Човекот, кој Го бара Бог и кој се стреми кон заедница со Него, се наситува од Божјото присуство, според зборовите на Давид:
А јас пред лицето Твое ќе се покажам во правда, ќе се наситам кога ќе ми се покаже славата Твоја“ (Пс. 16, 15).
Односно, тој ќе се насити кога ќе го види Божјото присуство и ќе го вкуси Него.
И од опит е докажано дека човекот што има личен однос со Бог, не чувствува во себеси празнина. Благодатта Божја има чудесно својство: независно од тоа голем ли светител се подвизува за да се сретне со Бог или пак обичен човек, секој се здобива со знаење и опит од благодатта, вкусувајќи ја, доживувајќи го божественото присуство.
Независно од тоа дали човекот има многу или малку благодат, не му се јавува чувство дека има вакуум во неговата душа. Човекот што живее со Бог, ја чувствува полнотата, апсолутната полнота.
Затоа него не го влече ништо друго од што тој порано имал потреба за да ја исполни својата празнина, да го потроши времето или да го задоволи интересот.
Ние често прашуваме дали е грев ова или она.
На пример, грев ли е пушењето? Грев ли е пиењето? Грев ли е да се оди по дискотеки или … каде веќе денес одат? Дали е грев сето тоа?
Ние не можеме да одговориме на овие прашања, затоа што тоа се неправилни прашања. Ако одговориме на нив директно, тие одговори ќе бидат неправилни.
Но ние можеме да кажеме дека човекот што има однос со Бог, нема потреба од пушење, пиење или скитање по улиците за да убие време.
Тој во себеси ја чувствува полнотата, рамнотежата, и тоа го побудува да се чува себеси од сѐ непотребно што би му ја пореметило рамнотежата и среќата. Ние многу се грижиме за тоа да го исполниме својот живот со илјадници работи.
На пример, постојат луѓе кои поради празнината што ја чувствуваат во себеси ѝ подлегнуваат на манијата на купување. Тоа, секако, добро ја поддржува трговијата, но за самиот човек станува духовен проблем.
Црквата зборува за нестекнувањето: не се стреми да поседуваш што било, за да не зависиш од ништо; биди задоволен со она што го имаш; други работи не ти требаат.
Нестекнувањето се смета за главна добродетел на монаштвото – монасите не можат да поседуваат ништо. Зошто?
За да се научат да не си го засноваат животот врз потпори, за да се научат да стојат право. За да не се обеспокојуваат со тоа како да ја исполнат празнината со некакви ниски работи и отпадоци, или, според зборовите на старец Паисиј, да не собираме непотребен товар во своето срце, за потоа да биде потребно да се бара цела бригада за чистење на тоа ѓубре што си го собрал во себеси…
Митрополит Лимасолски Атанасиј