Како да ги разликуваме помислите што доаѓаат од надвор, од родените во нашето срце?

Во повеќето случаи, навлегувањето на демонската енергија е толку суптилно, што ја сметаме за дел од себеси.

Учењето што го наследивме од нашите отци ни помага, но не е доволно.

Неподносливоста и немирот што ги предизвикува некоја помисла во нашето срце е знак дека е испратена од непријателот.

Ова главно, важи за хулните помисли.

Ако не чувствуваме радост и задоволство од помислата што ја имаме во нашето срце, значи дека таа не е од Бога, туку од непријателот што навлегува во нас!

 

115.

Не е лесно да го различиме она што се раѓа во нашето срце под влијание на демонот.

До ова некој стигнува постепено, преку подвиг, со борба против страстите, што ние, чедата на Адам ги носиме во нас.

Така, лека-полека почнуваме да расудуваме, да чувствуваме дека таквата помисла, таквото движење на душата не происходи од Бога, туку од непријателот.

Таквата состојба не настанува со размислување, туку со чувство, со непосредно претчувство, исклучително истенчено и способно за разликување, што секогаш е резултат на повеќегодишен макотрпен подвиг.

Според Свети Исаак и нашиот Отец Силуан, расудувањето исто така зависи и од начинот како
Светиот Дух дејствува во нашето срце, од опитот на благодатта и на демонските напади што ни се случуваат.

Намалувањето или губењето на благодатта е знак дека помислата доаѓа од непријателот.

Спротивно, помислата доаѓа од Бога, од ангелот или од самиот Свет Дух, тогаш, кога нѐ исполнува со радост и ни дава посебен мир.

116.

Најдобро е да не им придаваме значение на помислите, туку да се вдлабочуваме во молитвата, да разговараме со Бога низ молитвата.

117.
Постојат различни начини преку кои можеме да им се противставиме на лошите помисли, да го ослободуваме нашиот дух од секоја страсна или
хулна помисла.

Првиот, што го препорачуваат Отците на црквата е покајанието.

Вториот е да го насочиме вниманието на нашето битие на нешто друго.

Кога нашата сосредоточеност кон Вистината е истрајна, непријателот престанува да биде заинтересиран и нѐ напушта.

118.

Ако страстите се силни и ако некоја страшна, жестока, грешна помисла не сака да нѐ напушти,

не ни останува ништо друго, освен да се бориме плачејќи, толку долго време колку што злиот дух настојува.

 

Пренесено од книгата „За духот и животот“ од Старец Софрониј

Претходна статијаТИ НЕ САКАШ ДА ГРЕШИШ, А ГРЕШИШ ТЕШКО..( Писмата на валаамскиот старец)
Следна статијаВиденија на Св. Андреј Јуродив