ДЕЦАТА БОЖЈИ СЕ ПРЕПОЗНАВААТ ПО ТОА ШТО НЕ ГРЕШАТ.
(Прво соборно послание на светиот апостол Јован Богослов – глава 3)

 

1. Гледајте каква љубов ни дал Отецот – да се наречеме чеда Божји и такви да бидеме. Затоа светот не нè знае, оти не Го позна Него.

2. Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е.

3. И секој, што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Он.

4. Секој, што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие.

5. А знаете дека Он се јави, за да ги земе гревовите наши; грев во Него нема.

6. Секој, кој што пребива во Него, не греши; секој, што греши, не Го видел, ниту Го познал.

7. Чеда, никој да не ве измамува! Кој врши правда, праведен е, како што е праведен Он.

8. Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски.

9. Секој, што е роден од Бога, грев не прави, зашто семето Негово пребива во него; и не може да греши, бидејќи е роден од Бога.

10. Чедата Божји и чедата ѓаволски по тоа и се познаваат. Секој, што не врши правда, не е од Бога; а и оној кој не го сака братот свој.

11. Оти тоа е заповедта што ја чувте од почетокот – да се сакаме еден со друг.

12. Но не како Каин, кој што беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат – праведни.

13. Не чудете се, браќа мои, ако светот ве мрази.

14. Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги сакаме браќата свои; оној што не го сака братот свој, тој пребива во смртта.

15. Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен, што ќе пребива во него.

16. Љубовта ја познаваме по тоа, што Он ја положи за нас душата своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата.

17. А кој има световни блага, па кога ќе го види брата си во немаштина, та го затвори срцето свое од него – како тогаш ќе пребива во таков Божјата љубов?

18. Чеда мои, да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!

19. И по тоа познаваме дека сме од вистината, и пред Него ќе ги успокојуваме срцата свои;

20. бидејќи, ако срцето наше нè осуди, а колку повеќе Бог, зашто Он е поголем од нашето срце и знае сè.

21. Возљубени, кога нашето срце не нè осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога,

22. и, што и да запросиме, добиваме од Него, бидејќи ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него.

23. А заповедта Негова е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исуса Христа и да се сакаме еден со друг, како што ни заповедал.

24. И оној, што ги пази заповедите Негови, пребива во Него, и Он – во него. А дека Он пребива во нас, узнавме по Духот, што ни Го дал.

Претходна статијаДедо Наум – Свадбена облека
Следна статијаЗа благодатта