ЗА ПОСТОТ:
Свети Јован Лествичник вели:
“Постот е отфрлување на се она кое го засладува и го полни стомакот, тој го гаси телесниот пламен, ги треби лукавите помисли,
ослободува од нечисти сонови,
ја чисти молитвата, го храни умот,
го чисти нечувствителното срце,
тој е врата на душевната сладост, радосно смирение, кочница на многузборувањето,
стражар на непослушноста, здравје на телото,
разрешување на гревот,
врата на рајот, небесна наслада…”
* * *
Свети Јован Лествичник го прашал прејадувањето:
“Кажи ми, мачителу на сите луѓе, како влезе во нас?
Што предизвикуваш во нас?”
Тоа одговорило:
“Како се обидуваш да се ослободуваш од мене кога телесно сум врзан за тебе?!
Влегувам преку желбата за потреба од храна, а причина е навиката.
Основа на мојата страст е долговремената навика, душевното невнимание, заборавот за смртта.
Зошто сакаш да ги знаеш имињата на моите деца?
Нивниот број е поголем од морскиот песок.
Мои првенци кои најмногу ги сакам се: првородениот мој син – блудот,
вториот е гневот на срцето,
а третиот – сонливоста, коренот од лоши помисли, бранови и нечистотија,
длабината од неискажливи гревови кои произлегуваат од мене.
Мои ќерки се:
мрзливоста, многузборувањето,
дрското постојано смеење,
озборувањето, наглоста,
осудувањето на ближните,
горделивоста, непослушноста, нечувствителноста, самофалењето,
љубовта за светски живот од која што се раѓаат:
нечисти мисли,
нечисти молитви,
ненадејни, брзи и лоши заклучоци,
и на крај – очајанието, како најстрашна од сите страсти.