Пречудесни се патиштата на Божјата Промисла, кои се покажале при една посебна случка во манастирот Дохијар на Света Гора, во времето на блажениот Неофит, внук на свети Ефтимиј Дохијарски.

По смртта на свети Ефтимиј, кога почнал да ѕида нова, поголема црква посветена на свети Никола, на блажениот Неофит му недостигале средства, па почнал да Му се моли на Бога за помош. Бог му помогнал на чудесен начин.

Наспроти Дохијарскиот манастир се наоѓа полуостровот Лонгос или Сика.

Таму блажениот Неофит имал мал метох, во чија близина се наоѓала статуа од камен во облик на човек, со натпис:

„Мнозина ја удирале статуата по глава, но безуспешно“.

По некоја манастирска работа, Неофит го испратил манастирскиот послушник Василиј на полуостровот.

Еден ден, стоејќи пред статуата, Василиј се чудел на таинствениот натпис. Во тој миг изгреало сонцето, а сенката на статуата паднала на Запад.

Василиј зел еден камен, ја удрил сенката по глава и тука почнал да копа. Нашол грне полно со златници.

Василиј брзо се вратил и сѐ му раскажал на игуменот Неофит.

Игуменот одредил тројца монаси да одат заедно со Василиј за да го донесат златото.

Монасите заминале и го натовариле златото на манастирскиот брод, но на враќање им дошла помисла да го присвојат златото. Прелажани од ѓаволот, тие го врзале Василиј со јаже, му обесиле камен околу вратот и го фрлиле во морето.

Кога паднал на дното, на Василиј веднаш му се јавиле архангелите Михаил и Гаврил како две светли момчиња и тие го зеле и го пренеле во заклучената црква пред царските двери.

Следното утро, кога монасите влегле во црквата, го нашле Василиј како лежи врзан пред олтарот. Игуменот го распрашал и ја дознал чудесната случка.

Тогаш дошле и оние тројца монаси и останале вчудовидени кога го виделе Василиј жив. Игуменот ги казнил монасите, а златото го зел и ја довршил црквата, но не ја посветил на свети Никола, туку на светите Архангели.

Еве зошто Ефтимиевата стара црква во Дохијарската обител е посветена на свети Никола, а новата на светите Архангели.

Светогорски сведоштваi

Претходна статијаЈа фалам и целивам таа мудрост, со која се прославиле малите…(Св. Григориј Богослов)
Следна статијаКој не смее да се причестува?