Понатаму Господ вели:
“Затоа ви велам: немојте да се грижите за душата – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете.
Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеклото?”
Затоа ви велам. Зошто?
Затоа што богатството е многу опасно за душата. Затоа што службата на мамонот ве попречува
да му служите на Бога.
Затоа што сакам вие да бидете господари на сиот свет и над сите нешта, за кое Господ го наменил човекот при своето создавање, a не да бидете слуги на своите слуги и робови на своите робови.
Затоа нека немате големи грижи за јадењето и за пиењето и за облеката.
Потешко е телото да се создаде отколку да се нахрани и да се облече.
Па Бог, кој го направил потешкото, ќе го направи и полесното. Вашиот Отец знае што ви треба.
Неговото око постојано стражари врз вас и Неговите преполни раце постојано се протегнати кон вас.
He гледаме ли на сите страни околу себе како Создателот ги храни и ги напојува и ги облекува сите свои созданија?
Тој ги храни мравките во правот, ги храни ѕверовите во планината, ги храни рибите во водата.
Кога наидува зимата, ластовичките и штрковите ги испраќа во топлите предели каде што зиме се хранат, на мечката и наоѓа легло каде ќе ја помине зимата.
Тој ги напојува дрвјата и тревата.
Ги залева горите и ливадите. Ги мие сите растенија и цвеќиња.
Постои ли некое создание на земјата што Бог го создал и да го пуштил необлечено и голо?
Кој ги облече лавот и тигарот, и волкот и лисицата, ако не Тој?
Кој му соши облека на паунот и на гавранот, и кој и направи оклоп на желката и лушпи на рибите, ако не Тој?
Кој ѝ даде волна на овцата, и козина на козата, и чурилка на свињата, и влакна на волот, и грива на коњот, ако не Тој?
Кој ги навезе крилјата на пеперутката и наметката на стршенот и кошулата на секоја бубачка што се крие во тревата и лисјето, ако не Тој?
Кој го завитка секое дрво co кора и кој стракот од пченката толку убаво го накити?
Кој му испреде и му истка облека на цвеќето во ливадата, и тоа таква облека каква што никој од царевите на земјата никогаш не носел?
Господ, живиот Господ, што ги создаде.
Па зар тој Господ да го гледа само човекот како посинок помеѓу своите созданија?
Па зар Тој кој ги храни, ги напојува и ги облекува дивите ѕверови во планините, и тревата во полето, и бубачките во тревата – зар Тој може да го остави своето најславно создание, човекот, гладен и жеден и гол?
„Погледајте ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни. Зар не
сте вие многу поскапи од нив?”
Па кој ги храни?
Ги храни вашиот Отец небесен.
He вели нивниот Отец, туку вашиот Отец. За нив Бог е само создател, а за вас Тој е нешто повеќе – Тој е ваш Отец.
Оти вие сте ‘многу поскапи’ од нив.
Co овие зборови Христос укажува на неспоредливото достоинство на човекот над другите созданија.
He сте ли вие поскапи од птиците небесни?
Па кога сте поскапи, зар премудриот Бог ќе ги нахрани своите поевтини и поневажни созданија, а ќе заборави да ги нахрани своите најскапоцени и најважни созданија во светот, своите синови?
Впрочем, сета ваша грижа за јадењето и пиењето не ви е од никаква полза ако Бог не му ги даде своите животни сили на она co што вие се храните и се напојувате.
Оти, вас не ве храни лебот, туку Божјата сила преку лебот, и не ве напојува водата, туку Божјата сила преку водата.
Вие ништо самите од себе не можете да правите. “Кој може од вас, грижејќи се, да му додаде еден лакат на својош раст?”
Односно, кој од вас може, преку илјадници грижи, да направи телото да му порасне за една педа повеќе?
И кој од вас може за една педа да го продолжи времето на својот живот на земјата?
Царот Давид вели:
„Господи, ете, Ти си ми дал дни колку една педа” (Псал. 38, 5).
He умираат ли и тие кои многу јадат и пијат како и тие кои малку јадат и пијат?
И не умираат ли побргу лакомите отколку испосниците?
И дали тие кои многу јадат и пијат растат во височина за една педа повеќе од другите луѓе?
Па кога не можеш co сета своја грижа за јадење и пиење да му додадеш на своето тело една педа во височина, ниту пак можеш да го продолжиш својот живот за една педа од времето на земјата, остави ги одвишните грижи за телото и посвети ѝ грижа на душата, co која, по распаѓањето на телото, ќе појдеш пред Бога.
„Зошто се грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив.”
Најпрвин Господ укажал на птиците, за co нив да ги посрами тие кои многу се грижат за храната. А сега покажува на уште пониски Божји созданија, на цветовите во полето, за co нив да ги посрами тие кои многу се грижат за облеката.
Но
зошто Господ укажува на кринови, а не на некои други цвеќиња, кои од Господа се облечени во не помала убавина отколку криновите?
Прво, затоа што криновите co својата белина, која претставува чистота, се издвојуваат од сето друго цвеќе во полето.
Тајновидецот Јован го видел Синот Божји на небото како бело јагне и многу народ (народ на праведниците) облечен во бели облеки (Откров. 7, 9-15).
A второ, затоа што Господ сакал да ja спореди убавината на тој цвет co царот Соломон, за кој се вели дека co големо задоволство се облекувал во бели облеки.
Господ, пак, криновите ги споредува co Соломон затоа што тој бил најбогатиот и најславниот цар од старото време.
И ете, мудриот и богатиот цар Соломон, покрај сите свои грижи и залагања што поубаво да се облече, не можел да се облече толку убаво, како што може Бог да ја облече бесловесната трева во полето.
Значи, сета човечка грижа не може да го постигне тоа што може Бог co својата сила.
„Па, ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни?”
Иако кринот е толку убав, ете, тој сепак не е ништо друго од обична трева, која денес цвета, а утре во оган се фрла.
Зар Бог толку грижливо ќе ја облекува полската трева, која е неподвижна, бесловесна и нема, а вас ќе ве остави да одите голи?
О, маловерни, запаметете, колку повеќе се грижите вие самите за себе, толку помалку Бог се грижи за вас!
И уште еднаш Господ ја повторува заповедта, да не се грижиме што ќе јадеме и што ќе пиеме и во што ќе се облечеме.
Ја повторува затоа, за да не одвои од непотребните и одвишните грижи кои го затемнуваат нашиот духовен видик, го заслепуваат нашиот ум и не оставаат во темнината на овој свет, во рацете на еден лош господар, оддалечени и отуѓени од Бога.
„Кога имаме храна и облека, co тоа да бидеме задоволни”, вели апостол Павле (1. Тим. 6, .
Тоа значи, кога имаме тоа што ни е најпотребно – а за тоа Бог се грижи ~ да не бараме повеќе од тоа, оти грижата за утрешниот ден и за одвишното на крајот ќе нѐ турне во служба на ѓаволот.
И самиот Господ нѐ поучува во молитвите од Бога да бараме само насушен леб, под кој се подразбира и духовниот леб, co кој, всушност, луѓето живеат.
Да не бараме од Бога никаква раскош или отповеќе за нашето тело.
„Oти сето тоа и незнабошците го бараат.”
Тоа значи: тие кои не знаат за вистинскиот Бог и за неговата неограничена моќ и љубов, ниту за вредноста на бесмртната човекова душа, ниту за убавината и сладоста на Божјото царство и неговата правда – тие бараат повеќе отколку што им треба.
И Бог им дава според нивната желба, и ништо не им останува должен, ниту во овој ниту во оној живот.
Сета своја плата тие ја примаат тука на земјата, како и птиците небесни и полското цвеќе.
Оти сета слава на небесните птици се состои во нивниот земен живот и сета убавина на полското цвеќе е моментална убавина во времето.
Ho за своите синови Бог подготвил царство небесно уште од почетокот на светот и неискажана слава во тоа царство.
Значи, славата на човекот не е содржана во јадењето и пиењето и во облекувањето.
Оти, ако беше во тоа славата на човекот, човекот би бил илјадапати подобро и нахранет и напиен и облечен во овој живот од сите други созданија на земјата, во воздухот и во водата.
А токму затоа и самиот цар Соломон во сета своја слава полошо е облечен од полските кринови, за да видат луѓето дека нивната слава не е во раскошните облеки, туку во нешто позначајно и потрајно, за да ги одвратат своите очи и своето срце од преодната слава во овој свет и за себе да ја побараат онаа слава која им е и наменета и ветена од Бога.
„Ho барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде.”
Тоа значи да не барате конци од Оној кој може да ви даде царска облека и да не барате питачки трошки од масата на Оној, кој сака да ве постави на својата царска трпеза.
Тој е цар, а вие сте негови синови. Барајте го она што им доликува на царските синови, она што некогаш сте го имале, a поради гревот го изгубивте.
Барајте богатство кое молците не го јадат, и ‘рѓата не го расипува, и крадците не го крадат. Ако се удостоите да го добиете најважното, покрај него, без сомнение, ќе го добиете и најнезначајното.
Барајте го царството Божјо, во кое самиот Бог стои на престолот и царува (Псал. 102, 19), царството на благодатта и на секоја правда, во кое ‘праведниците ќе светнат како сонце’ (Мат. 13, 43) и каде што нема болест, ниту плачење, ниту воздишки, ниту смрт. He
бидете како блудниот син, кој, откако се оддели од својот татко, посака да јаде свинска храна.