МОЛИТВЕНИК ПСАЛТИР – Преподобен Ефрем Сирин

Се намножија гревовите мои Господе, и непрестајно се намножуваат и нема граница на нивното мноштво. И кој ќе ме оплакува?
Или ќе се моли за мене?

Ти единствениот, Спасителу мој, подготвен на милост по благоста Твоја милосрдно погледни на мене очајниот.

Како да Те молам Владико, кога устата моја е исполнета со злословие?

Стекнав познание за вистината, а после тоа постанав убиец и клеветник.

Се препирам за ситници,
завидлив сум и суров спрема соседите,
негувам во сeбе зли мисли, немилосрден сум спрема сиромасите, гневлив, кавгаџија, тврдоглав, мрзелив и раздразлив.

Се` уште во мене делуваат лошите помисли, самољубието, стомакоугодението, сластољубието,
славољубието, гордоста,
злонамерноста, расправиите, малодушноста, непокорноста, негодувањето.

Никој и ништо сум, а високо мислам за себе.
Непрестајно лажам, а се гневам на лажливците.

Го сквернавам храмот Божји со блудни помисли, а строго ги осудувам блудниците.

Ги осудувам оние кои паѓаат, а самиот непрестајно паѓам.

Ги осудувам клеветниците и крадците, а јас сум и крадец и клеветник.

Одам со светол поглед, иако целиот сум нечист.

Со побожните се однесувам како најмудар, а неразумните ги потценувам како бесловесни.

Ако сум навреден, се одмаздувам;
ако не ми е укажано почитување, чувствувам одвратност кон оној што тоа ми го чини.

Ако од мене нешто со право се бара, започнувам расправија;

Не сакам да го испочитувам оној којшто е достоен за почит,
а самиот, иако недостоен, барам почести.

Не сакам да се оптеретувам себеси, ама ако некој мене не ме услужи, се гневам на него.
Не одам со оние коишто работат, но ако мене никој не ми помогне во работата, го клеветам.

За братот кој е во болест, не сакам ниту да чујам, а ако е здрав, тогаш му се обраќам.

Го презирам болниот, но ако сум јас болен очекувам љубов.

Поголемото од себеси, не го почитувам, а помалото го презирам.

Ако се воздржам од неразумни желби, се вознесувам.

Ако се трудам во бдението, паѓам во мрежата на непокорноста и противречењето.

Ако се воздржам во храната, тонам во расфрлањето и надменоста.

Ако сум неуморен во молитвата, ме победуваат раздразливоста и гневот.

Ако во некого видам добродетели, не го задржувам вниманието на него.
Ги презрев сите светски пријатности, но не се откажувам од нејзините суетни желби.

Кога ќе здогледам жени, ќе се зарадувам.

По надворешноста изгледам смирено, а во душата сум надмен.

Наизглед сум некористољубив, а во мислите страдам од користољубие.

И зошто да должам?

Навидум сум се откажал од светот, а на дело пак размислувам за световното.

За време на службата се занимавам со разговори, со пребирање на мисли, со суетни сеќавања; за време на трпезата се впуштам во празнословие.

Алчен сум на подароци, земам учество во туѓите сопнувања, се впуштам во погибелно соперништво.

Таков е мојот живот и толку лошо му се спротивставувам на моето спасение!

И мојата надменост и моето славољубие не ми даваат да размислам за своите рани и како да ги излечам.

Ете тоа се моите јуначки подвизи,
со такво мноштво на гревови завојува против мене непријателот; а јас бедниот над сето тоа би сакал славен да бидам како светител.

Живеам во гревови, а би сакал да ме сметаат за праведник.

Во се` ова имам само едно оправдание:
Лукавиот ме наведе на сето тоа.

Но, ниту Адам тоа не го оправда.

Уверени сме дека ѓаволот го наговори Каин, но ниту тој не ја одбегна осудата.

Што ли ќе правам ако ме посети Господ?
Никакво оправдание немам за својата немарност.

Се плашам и јас да не бидам меѓу оние коишто апостолот ги нарече „сосадови на гневот (Рим.9,22)“.
….
Преведе Мина Даниловска

Претходна статијаБесчувствителност – Митрополит Наум
Следна статијаВерно, голема е тајната на послушанието – Старец Јосиф Спилеот