Отец, ќерка ми чувствува дека и е направена магија. Побожна е, пости, се причестува , посетува литургии, а сепак тоа го чувствува и страда.
Физички е здрава, нема медицински проблем, ама душевно чудни нешта и се случуваат; несоници, изгубен апетит, огромен страв, да излезе од дома на пример, со месеци не излегува. Дури и кон нас родителите чувствува одбивност, не сака да не гледа и заради тоа плаче, се обвинува и многу страда.
Молам за совет! Како да помогнеме, тешко е да гледаме како детето ни страда.
ОДГОВОР: Отец Григориј Јакимов :
Секој човек може да почувствува страв, да има несоници, да снема апетит, да плаче…но кога ваквата состојба се провлекува со недели, или месеци, години, тогаш мора да се побара помош.
Спомнавте дека пости и се причестува и оди редовно на литургија, но не спомнавте дали се исповеда, доколку не, тогаш би требало, а духовникот ќе процени како понатаму.
Според вашиот опис за нејзината состојбата сметам дека треба да се консултирате и со лекар психијатар.
А во врска со сомнежот околу направената магија, на вашата ќерка и вам би ви препорачал вашите мисли да ги пренасочите кон Нашиот Господ Исус Христос кажувајќи ја непрестајната Исусова молитва.
„Господи Исусе Христе помилуј ме грешниот (грешната)“,
и во никој случај да не помислите да одите на бајачи, гледачи или луѓе кои прават или растураат магии.
Бидејќи, под дејство на магии т.е. ѓаволска енергија, потпаѓаат оние луѓе кои се одделени од живиот живот на Црквата, кои не се исповедаат, кои не постат, не се молат, не се причестуваат редовно со Телото и Крвта Христови…
Доколку било кој, ова го направил треба да се покае и исповеда пред да се причести, бидејќи е голем грев.
(61то правило од Шестиот Вселенски собор:
бајачите гледачите и оние кои одат кај нив ги одлачува од светата Причест, т.е. од Црквата).