„Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ 

Што може да биде повозвишено и попосакувано од овие најутешни зборови на Спасителот, со кои Тој, упатувајќи на Светата Тајна Евхаристија, ја искажува Својата љубов, целата недогледлива длабочина на Своето милосрдие!

Ова е Тајна над Тајните, толку возвишена, што ограничениот човеков ум не може потполно да ја разбере.

Доволно е да знаеме дека преку Светата Тајна Евхаристија ни е дадено да го примаме најголемиот Божји дар, и затоа, да се трудиме да живееме според заповедите, за да можеме почесто да ѝ пристапуваме на оваа Тајна.

На древните христијани Светата Причест им била достапна секојдневно.

Таа ги зајакнува нашите духовни и телесни сили.

Исто така, таа е непобедливо оружје во борбата со невидливиот непријател на нашето спасение – ѓаволот.

Овој непријател е многу опасен.

Колку само замки поставува за да нѐ собори; со сите свои сили се обидува да нѐ фати во нив;

каде и да стапнеме, речиси на секој чекор, овој лош дух се обидува да нѐ повреди, да нѐ измами и да нѐ воведе во искушение.

Ние сакаме да правиме добро, но он нѐ наведува на зло;

сакаме да се молиме, а он ни наметнува грешни мисли, мрзливост, тежина, ползувајќи се со нашите слабости и со нашата наклонетост кон гревот.

Колку грижа, внимание и самодисциплина се неопходни за овој свиреп дух на злобата да не завладее со нас!

Многу е опасен, бидејќи е невидлив, особено итар и лош.

Против таквиот непријател мораме да користиме моќно оружје, а што може да биде посилно од Светата Тајна Причест?

Во неа е семоќната сила, затоа што со примањето на Светите Тело и Крв Христови се причестуваме со Владиката на небото и земјата, чија сила е бесконечна.

Од друга страна, таа во себе ја поседува целата моќ на нашето искупување, чија цел е победничкиот триумф над мрачното царство на ѓаволот.

Оној кој ретко ѝ приоѓа на оваа Тајна самиот се оддалечува од спасението. Секој човек со здраво расудување ја разбира оваа вистина.

Оној кој често ѝ приоѓа на Светата Причест, ја чисти својата совест со Светата Тајна Исповед и покајно ослободувајќи се од својата тага заради гревовите кои ги направил, симнува, како печат на својата душа, спасоносен страв од Бога, што го чува од повторување на гревовите.

За да го постигне ова, човекот мора да се наоружа со добри мисли и добри дела, кои ќе го чуваат од гревовите и ќе го приближат кон Бога.

Потоа, со честото причестување, трудот и добродетелите спечалуваат голема моќ, зашто се од суштинско значење за душата.

Секој знае дека со почесто повторување на нешто, во нас се втемелува навика.

Оној кој го повторува гревот, станува роб на гревот;

оној кој се стреми кон добродетелите, станува борец за верата.

Значи, личноста која често пристапува кон Светата Причест стекнува наклонетост огнено да Му служи на Господ, бидејќи вистински верува во силата на оваа Божја Тајна.

Таквиот Го слави Бога со радост и надеж, зашто верува дека Господ е негов помошник и заштитник. Тој му се предава со смирение и љубов, а Господ вистински го љуби и му ги доверува Своите небесни богатства.

 

За разлика од христијаните во првите векови, кои се причестувале секојдневно, современите христијани им пристапуваат на Светите Тајни Исповед и Причест еднаш во годината.

Од ова може да се заклучи дека, во ова наше време, побожноста ослабнала и дека ќе продолжи да се намалува и во иднина.

Понекогаш може да се слушне дека луѓето не приоѓаат кон Светата Христова Чаша, бидејќи се сметаат за недостојни.

А кој е достоен?

Никој на земјата, па дури и оној кој со покајничко срце ги исповеда своите гревови и кој кон Светиот Путир пристапува свесен за својата недостојност.

Господ, согласно со зборовите од Евангелието, вели: „Оној кој доаѓа кај мене, нема да го избркам надвор“ (Јован 6, 37).

Други, пак, толку се заробени од световната суета и не наоѓаат време да се подготват за Светата Причест, или се случува без размислување и без подготовка да ѝ пристапат на оваа најсвета христијанска должност.

Каква негрижа за толку возвишениот дар од Бога;

каква небрежност за спасението на својата душа!

Таквите во текот на целата година не можат да издвојат ниту неколку дена за својата душа, за нејзиното спасение, иако секојдневно се сведоци на неочекуваната смрт.

И затоа, нема да молчиме за оној кој недостојно се приближува до Светиот Путир.

За таквите Господ вели:

„Кој јаде и пие недостоен, осуден ќе биде, бидејќи не го разликува Телото Господово“ (1 Кор. 11, 29).

Пристапувајќи ѝ на оваа Тајна, ние велиме: „Ниту ќе Ти дадам целив како Јуда“.

Кој е тој кој на Господ Му дава целив како Јуда?

Без сомнеж, тоа е оној кој, нечистејќи ја својата совест со искрено покајание и тага заради своите гревови, ѝ приоѓа на Чашата без страв од Бога, или оној кој Му пристапил на Господ и кој со Неговите најсвети дарови бил осветен и очистен од своите многубројни престапи, па потоа, повторно, се вратил на своите грешни дела и повторно станал слуга на сатаната.

Несреќник!

Дозволете ми да ја заклучам оваа наша дискусија истакнувајќи некои од неброените благослови, кои им се даваат на оние кои достојно ѝ пристапуваат на Светата Евхаристија.

Според учењето на Црквата (Правило пред и после Светата Причест) оваа најсвета Тајна на Телото и Крвта, на оние кои достојно ја примаат, им дава:

оздравување на зглобовите и коските,

исцеление од разни болести,

сила, запазување, спасение и осветување на душата и телото.

Таа ја чисти обесчестената душа, ја заштитува од душепогубни зборови и дела и од секакво ѓаволско дејство, ѝ обезбедува заштита и помош во прогонувањето на непријателите (лошите духови), ги отстранува фантазиите, дејствијата на лошите духови, ги согорува и уништува лошите помисли и дела, ноќните фантазии на лошите духови, ја поправа и чува светоста на животот.

Помага во придржувањето до заповедите, растењето во добродетелите и совршеноста,

ги просветлува сетилата, го чува мирот на душата, ја чува верата од посрамување, дава полнота во мудроста, ги просветлува очите и срцето, дава смелост и љубов кон Бога, дарови на Светиот Дух, ја зголемува Божјата благодат, го осигурува живеењето на Бога во нашето срце, дава гаранција за идниот живот во Царството, за добар одговор на страшниот Христов Суд и гаранција дека примаме небесни благослови.

Со исчистена совест преку Светата Тајна Исповед и со искрен стремеж да го поправиме својот живот, со што почесто достојно пристапување кон овој благодатен дар, Светата Евхаристија, и примајќи ги Светите Тело и Крв Христови, ги примаме овие неброени дарови.

Примајќи го достојно овој најсвет Леб, овде на земјата, си обезбедуваме уште попотполно примање на Христос, во рајот, тежнеејќи кон вечното единство, лице в лице со Него, нашиот Творец, Господ Избавителот.

Јеромонах (Старец) Арсениј

Светогорец роден во Русија.

Стекнал углед на аскет и искусен духовен учител. Пред крајот на својот живот живеел во близина на манастирот Симонопетра, каде духовно раководел илјадници руски монаси. Се упокоил на 24 март 1846 г.

Претходна статијаПАТОТ ДО БОГА, КОЈ Е?
Следна статија“Синко, дај ми го мене срцето”!