Молитвата е вознесување на умот кон Бога, созерцување на Бога,
решителен разговор на созданијата со Творецот,
стоење на душата пред Него со стравопочит како пред Цар и Самиот Живот, Кој на сите им дава живот; заборавање на сѐ што нѐ опкружува заради Него, храна на душата, воздух и светлина,
нејзина животворна топлина, очистување на гревовите,
благ Христов јарем, Негово лесно бреме.
Молитвата е постојано чувство (сознание) за својата немоќ и духовното сиромаштво, осветување на душата,
предвкус на идното блаженство, ангелското блаженство,
небесен дожд, кој ја освежува, напојува и ја прави плодоносна земјата на душата, сила и моќ на душата и телото,
освежување и очистување на мислениот воздух, просветлување на лицето, веселба на духот, златна врска, која го соединува созданието со Творецот, бодрост и храброст во сите неволји и искушенија во животот,
светило на животот,
успех во делата, рамноангелско достоинство,
утврдување во верата, надежта и љубовта.
Молитвата е заедница со ангелите и светиите, кои од памтивек Му угодија на Бога.
Молитвата е поправање на животот, мајка на срцето кое се кае и солзите, силен поттик за дела на милосрдие,
сигурност во животот, уништување на стравот од смртта,
пренебрегнување на земните богатства, желба за небесни богатства, очекување на Судијата на целиот свет, општото воскресение
и животот во идниот век; засилена грижа за избавување од вечните маки, непрестајно барање милост (помилување) од Владиката,
одење пред Божјите очи,
блажено исчезнување пред претсоздавачкиот и сеприсутниот Творец, жива вода за душата.
Молитвата е љубовно сместување на сите луѓе во срцето,
слегување на небото во душата,
вселување на Пресвета Троица во срцето, според реченото:
„ќе дојдеме во Него, и во Него ќе се населиме“….
Треба да се моли заради непоколебливата и цврста увереност на срцето,
дека сѐ, и нашите души, и нашите тела, со нивната благосостојба и неблагосостојба, и целиот наш имот,
и сите ситуации во животот, ги имаме од Бога, од Неговата моќ, а не од природата, не случајно, не од нас самите.
Ако не се молиш на Бога, наскоро со срцето ќе Го заборавиш Добросоздателот, Творецот и Господ на сѐ, а со Неговото заборавање ќе западнеш во секакво зло.
Ете гледаш дека молитвата секогаш донесува суштинска полза.
Господ е толку милосрден и никогаш не се гнаси од нашата молитва, туку секого милостиво го прифаќа и она што не е совршено во неа Сам го поправа, само за да Му се обраќаме искрено и целосно да не Го заборавиме.
Затоа Господ бара од нас постојано обраќање кон Него во молитва, за нас, чедата Свои, кои подивевме од гревовите и се оддалечивме од Него да нѐ привлече кон Себе, да нѐ исчисти и да нѐ свие во прегратката на Својата љубов, за да ни покаже, дека нам секогаш ни е добро со Него.
Така и добрите родители постапуваат со своите палави деца.
Постојаната топла молитва нѐ доведува до најискреното и најцврсто уверување за бесмртноста на нашата душа и за блаженството на оној невештествен век:
зашто целата благост на молитвата човекот ја црпи од Светиот Дух; целата сила ја прима од Него, исто како и, по Неговата благост, од Божјата Мајка (Таа Која ја спасува нашата душа од беда;
успокојува, радува, оживува), од ангелите и светиите.
Старец Паисиј Светогорец