ГНЕЗДО!

Колку понекогаш мали, едноставни зборови се доволни, спонтано, од срце и со љубов изговорени, за да прозвучат како длабокоумна мудрост која тера на размислување, дури и на солза.

Денес бев сведок на дијалог меѓу двајца средовечни брачни другари.

Таа, ревносна мајка, чесна и работлива, со многудетното семејство.

Тој, градежен работник, исто така, праведлив човек, кој патем, не ја пропушта речиси ниту една неделна литургија.

Немаат свој дом и со децении живеат со преселби од едно на друго место.

Со чесен труд и пот, после три децении, беа на прагот да имаат конечно свој мал двособен стан.

На среќата ѝ немаше крај.

Ама, заради некои несреќни случувања, дали заради кражба, дали заради пропадната банка и слично на тоа, дефинитивно стигна веста дека станче, дом, нема да имаат.

Стигнавме до дијалогот меѓу нив кој ме допре, па затоа и вам ви го пренесувам.

Сопругата во очај, солзи и шок, на висок тон прашува:

„Каде е сега твојот Господ?! Цел живот се давам во кал.
Го снема сонот за моето гнездо, сакав само да имам мало сопствено гнездо …!“

Сопругот сочувствително и смирено одговара:

„Гледај, ГНЕЗДО, тоа е нашето семејство Марија.

Ако имаш семејство ете ти – гнездо.

Гнездо – се твоите деца.
За мене, ТИ си ГНЕЗДО Марија моја!

Не е важно каде ќе ја спуштиш главата на перница, важно е со кого, нели?

Не е важно каде е спремано тенџерчето со храна, туку
важни се лажиците наоколу, колкав е бројот на лажици – тоа е гнездо!

Ѕидовите на домот нема да плачат со тебе, ниту да се смеат со тебе, Марија.

Ако им зборуваш, тие, новите ѕидови, нема да ти одговарат, нема да те сослушаат и разберат.

Ако имаш семејство, фамилија – имаш ГНЕЗДО.

Гнездо е нашето семејство моја Марија!

Избриши ги солзите и погледни наоколу колкумина сме, ние, твоето гнездо!  :(“

Мина Даниловска

Претходна статијаЗА ЉУБОВТА – Св. Максим Исповедник
Следна статијаДо кога ќе бидам со вас? (Митрополит Наум)