AКАТИСТ НА ПРЕСВЕТАТА
ВЛАДИЧИЦА НАША БОГОРОДИЦА
ВО ЧЕСТ И СПОМЕН НА
ЈАВУВАЊЕТО НА НЕЈЗИНАТА
ЧУДОТВОРНА ИКОНА НАРЕЧЕНА
„БРЗОПОСЛУШНИЧКА“
Кондак 1
На Божјата Мајка и Царица, од сите родови избрана,
Која нашите смирени молитви бргу ги услишува
и од Својата света икона нам, верните, потоци исцеленија ни излева,
Ѝ принесуваме благодарно пеење:
Ти, пак, семилостива Застапничке,
кон нашиот сефален глас благоутробно приклони се
и од сите неволји избави нѐ нас, кои Ти повикуваме:
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
10
Икос 1
Ангелските хорови благоговејно Ти служат,
а сите Небесни Сили со незамолчливи гласови
непрестајно Те величаат, Богородице Дево,
како родителка на Царот на Ангелите, Христос Бог,
а ние, пак, грешните, дрзнувајќи да им се придружиме,
не умееме достојно да Те возвеличаме,
та смиреномудрено Ти повикуваме:
Радувај се, на непристапното Божество селение!
Радувај се, непрестајно ангелско удивление!
Радувај се, Трпезо света со лебот на Животот што нѐ храниш!
Радувај се, маслино благоплодна, со елеј на милост срцата наши ги помазуваш!
Радувај се, на дарови на Божјата благодат неисцрпна ризницо!
Радувај се, на чудеса непресушно течение!
Радувај се, застапничке на понижените!
Радувај се, утешителке на нажалените!
Радувај се, помошничке на бедните!
Радувај се, исцелителке на болните!
Радувај се, укрепителке на раслабените!
Радувај се, ослободителке на заробените!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 2
Владичице, гледајќи го Твоето неизмерно милосрдие
и мноштвото чуда од Тебе јавени преку Твоите свети икони,
со кои како богосветли sвезди си го украсила сиот христијански свет,
Те величаме што го возвеличи нашиот род со Твоето благоволение
и со љубов се поклонуваме на изобразениот пречист Твој лик,
повикувајќи Му на Твојот Син, Христос Бог:
Алилуја!
11
Икос 2
Богородице, откривајќи го разумот небесен,
си благоволила во Твојот земен удел – Светата Гора Атонска,
со многу чуда да се прослави Твојата икона
што Самата си ја нарекла Брзопослушничка
со гласот Божествен од неа што се јави,
за сите, водени од ваквото Твое благоволение,
со песни да Ти воспеваме:
Радувај се, милосрдие за сите нас во Христа, Мајко!
Радувај се, на Светиот Дух пребивалиште!
Радувај се, љубов Божја кон човекот пројавление!
Радувај се, на родот човечки возвишение!
Радувај се, на Бога Словото светла палато!
Радувај се, повелика од Светињата на светињите!
Радувај се, на Божественото Јагне родителке!
Радувај се, Ти ни го израсна класот на животот!
Радувај се, на нетлената храна саду сезлатен!
Радувај се, Хранителке на Хранителот на вселената!
Радувај се, оти со закрилата Твоја на спасение се надеваме!
Радувај се, оти по молитвите Твои небесно наследство очекуваме!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 3
Богородице Дево, со силата Божја дејствувајќи,
со слепило и телесно раслабување си го казнила
трпезникот
Нил од Дохијарската обител,
поради неговото неблагоговејно одење пред светата Твоја икона,
повторно да не се дрзне да Те натажи во пречистиот Твој лик,
којшто милостиво си го дарувала како залог на
благоволението Твое кон сета Гора Атонска,
та сите нејзини жители со гласови преподобни
да Му повикаат на Бога Словото, родено од Тебе:
Алилуја!
12
Икос 3
Себлага Владичице,
имајќи љубов голема кон луѓето искупени со Крвта на Твојот Син и Бог,
покајанието на трпезникот Нил милостиво си го примила
и исцеление од слепилото и раслабеноста си му дарувала,
за непрестајно да Ти служи и незамолчливи молитви да Ти принесува
пред многуисцелителната икона Твоја,
затоа вака да повикаме:
Радувај се, на Јоаким и Ана свет ластару!
Радувај се, Ти Го роди Сокрушителот4 на главата на древната змија!
Радувај се, Преблагословена меѓу жените!
Радувај се, нетлено Го роди Спасителот на душите наши!
Радувај се, девственоста и рождеството чудесно ги обедини!
Радувај се, во обете непорочно се запази!
Радувај се, на сета вселена чудо велико!
Радувај се, на сите земни родови удивление!
Радувај се, на грешните исправление!
Радувај се, на покајаните во добродетели утврдение!
Радувај се, незлопамтлива укорителке!
Радувај се, благосрдечна вразумителке!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 4
Оние што бурите житејски ги избегнаа
и во тивкото пристаниште на спасението на Гората Атонска притекнаа,
овде наоѓаат утеха благодатна и помош божествена
од светата икона Твоја, Богородице,
од неа чудесни зраци испуштајќи
и потоци на милоста Твоја обилно излевајќи.
Затоа, сите што сакаат да пожнеат спасение,
величајќи го Твоето мајчинско милосрдие,
благодарно Му воспеваат на Бога:
Алилуја!
Икос 4
Трпезникот Нил, штом го слушна гласот божествен
од светата икона Твоја, Владичице,
спозна дека Ти ќе бидеш Брзопослушничка на сите
кои со вера и љубов притекнуваат кон чудотворната икона Твоја,
и добивајќи од неа на своето незнаење вразумување
и на ослепените очи прогледување,
од дното на душата благодарно Ти воскликна:
Радувај се, со привремено укорување ги умудруваш неразумните!
Радувај се, милостиво го примаш покајанието на грешните!
Радувај се, на прав пат заблудените ги упатуваш!
Радувај се, раните гревовни благоутробно5
ги лекуваш!
Радувај се, мрзеливите со голема љубов ги разобличуваш!
Радувај се, од телесните страдања на вечните маки огнено избавуваш!
Радувај се, бранувањето на страстите го стишуваш!
Радувај се, на оние што гинат рака на помош им подаваш!
Радувај се, надеж на безнадежните!
Радувај се, утехо на страдалните!
Радувај се, ризо на бедните!
Радувај се, пазителке на сираците!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 5
Монасите од Дохијарската обител,
разбирајќи ги боговетените слова Твои, Божествена Брзопослушничке,
Ти подигнаа храм крај трпезаријата,
каде што пребива чудотворната икона Твоја, Пречиста Дево,
и сите верни ги утешува со знаците на Твојата милост,
затоа не лишувај нѐ и нас смирените,
кои прилежно Те воспеваме и
Му повикуваме на Бога, Творецот на чудеса:
Алилуја!
Икос 5
Сите монаси од Света Гора, гледајќи потоци чуда
излеани од Твојата света икона „Брзопослушничка“,
притекнаа кон неа на поклонение.
Ти, пак, Мајко Божја, секому, според потребите,
дарови на милоста Твоја обилно си му дала од чудотворната икона Твоја,
охрабрувајќи нѐ благодарно да Ти повикуваме:
Радувај се, Мајко на штедроста и милосрдието!
Радувај се, одухотворен Престолу на Седржителот!
Радувај се, на Синот Божји плот позајмување!
Радувај се, сокровиште на бессемено вневестување!
Радувај се, на Бесплотниот воплотување!
Радувај се, на човекот со Бога соединување!
Радувај се, најкопнежно видение на преподобните!
Радувај се, Божествено радование на испосниците!
Радувај се, тивко веселие на пустиножителите!
Радувај се, крепка надеж на монасите!
Радувај се, демонските полкови ги победуваш!
Радувај се, непријателите на човековото спасение ги посрамуваш!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 6
Гората Атонска ги раскажува Твоите чуда и милости,
Преблагословена Мајко на нашиот Господ,
и светло се украсува со многуте Твои чудотворни икони,
меѓу кои и од Тебе наречената Брзопослушничка,
која како полна месечина со чудесни незгасливи зраци сјае,
просветлувајќи ги душите наши со светлината на Божјата благодат
и охрабрувајќи нѐ сефално да Му повикуваме на Триединиот Бог,
Кој Тебе Те прослави:
Алилуја!
1
Икос 6
Богородице Марие, на Твојата пречиста икона блесна светлината на спасението
за сите заблудени во темнината на гревовите и страстите,
и Брзопослушничка си ја нарекла за оние
што од сѐ срце се молат пред неа со вера и благоговение,
Својата брза помош дарувајќи им ја на оние што Ти повикуваат:
Радувај се, молњо, душите што ги просветлуваш!
Радувај се, грому, соблазнителите што ги ужаснуваш!
Радувај се, на обременетите од разбрануваното житејско море
спокојно прибежиште!
Радувај се, на носените од брановите на страстите тивко пристаниште!
Радувај се, на младите во целомудрието учителке!
Радувај се, на девственоста покрову и пазителке!
Радувај се, скаменетите срца ги омекнуваш!
Радувај се, душевното студенило благодатно го стоплуваш!
Радувај се, на патот на спасението верните ги упатуваш!
Радувај се, од патиштата погибелни оние што Ти притекнуваат ги одвојуваш!
Радувај се, кај Твојот Син и Бог наша Застапничке!
Радувај се, секогаш Го умилостуваш да нѐ помилува нас, грешните!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 7
Преблага Богородице, сакајќи на сите да им ја покажеш
големата љубов Твоја кон родот христијански,
за удел Твој земната Гора Атонска си ја избрала
и во неа монашките живеалишта си ги умножила,
за да можат носените од силните бури на овоземната суета
овде да најдат тивко и угодно пристаниште кон спасение,
и со Твоето содејство да се удостојат со наследството Небесно
заедно со сите светии да Ѝ пеат на Пресвета Троица:
Алилуја!
Икос 7
Владичице, нов знак на милосрдието Твое си јавила
во чудесното прославување на Твојата света икона „Брзопослушничка“,
не само на монасите на Гората Атонска,
но и на сите православни христијани,
меѓу кои благоговејно се чествува изобразувањето на оваа Твоја икона,
за сите да Ти повикуваат:
Радувај се, Мајко на нашиот Бог!
Радувај се, во рождеството и по рождеството Дево!
Радувај се, оти Те прославуваат сите родови!
Радувај се, оти Силниот Те сотвори Величие!
Радувај се, оти Господ погледна на смирението Твое!
Радувај се, оти Царот на царевите ја посака добрината Твоја!
Радувај се, ќерко благословена на Отецот Небесен!
Радувај се, безбрачна родителке на Синот Предвечен!
Радувај се, непорочно пристаниште на Светиот Дух!
Радувај се, Тајнице на Божествената благодат!
Радувај се, украсу на вишниот свет!
Радувај се, застапничке на земниот свет!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 8
Туѓинци и дојденци сме на земјата
и, според зборовите апостолски, немаме престојувалиште,
но при кого да прибегнеме, Владичице,
во маките на странствувањето наше,
ако не при Тебе, Себлага Владичице?
Не отфрлај нѐ, Мајко Божја, не вели:
„Не ве познавам, поради вашите гревови!“,
но смилувај ни се нам, бедните и беспомошни,
и прими нѐ во вечната закрила, Покровителке наша,
за радосно во слава да Му воскликнеме на Христос, Небесниот Цар на славата:
Алилуја!
Икос 8
Владичице, за сите верни утешително е да гледаат во Твојата света икона,
на неа гледаме дека в раце Го држиш
Предвечниот Младенец Господ наш Исус Христос,
Нему боголепно Му се поклонуваме како на Творец и Бог наш,
и на Тебе, вистинската Богородица, со умиление Ти глаголаме:
Радувај се, Приснодево зарадувана со архангелското благовестие!
Радувај се, Невесто Неневестна!
Радувај се, Мајко на умната светлина,
сите души што ги просветлуваш!
Радувај се, одухотворен Престолу на Творецот на небото и на земјата!
Радувај се, кротка гулабице!
Радувај се, непорочна агнице!
Радувај се, чашо што радост црпеш!
Радувај се, неисцрпен саду на живата вода!
Радувај се, мироносице на Христовото благоухание!
Радувај се, преку Тебе злосмрдеата на нашите страсти се изгонува!
Радувај се, преку Тебе Го спознавме Синот Божји!
Радувај се, преку Тебе се научивме
да Му се поклонуваме на Триединиот Бог!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 9
Сите родови прилежно Те величаат, благословена Марие Богородице,
од Исток до Запад се воспева името Твое,
монасите своја Покровителка Те нарекуваат,
особено подвижниците на од Тебе избраната Гора Атонска,
осенета со Твоето посебно благоволение,
во неа сотвори многу чудеса
и покажувајќи богата милост кон нејзините жители,
заради Тебе благодарно на Бога да Му повикаат:
Алилуја!
18
Икос 9
Лажномудрите говорници не умеат да ја разберат
Тајната на Твојата приснодевственост, Богородице,
ниту можат да ја објаснат силата чудотворна од
Твоите икони што се излева за исцеление на немоќните
и за секаква душевна и телесна полза.
Ние, пак, православно и без сомнение како Приснодева исповедајќи Те,
верно се поклонуваме пред Твојата света икона, и вака Ти повикуваме:
Радувај се, за неверните гласу сомнежен!
Радувај се, за верните преславна пофалбо!
Радувај се, од чиста утроба Христа нетлено Го роди!
Радувај се, во Рождеството Твое
клучот на девственоста остана неповреден!
Радувај се, преблагословена Мајко и Дево!
Радувај се, препрославена Богородице!
Радувај се, на девиците величание!
Радувај се, на мајките непрестајно радование!
Радувај се, единствена непорочна и блага меѓу жените!
Радувај се, Ти Го роди ветениот Сокрушител на главата змиина!
Радувај се, паднатите прародители од древната осуда ги избави!
Радувај се, со Рождеството Твое заклучениот Рај за луѓето го отвори!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 10
Богородице, устројувајќи го спасението на Христоимените луѓе,
си благоволила Твојот земен удел, Гората Атонска,
за монашко пребивалиште да ја одредиш,
и во видение на првиот пустиножител атонски, преподобниот Петар,
си му рекла дека оваа Гора секогаш ќе биде на монасите живеалиште,
утешувајќи го со добри ветувања,
дека ќе им бидеш Помошничка и Покровителка
на сите што богоугодно се подвизуваат на неа,
давајќи им ги потребните дарови и од сите беди спасувајќи ги,
за непречено да Му пеат на Бога:
Алилуја!
19
Икос 10
Дево, цврста карпа на застапништво си
за монасите и за сите подвижници во девственост и чистота.
Затоа, Твојот земен удел, Гората Атонска,
за жените си ја направила непристапна,
за во неа без соблазни гревовни монасите да пребиваат,
полагајќи на Тебе, единствената по Бога, надеж за спасение
и вака повикувајќи Ти:
Радувај се, неовенлив цвету на девственоста!
Радувај се, полски крину на чистотата!
Радувај се, светлоносна небесна сенице
што ги осенуваш ревнителите на чистотата!
Радувај се, свитоку на Божјата премудрост
што ги умудруваш пазителите на целомудрието!
Радувај се, на монасите доброподвижници Застапничке за спасение!
Радувај се, на Гората Атонска Покров и Бедем на пустиножителите!
Радувај се, радост благодатна излеваш во срцата на богољубивите!
Радувај се, утеха духовна им подаваш на душите на нажалените!
Радувај се, воспитателке на младите, девствениците и сираците без мајка!
Радувај се, со љубовта на бесмртниот Женик
девствените хорови ги насладуваш!
Радувај се, во тешките борби при нападите
на плотските страсти крепка помошничке!
Радувај се, на монашките обители неуморна чуварке!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 11
Пречиста, не презирај го нашето смирено пеење,
од полнотата на љубовта и усрдноста што Ти го принесуваме,
и не одвраќај се од нас, осквернетите од многу гревови,
но помогни ни, Себлага Владичице,
со покајание да се очистиме од гревовната нечистотија
и да преуспееме во чистиот и богоугоден живот,
имајќи Те во сѐ за подвигоположничка и помошничка,
за да можеме достојно и праведно да повикуваме кон Господа:
Алилуја!
20
Икос 11
Твојата света икона, Богородице Дево,
со светлоносни зраци чудесни незгасливо сјае
и сиот свет благодатно го озарува,
изгонувајќи секакво непријателско дејство
со Божјата сила што од неа исходи;
затоа, ние, грешните, се радуваме,
имајќи го таквиот залог на Твоето благоволение кон нас,
и на Тебе, Брзопослушничке на молитвите наши,
благодарно Ти повикуваме:
Радувај се, Денице на незалезното сонце!
Радувај се, Зоро на невечерниот ден!
Радувај се, утрото на спасението го осветли!
Радувај се, бесмртниот Женик на човечките души Го роди!
Радувај се, богоугодно нашите желби ги исполнуваш!
Радувај се, во маките и неволјите милостиво веднаш ни притекнуваш!
Радувај се, Рају духовен, преисполнет со секоја духовна утеха!
Радувај се, од полнотата Твоја и нам капки на утеха ни точиш!
Радувај се, омарнината на нашите страсти ја разладуваш!
Радувај се, на трагателите по благодатно бестрастие усрдно тоа им го даруваш!
Радувај се, сите што живеат во целомудрена чистота силно ги љубиш!
Радувај се, во сон и виденија избраниците Божји ги посетуваш!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 12
Благодатта Божја, присутна во светата икона Твоја,
Брзопослушничка од Тебе наречена, Богомајко Владичице,
сите нажалени и обременети ги привлекува,
заминувајќи услишани од овој извор на Твојата милост и штедрост,
изобилно добивајќи од Твојата чудотворна икона, Себлага:
во маките – утеха, во искушенијата – заштита, во болеста – исцеление,
благодарно повикувајќи Му на Бога, Благодарителот:
Алилуја!
21
Икос 12
Владичице, воспевајќи ги чудесата Твои,
и великата милост Твоја кон родот христијански,
иако знаеме дека сме немоќни достојно да Те прославиме, Тебе,
почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите,
сепак, надевајќи се на Твоето ненадминливо милосрдие, Себлага,
смиреномудрено Ти принесуваме песни, пеејќи:
Радувај се, на благочестивите подвижници тивко пристаниште!
Радувај се, на безмолвниците слатка собеседнице!
Радувај се, на пустиножителите благодатна утехо!
Радувај се, на скриените Божји слуги во светот тајно вразумување!
Радувај се, на покајаните грешници со Бога измирение!
Радувај се, на Гората Атонска врховна Игуменијо!
Радувај се, пустинољубивиот Петар со Твојата посета овде го озари!
Радувај се, богомудриот Атанасиј со Твоето јавување овде го облагодати!
Радувај се, многумина Атонски преподобни со слава небесна ги прослави!
Радувај се, особена љубов кон жителите на оваа Гора пројави!
Радувај се, на нашите тела бесребрена Исцелителке!
Радувај се, на нашите души кон царството вишно Патеводителке!
Радувај се, себлага Брзопослушничке!
Кондак 13
О, Севоспеана Мајко, Брзопослушничка наречена
по Твојата света икона, Богородице Марие!
Прими го милостиво ова наше мало моление,
што усрдно Ти го принесуваме со вера и љубов,
и умилостиви Ја секогаш почитуваната Троица
да нѐ избави од огнената геена,
длабоката темнина и вечното измачување:
та со застапништвото Твое да го наследиме Царството Небесно,
и да се удостоиме со светиите да Му пееме на Бога:
Алилуја!
Овој кондак се чита трипати, а потоа Икос 1, па Кондак 1.
22
23
МОЛИТВИ КОН ИКОНАТА
НА БОЖЈАТА МАЈКА
„БРЗОПОСЛУШНИЧКА“
Moлитва прва:
Преблагословена Владичице, Приснодево Богородице, за наше спасение
Го роди Бога Словото, Кое е над секое слово, и повеќе од сите Неговата благодат ја пројави. Ти се јавуваш како море од Божествени дарови и непресушна река на чудеса, излевајќи благодат на сите што со вера кон Тебе прибегнуваат.
Припаѓајќи пред Твојата чудотворна икона, Тебе Ти се молиме, Семилостива Мајко на Човекољубивиот Владика: дарувај ни ја Твојата пребогата милост и поитај да ги исполниш молбите наши што Ти ги принесуваме, Брзопослушничке,
кои ни се од полза за утеха и спасение, и сите успокој ги. Со Својата благодат
посети ги, Преблага, слугите Твои, на болните дарувајќи им исцеление и крепко здравје, на обременетите – мир, на заробените – слобода, а на страдилните –утешение.
Семилостива Владичице, избави ги секој град и секоја земја од глад,
страдање, земјотрес, потоп, оган, меч, и други времени и вечни казни, со Твојата
мајчинска смелост одврати го гневот Божји; ослободи ги слугите Твои од душевна
раслабеност, од нападите на страсти и гревови, та откако ќе поживееме во овој
живот во секое благочестие, непречено да се удостоиме и во идниот век со вечните
блага, по благодатта и човекољубието на Твојот Син и Бог, Кому Му прилега секоја
слава, чест и поклонение со Беспочетниот Негов Отец и Пресветиот Дух, сега и
секогаш и во сите векови.
Амин.
Молитва втора:
O, Пресвета Дево, Мајко на Севишниот Господ, Брзопослушничке,
Застапничке на сите што со вера кон Тебе прибегнуваат. Погледни од небесните
височини на Твоето величие на мене, грешниот слуга, коленопреклоно што паѓам
пред Твојата света икона.
Слушни ја бргу смирената молитва на мене, грешниот,
и принеси ја пред Твојот Син. Умилостиви Го да ја озари мојата мрачна душа со светлината на Својата Божествена благодат и да го очисти мојот ум од суетни помисли, да го успокои моето страдално срце и да ми ги исцели раните, да ме
вразуми да чинам добри дела и да ме укрепи да Му служам со страв, да ми ги прости сите злодела, да ме избави од вечните маки и да не ме лиши од Своето
Небесно Царство. О, Преблагословена Богородице, Ти си благоволила со Твојата света икона да се наречеш Брзопослушничка, заповедајќи им на сите со вера кон
Тебе да прибегнуваат.
Затоа, не презирај ме и мене, нажалениот, и не дозволувај
да загинам во бездната на моите гревови. Во Тебе, по Бога, е сета моја надеж, и на Твојот покров и застапништво се предавам, сега и секогаш и во сите векови.
Амин.
За иконата на Божјата Мајка
„Брзопослушничка“
Историјата на иконата е поврзана сo светогорскиот манастир – Дохијар,
во кој првпат била пројавена благодатната сила на оваа чудотворна икона. Се претпоставува дека иконата била насликана во 10 век, за време на игуменот на Дохијарската обител, преподобен Неофит.
Околу средината на 17 век, таа се наоѓала во нишата на надворешниот ѕид, пред влезот во манастирската трпезарија.
Таму често поминувале монасите, а по послушание, блиску до иконата најчесто поминувал трпезникот Нил, навечер, држејќи во рацете запален факел,
од кој излегувал густ чад.
Еднаш, одејќи покрај иконата, тој слушнал глас:
– Оче Ниле, во иднина не приближувај се овде со запален факел и не чади го Мојот лик.
На почетокот монахот се уплашил, но потоа, мислејќи дека тие зборови ги рекол некој од браќата, брзо заборавил на случката и продолжил ноќе да поминува
покрај иконата со запален факел.
По некое време, тој повторно го слушнал истиот
глас:
– Монаху, недостоен за тоа име! Уште долго време ли така безгрижно и бесрамно ќе го оштетуваш Мојот лик!?
Слушнувајќи ги тие зборови, монахот веднаш ослепел. Покајаниот монах за миг паднал на колена пред иконата и цела ноќ, до доаѓањето на браќата, Ја молел Пресветата Дева за прошка.
Монасите, кога разбрале за чудото, во страв
припаднале пред чудотворната икона. Пред неа запалиле незгасливо кандило, а на новиот трпезник му наредиле секоја вечер да пали темјан и да кади пред иконата.
Монахот Нил, надевајќи се на големата милост на Божјата Мајка, останал покрај иконата и решил да не си оди сѐ додека не добие исцеление.
Усрдната молитва набргу му била услишана. По некое време, коленичејќи пред иконата, тој повторно го слушнал познатиот глас:
– Ниле, услишана ти е молитвата, простено ти е, и повторно се враќа видот на твоите очи. Извести ги сите браќа дека Јас сум покров, грижа и закрила на нивната
обител, посветена на архангелите.
Тие, и сите христијани, нека Ми се обраќаат во
неволјите, а јас никого нема да го оставам. На сите што со побожност ќе прибегнат при Мене ќе им бидам Застапничка, а сите нивни молитви ќе бидат исполнети од Синот и Мојот Бог, поради Моето застапништво пред Него.
Отсега па натаму, оваа
Моја икона ќе се нарекува Брзопослушничка, зашто на сите што ќе прибегнуваат кон неа, брзо ќе им се смилувам и брзо ќе ги услишувам нивните молитви.
Веста за прогледувањето на отец Нил брзо се расчула низ сите манастири на
Света Гора.
Кон чудотворната икона притекнувале монаси и од другите манастири за да Ѝ принесат благодарност на Божјата Мајка за Нејзината грижа за Света Гора.
По овој случај било востановено постојано празнување на иконата. Преминот кон трпезаријата на страната каде што се наоѓала иконата бил затворен, местото околу чудотворната икона било заградено, а од десната страна на иконата, при самата трпезарија, бил изграден параклис во чест на иконата
„Брзопослушничка“.
Оттогаш од братството се избира по еден јеромонах, кој неотстапно е покрај
иконата, наутро и навечер, за да принесува молитви и да се грижи за кандилото.
Секој вторник и четврток, пак, по вечерната богослужба сите монаси од братството
се собираат пред чудотворната икона и го пеат молебниот канон на Мајката Божја.
Копии од оваа чудотворна икона се наоѓаат во многу православни земји, од кои им се излева благодатна сила на сите што прибегнуваат со вера и скрушено срце кон
нив.
Прва икона на оригиналот од чудотворната икона се наоѓа во метохот на Дохијарската обител, во с. Сохос, во Р. Грција. Втората се наоѓа во светиот град Ерусалим, во Спасо-вознесенската обител на Елеонската Гора.
Третата се наоѓа во црквата „Свети вмч. Пантелејмон“ во Николајскиот двор, во Китај-город, Русија.
Четвртата се наоѓа во манастирот „Свети Архангел Михаил“ на Зверинце во Киев.
Петата икона, „Gorgoepikos“ (Брзопослушничка), се наоѓа во градот Струмица, Р.
Македонија.
По благоволението на Ава Григориј, игуменот на Дохијарската обител,
и неговиот заменик, отец Филотеј, еве, и ние се удостоивме со таква голема
благодат.
Верните чеда на богумдаруваната ни Струмичка епархија и нејзиниот
претстојател, Митрополитот г. Наум, имаме чест пред кого да ги пролееме нашите
солзи кога сме во неволја и нашата радост кога сме во торжество.
Во оваа прилика,
изразуваме благодарност за тој голем молитвен дар и кон благочестивите
православни христијани Ѓорѓи Лефтер Андонов од Струмица и Димитар Перпетсис
од Солун, кои несебично се залагаа и помогнаа да се овековечи овој голем дар.
Празникот во чест на иконата на Божјата Мајка „Брзопослушничка“ се слави на 9/22 ноември.
Чудото
во Дохијарската обител
Пречудесни се патиштата на Божјата Промисла, кои се покажале при една посебна случка во манастирот Дохијар на Света Гора, во времето на блажениот Неофит, внук на свети Ефтимиј Дохијарски.
По смртта на свети Ефтимиј, кога почнал да ѕида нова, поголема црква посветена на свети Никола, на блажениот
Неофит му недостигале средства, па почнал да Му се моли на Бога за помош.
Бог
му помогнал на чудесен начин.
Наспроти Дохијарскиот манастир се наоѓа полуостровот Лонгос или Сика.
Таму блажениот Неофит имал мал метох, во чија близина се наоѓала статуа од камен во облик на човек, со натпис: „Мнозина ја удирале статуата по глава, но
безуспешно“.
По некоја манастирска работа, Неофит го испратил манастирскиот
послушник Василиј на полуостровот. Еден ден, стоејќи пред статуата, Василиј се чудел на таинствениот натпис. Во тој миг изгреало сонцето, а сенката на статуата паднала на Запад.
Василиј зел еден камен, ја удрил сенката по глава и тука почнал
да копа. Нашол грне полно со златници. Василиј брзо се вратил и сѐ му раскажал
на игуменот Неофит.
Игуменот одредил тројца монаси да одат заедно со Василиј за да го донесат златото. Монасите заминале и го натовариле златото на манастирскиот брод, но на враќање им дошла помисла да го присвојат златото.
Прелажани од ѓаволот, тие го врзале Василиј со јаже, му обесиле камен околу вратот и го фрлиле во морето.
Кога паднал на дното, на Василиј веднаш му се јавиле архангелите Михаил и Гаврил како две светли момчиња и тие го зеле и го пренеле во заклучената црква пред царските двери.
Следното утро, кога монасите влегле во црквата, го нашле Василиј како лежи врзан пред олтарот. Игуменот го распрашал и ја дознал чудесната случка.
Тогаш дошле и оние тројца монаси и останале вчудовидени кога го виделе Василиј жив. Игуменот ги казнил монасите, а златото го зел и ја довршил црквата, но не ја посветил на свети Никола, туку на светите Архангели.
Еве зошто Ефтимиевата
стара црква во Дохијарската обител е посветена на свети Никола, а новата на светите Архангели.
Чудо на иконата
„Брзопослушничка“
Иконата „Брзопослушничка“ за нас е како блага Мајка. Честопати Бог ги слуша нашите молби, но не веднаш ни се смилостивува, исполнувајќи ги нашите
желби. Во таквите тешки моменти одговор добиваме од Неговата Мајка, Која вели:
„Сѐ што ќе ви рече, направете“ (Jован 2, 5). Ова покажува како послушниот Син ги исполнува желбите на Својата Мајка.
Неодамна имало еден таков случај во градот Солун. Една девојка паднала и се здобила со сериозни повреди на главата. Искусниот хирург, кога ги видел повредите на мозокот, се откажал од оперативен зафат…
„Девојката нема да
преживее до утре“ – му рекол хирургот на таткото.
Побожниот татко, чија ќерка му била единствена надеж, веднаш се упатил кон Дохијарската обител на Света Гора.
„Дојде кај нас облеан во солзи и застана пред чудотворната икона ’Брзопослушничка‘.
Сите присутни браќа сочувствуваа
со неговата болка и сите во храмот се молевме за тешко повредената девојка“ – вели отец Сергеј.
Утредента, кога хирургот ја посетил повредената девојка, бил убеден дека сѐ е завршено. Но, наместо тоа, на болничкиот кревет седелa тешко повредената девојка, која благо се насмевнала.
„Многу чуда секојдневно се случуват пред иконата ’Брзопослушничка‘.
Имаше време кога ги запишувавме сите исцеленија, но тоа е невозможно понатаму да се прави“ – вели отец Сергеј.
Всушност, Света Гора е удел на Мајката Божја.
јеросхимонах Сергеј Веснин, „Писма на Светогорците“
Што е тоа акатист
и која е неговата намена?