Бога, а светиот старец му одговорилː
„Каде и да појдеш, имај Го секогаш Бога пред себе си – пред своите духовни очи; што и да правиш, имај за тоа потврда во Светото писмо; во какво место и да живееш, не напуштај го често. Запазувај ги овие заповеди и ќе се спасиш“.
6. На еден свој друг ученик му го дал следниов совет:
” Имај одвртност спрема својот стомак, спрема барањата на овој свет, спрема похотата и спрема човечката чест; живеј така како да не живееш во овој свет, и ќе добиеш спокој“.
7. Свети Атанасиј Вeлики пишува дека свети Антониј вака ги поучувал браќата кои доаѓале кај негоː
„Секогаш имајте страв пред своите очи; спомнувајте си за Оној, Кој дава и смрт и живот ( 1. Цар. 2, 6 ). Намразете го светот и сè што е во него; намразете го секое телесно успокојување; одречете се од овој живот, за да живеете за Бога, зашто Он ќе го побара ова во судниот ден.
Гладувајте, жедувајте, одете недооблечени, правете бденија, плачете, ридајте, воздивнувајте во своето срце; самоиспитувајте се дали сте достојни за Бога; презирајте го телото, за да ги спасите вашите души“.
8. И свети Касијан приведува еден ваков поопширен совет, што му го дал свети Антониј на еден монах:
„Монахот треба да се насочува кон духовното совршенство, не треба да се угледа само на еден од светите оци, кои успеале во тоа, зашто во никого не можат да се најдат сите добродетели во совршенство.
Еден е украсен, со знаење, друг – со здраво размислување, трет со непоколеблива трпеливост, четврт – се одликува – со смирение, петти – со воздржување, шести – со благодатна едноставност на срцето, седмиот – ги надминува другите со својата великодушност, осмиот – со милосрдноста, деветиот – со своите бдеења, десетиот – со своето молчење и трудољубие.
Затоа монахот што сака своите садови да ги наполни со духовен мед, треба да биде сличен на мудра пчела и да ја зема секоја добродетел од оние, кои најдобро ја усвоиле и ја сместиле во садот на своето срце, без да го свртуваат своето внимание на тоа што го нема кај некого, туку да ја забележат кај секого онаа добродетел, со која тој се одликува и да се трудат токму неа да ја усвојат“.
Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том I.
ПОдготви: С. Т.