Кој не смее да се причестува
Најпрвo да кажеме дека смеат да се причестуваат само оние кои се крстени во Светата Православна Црква, кои ја знаат и практикуваат нашата Света православна вера, односно, како што кажавме, кои постат, се молат и се исповедаат редовно и доколку го христијанизирале својот живот и добиле благослов за причест од својот духовник, тогаш смеат да се причестуваат.
Но, на големите празници, особено во четирите големи пости, доаѓаат многу луѓе кои немаат редовност и правилност во духовниот живот, не ја знаат верата, туку доаѓаат повеќе од адет. Што да се прави co нив?
По снисходење може да се причестат, но тоа треба да им биде само за почеток, како стимул за понатаму да го устројуваат правилно својот живот, да се потрудат да се поправат и во иднина да покажат добра волја и напредок во духовниот живот, но не смее да се дозволи тоа да им стане редовна пракса, затоа што тоа не е благословен начин на причестување.
Токму за таквите се говори во Евангелието, во параболата за повиканите на свечена трпеза, меѓу кои имало еден co несвечено облекло и кој бил исфрлен надвор поради тоа.
Co тој пример Господ ни покажува дека мораме соодветно да се подготвуваме за Светата Причест, за да ги добиеме благодатните плодови од причестувањето. Во спротивно, причестувањето ни станува за осуда, а не за вечен живот.
Исто така, не смеат да се причестуваат луѓето кои отпаднале од верата, односно застраниле во некоја секта или друга вера, оние кои не веруваат правилно, кои не живеат правилно, кои имаат извршено големи гревови за кои не се покајале, оние кои живеат во нецрковен брак, оние жени кои се во време на месечен циклус, мажите кои вечерта имале истекување на семе во сон, оние кои вечерта имале телесни односи и оние кои не му простиле на својот ближен за некој престап.
Откако ќе се покајат и ќе бидат отстранети сите пречки за причест, ќе можат да се причестат.
Христијанскиот живот и однесување не е само за во црква, туку и надвор од црквата, во секојдневниот живот и токму таму треба да се покажеме како вистински христијани, како луѓе кои мy припаѓаат на Христа.
Bo Светото Писмо се вели дека „по љубовта ќе не’ познаат дека сме Христови ученици” и токму тоа е нашиот главен подвиг – растењето во љубовта Божја, односно, во делотворната љубов кон Бога и кон ближните. Се’ е попусто ако го правиме без љубов или само за да не’ видат луѓето дека сме верници.
Пренесено од брошурата “Како да се подготвуваме за Светата Причест”, Повардарска епархија, Велес 2012 година