Преподобен отец наш Спиридон Чудотворец епископ Тримитунтски

ВЕЧЕРНА

На Господи повикав, стихири на 6, глас 5.

Радувај се, правило на архиереите, непоколеблива тврдино на Црквата, славо на православните, извору на чудеса, неисцрпна реко на љубовта, многусветол светилнику, инструменту на Светиот Дух, божествен уму, кроток и невин, украсен со вистинска простота, небесен човеку, земен ангелу, работнику на лозјето, близок пријателу на Христа. Него моли Го, да им даде голема милост на оние што тебе те почитуваат.

Спиридоне, славо на отците, ти навистина се покажа кроток и наследник на земјата што ќе ја наследат кротките, кој со силата на твоите мудри и прости зборови и со Божјата благодат, си го поразил селукавиот и најбезумен непријател Арија, и во духот ги воздигна спасоносните и Божји учења, просветлувајќи ги јасно сите православни христијани да Го слават Единственото Слово, едносуштно на пребеспочетниот Отец, Кое на светот му дарува милост голема.

Откако ги умртви телесните страсти, со Божјата благодат воскреснуваше мртви и змија претвори во злато, и со твојата молитва го сврте текот на една надојдена река; ноќе му се јави на царот во опасност и го исцели кога му се доближи, со помош на Господа Кој славно те прослави.

Затоа твојот спомен велегласно го славиме, и почит му оддаваме на гробот со твоите свети мошти, од кои истекува божествена река на исцеленија, и милост голема.

Слава, глас 1.

Преподобен отче, мудар и блажен Спиридоне, мртвата (жена) си ја прашал како жива, заради љубовта Божја; змијата си ја претворил во злато ти, кој живееше во сиромаштија; си го сменил текот на реката, поради сострадалната љубов кон луѓето, а пред царот си застанал како лекар по Божја промисла и, како ученик Христов, воскреснуваше мртви; и верата си ја појаснил пред мноштвото собрани отци бидејќи сѐ можеш во Христа Кој ти дава сила. Него и сега моли Го, да се спасат душите наши.

И сега, богородичен или крстобогородиченː

Гледајќи го Твоето неправедно распнување, Христе, Дева плачејќи викашеː Чедо мое најслатко, како умираш неправедно, како висиш на дрвото, Ти Кој земјата си ја обесил на водите? Се моламː Не оставај ме сама мене – Твојата Мајка и Слугинка, многумилостив Добротвору.

Слава, на светиот, глас 2ː

Божествен саду на светителите, отче преподобен и мудар Спиридоне, ти се покажа со добродетелите. Поради тоа стана застапник на Црквата, ги протера началниците на ереста и Ариевото хулење соборно го отфрли на земја. Затоа, правејќи чуда со збор и дело, моли Го Спасителот, да се спасат душите наши.

И сега, богородичен, или крстобогородиченː

Гледајќи Те прикован на крсното дрво, неискусобрачната плачејќи говорешеː Слатко Чедо, зошто ме остави мене која Те родив Тебе, Светлино непристапна на пребеспочетниот Отец? Побрзај и прослави се, за да ја примат славата божествена, оние што ги слават Твоите божествени страдања.

Тропар, глас 4.

Правило на верата, и пример за кроткоста, и учител на воздржанието, те покажа пред твоето стадо вистината на твоите дела. Поради тоа, со смирение си ја придобил возвишеноста, со сиромаштвото – богатството, отче Спиридоне. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.

Или овој тропар, глас 1.

Ти се покажа бранител и чудотворец на Првиот собор, богоносен отче наш Спиридоне, затоа зборуваше со мртвата во гроб положена, и змија претвори во злато; и кога читаше свети молитви, со тебе служеа ангели, светителу. Слава Му на Оној што ти даде сила, слава на Оној што те овенча, слава на Оној што преку тебе прави исцеленија.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви: Светланка Трајчева

Претходна статијаПАТУВАЊЕ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ!
Следна статијаОтец Јаков: Да се помолиме Бог да ги вразуми оние што сè уште не сакаат да се покајат!